Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Бајден со Камала Харис против Трамп и Пенс

Sheila_F/BigStock.com

Бајден со Камала Харис против Трамп и Пенс

Кандидатот на Демократската партија за претседателските избори во САД, Џозеф (Џо) Бајден ја наименува сенаторката од Калифорнија, Камала Харис за кандидат за потпретседателската функција, во трката за Белата куќа.

Одлуката на Бајден се означува како историски чекор за земјата, затоа што Харис е првата жена од американската црнечка заедница, која е кандидат за потпретседател на државата.

„Имам чест да објавам дека за кандидат за потпретседателското место (во американската администрација) ја одбрав Камала Харис, бестрашен борец за малиот човек и една од најдобрите во јавните служби во државата. Заедно ќе го победиме Трамп“ – рекол Бајден.

Трка по црнечките гласови

Поранешниот потпретседател, во администрацијата на Барак Обама, прво навести дека негов кандидат за втората по значење функција во САД, ќе биде жена, една од политичарките на американските демократи.

Сега, определувајќи се за политичарка од редовите на афро-американците, Бајден потврди дека тој и неговата партија веруваат во силината и во значењето на црнечките гласови на изборите, во битката со републиканците и посебно со конзервативниот дел на таа партија, кој и натаму ја претставува главнината на гласачкто тело на актуелниот претседател.

Потегот на Бајден, во секој случај, не преставува изненадување за американската политичка јавност.

Особено затоа што токму црнечките гласачи, определувајќи се за Бајден, а не за левичарскиот сенатор од Вермонт, Берни Сандерс, го предизвикаа пресвртот во прелиминарните избори во партијата.

Татко од Јамајка, мајка Индијка

Дури тогаш, Бајден кој на почетокот, во изборната трка делуваше неуверливо, брзо го надмина Сандерс и на крајот, многу рано, се избори тој да биде демократски кандидат.

Неговата предност пред Сандерс, кој заговараше некаков американски социјализам од скандинавски тип, беше тоа што тој е она што демократите во Америка го сакаат- умерен либерал-демократ кој ги почитува традиционалните, американски вредности.

Камала Харис (55) е правник. Таа беше еден од бројните кандидати за внатрепартиската трка за номинација, која на крајот се сведе во трка на двајца – Бајден, против Сандерс.

Важи за еден од истакнатите лидери кај демократите и рано беше фаворит за да застане покрај Бајден на изборите, против Трамп и неговиот потпретседател Мајк Пенс.

Пред да биде избрана за сенатор, Харис шест години има работено како министер за правда во Калифорнија. На министерската функција е дојдено откако пред тоа работела како правобранител во Сан Франциско.

Харис е првата црнкиња и првата Американка од Јужна Азија, која е кандидат за втората државничка функција во Америка. Родена е во Оукленд, од татко имигрант од карипскиот остров Јамајка и од мајка, ќерка на доселеници од Индија.

Поддршка од Хилари и од Обама

Официјалната промоција на демократските кандидати за претседател и за потпретседател на државата, беше извршено во сојузната држава Делавер.

„Верувам дека Џо Бајден ќе не извлече од сегашната ситуација (во САД)“ – има речено Харис по службената промоција на нејзината кандидатура.

Определбата на Бајден за Харис, ја поздравија низа американски политичари од демократскиот блок.

За Хилари Клинтон која беше поразена од Доналд Трамп на изборите пред четири години, благодарејќи на распределбата на т.н. електорски гласови, изјави дека изборот на сенаторката од Калифорнија е вистинско решение.

Поранешниот претседател Барак Обама, пак, порача дека именувањето на Харис за потпретседателски кандидат е „добар ден за САД“. Тој притоа ги повика Американците да гласаат, извикувајќи – Ајде сега да победиме!

Улогата на потпретседателот на САД која е прецизно определена во Уставот, меѓу другото предвидува да го заменува претседателот во случај на отсутност, или болест.

Трет пат кандидат-жена

Но, и да го наследи на функцијата доколку шефот на државата почине, или не е во способност да ја извршува работата. Некои коментатори во САД затоа, побрзаа да забележат дека големината на одлуката на Бајден е и во тоа што се отвора можноста, токму Харис, во една „не дај боже ситуација“ – да стане првата жена претседател на САД!

Ваквата ситуација се гради само поради возраста на Бајден. Во ноември Џо Бајден ќе има 78 години и доколку го победи Трамп, ќе биде најстариот претседател на Америка во историјата. Роналд Реган имаше 77 години, но кога заминуваше од Белата куќа.

Камала Харис е третата Американка-кандидат за потпретседател.

Пред неа за функцијата беа кандидирани, прво Џералдин Фереро, демократ, во 1984 година, а потоа Сара Пејлин, републиканец, во 2008 година.

Ниту едната, а ниту другата не успеаја да се изборат за позицијата на која беа кандидирани.

(В.А.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе