Франција ги надгледува Турција и Грција
Борбени авиони, како и воени бродови испрати Франција во реонот на источниот Медитеран, околу Кипар, откако се зголемија тензиите и се засили воинствената реторика меѓу Турција и Грција, двете членки на НАТО, а Кипар и Грција и на Европската Унија.
Францускиот претседател се одлучи на еден ваков чекор по кризата што настана во регионот околу потрагата и дупчењето на морското дно, за откривање на подземен гас, за што е веќе утврдено дека постојат големи резерви.
Бура во спорните води
Макрон побара од Турција да го запре трагањето по гасот во „спорните води“ на Средоземно Море.
Еден специјален истражувачки турски брод, кого го следат неколку воени бродови на морнарицата е испратен во мисија да најде гас, на почетокот на изминатата недела, предизвикувајќи гневна реакција на Грција.
Францускиот претседател веднаш го има известено грчкиот премиер Киријакос Мицотакис дека француските воздушни и поморски сили ќе ја надгледуваат ситуацијата во регионот, што наеднаш се претвори во потенцијално воено жариште, настојувајќи од владата во Атина да остане мирна и да не ги покренува своите воени сили.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кој во своето веќе 20 годишно владеење, повеќе пати го има покажано своето непредвидливо однесување, самоволие и насилно реагирање, од позиција на сила во меѓународните односи (во Сирија и Либија, околу Курдите, со бегалците и мигрантите, а последен пат и околу преземањето на базиликата – џамија Аја Софија), веднаш се огласи, уверувајќи дека е можно решение за најновата криза во Медитеранот.
Ердоган нуди дијалог, а не било каков судир, тврдејќи дека Турција, како што има речено – „не бара проблеми“.
Либискиот фактор
– Може лесно и брзо да се најде решение кое ќе значи задоволување на интересите на сите заинтересирани – рекол Ердоган.
Француското поставување меѓу Анкара и Атина е разбирливо, кога се знае за долгата историја на недоразбирања и неколку краткотрајни војувања меѓу овие две земји, но француската позиција не е ни малку лесна.
Пред се, затоа што Париз самиот има силни недоразбирања и несогласувања со Турција и со Ердоган – околу Либија, а оваа „распарталена“ држава која не може да се стабилизира по соборувањето на режимот на Моамер Гадафи, пред девет години, е дел од проблемот во кризата околу гасот во Медитеранот.
Колку за потсетување – Турција има испратено во Либија свои воени трупи за да им дава поддршка на силите на владата во Триполи, која, инаку, се уште се признава од ОН, како единствено легитимна.
На друга страна, Франција, Русија, Египет и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) ги подржуваат единиците на побунетиот генерал Калифа Хафтар кој тргна од Истокот на Либија кон Триполи за да го заземе и за да ја преземе целосната контрола врз земјата. Во ова разместување на силите – Русија и ОАЕ се главни снабдувачи со оружје за силите на Хафтар.
Вековно несогласување
Француските воени сили уште од пред турско – грчката криза, веќе беа во Медитеранот.
Еден француски носач на хеликоптери е на пат кон регионот, наводно, за поддршка на Либан по разурнувачката експлозија во пристаништето во Бејрут, од 4 август.
Француска фрегата, пак, е на заедничка вежба со грчката морнарица и како што велат во Париз – ќе остане во Медитеранот. Како дел од таа вежба се и француските борбени авиони кои беа во реонот на Кипар, а сега се префрлени на грчкиот остров Крит.
Турција и Грција е во (речиси) постојана тензична состојба безмалку еден век – од после распадот на Отоманската Империја.
Од присилното иселување на Грците од реонот на Смирна (сега Измир), преку кризата во источна Тракија, се до обележувањето на граничната линија меѓу двата соседа во Егејското Море, што турската страна го смета за крајно нефер и неправилно, затоа што некаде грчките острови се на само два километри од турскиот брег, а поново време околу Кипар.
Поделбата на Кипар
Кога во јули 1974 година, кипарската (грчка) националистичка, ултра – десница го собори претседателот – архиепископ Макариос и прогласи „енозис“, односно обединување со Грција, која во тоа време беше под диктаторска власт на воената хунта, Турција изврши инвазија на северниот дел од Кипар, каде живееше турската етничка заедница.
Во Атина тоа го предизвика падот на полковничката хунта, а во Анкара – окупациските зона беше промовирана во „незавиосна“ држава, Република Северен Кипар, која никој во светот не ја има признаено, освен Турција.
Од тогаш, веќе 46 години островот е поделен. Сите обиди за изнаоѓање компромисно решение пропаѓаа уште на самиот почеток.
Најчесто нуденото федерално (конфедерално) решение за двонационална држава Кипар, не ја сака никој, а посебно за тоа се противат Грците, па кризата околу островот продолжува да се одржува.
Работите малку се потсмирија кога јужниот (грчкиот) дел од Кипар влезе во ЕУ, како полноправна членка.
На турската страна, изгледа дека од тогаш и не и се брза со изнаоѓање трајно решение за островот, особено што Турција и онака ја смета поделбата на островот за конечна, а Северен Кипар го третира како „суверена“ држава.
Гасот создава криза
Таквото гледање на Анкара сега е вклучено и во актуелната криза околу трагањето по наоѓалишта со подземен гас, што турската страна го смета за легално, а грчката за повреда на меѓународните стандарди, а тоа само ја докмпликува целата ситуација.
Кризата можеше да се очекува уште пред неколку години кога големи резерви гас беа откриени околу Кипар.
Тоа ја натера кипарската влада, прво со Грција, а потоа и заедно со Израел и Египет да се спогодат околу заедничкото трагање по гасот, како и за неговата идна експлоатација. Оваа „четворка“ се има договорено, гасот да оди директно во Европа, преку еден две илјади километри долг гасовод под Медитеранот.
Од минатата година, во потрагата и во дупчењето се вклучи и Турција, за свој интерес, затскривајќи се зад „Северен Кипар“.
Потрагата ја започна во реонот западно од поделениот Остров, тргнувајќи од својата политичка позиција дека тој е трајно поделен, па исто така, треба да се делат и сите ресурси на и околу него (во случајов – тоа е гасот).
Ексклузивна економска зона
Властите во Анкара, во ноември минатата година отидоа и чекор понатаму, па не можејќи со Северен Кипар, кој не е меѓународен правен субјект, одлучија со Либија, како партнер, да создадат Ексклузивна економска зона (ЕЕЗ), што се протега од јужниот брег на Турција, до североистичниот дел на Либија (на просторот меѓу Бенгази и египетско – либиската граница), што географски, под права линија е под грчкиот остров Крит.
Египет веднаш реагираше, прогласувајќи ја „зоната“ за илегална, а официјална Атина ја прогласени за „апсурдна творба“, меѓудругото и затоа што јужниот, грчки Кипар, наеднаш се најде среде таа и таква зона.
Таков каков што е, претседателот Ердоган не се осврна на ваквите реакции на Египет и на Грција, па во мај, годинава, среде зафатеноста на Европа/ЕУ и светот со глобалната пандемија со коронавирусот, објави дека Турција почнува со дупчењето на морското дно.
Уште и тоа дека дупчењето ќе се спроведува во неколку реони на Медитеранот – одеднаш.
Повеќе во западните реони на Средоземно Море, алармирајќи ги, но и провоцирајќи ги директно Грција и Кипар – две земји членки на ЕУ. Ердоган при тоа порача дека „Република Северен Кипар“ во секој случај, никако не може да се исклучи од оваа потрага по енергетски ресурси.
Закана од воен судир
Одговорот од другата страна, дојде на 6 август, кога Грција и Египет создадоа своја ексклузивна економска зона, за да може да ја блокираат онаа што ја создадоа Турција и Либија. Во двете зони – се вклучени и Кипар, но и грчки Крит, па тензиите уште повеќе се засилуваат.
Турскиот истражувачки брод „Орук Реис“ и натаму е на отворено море, под заштита на најмалку четири турски воени бродови, што на потрагата по гасот и дава и воено – безбедносна димензија, а тоа значи – создава терен за потенцијален воен судир на Медитеранот.
Оние кои го познаваат Ердоган и ги следат неговите постапки во поширокиот регион, вклучувајќи го и Блискиот Исток, сметаат дека понудите за мирно решавање на ситуацијата изгледаат сосема разбирливи.
Но, потсетуваат дека кога турскиот претседател зборува за компромис, обично мисли да биде направен така, како што тоа тој го има замислено.
А тоа ја остава отворена напнатоста во Медитеранот, која засега Франција се обидува да ја стави под контрола – надгледувајќи ги Турција и Грција и нивното однесување.
(С.С.Г.)