Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Руските спортисти надвор од Олимпијадата 2021

Leonard Zhukovsky/BigStock.com

Руските спортисти надвор од Олимпијадата 2021

Рускиот свиркач Григори Родченков, кој ја откри аферата со допингот под државна контрола, меѓу спортистите на Русија, изјави дека на спортистите од оваа земја нема да им биде дозволено да учествуваат на одложената Олимпијада во Токио, во јули/август 2021 година.

Светската анти-допинг агенција (ВАДА) ја казни Русија со четири години забрана за учество на најголемите светски спортски настани, вклучувајќи ги и Олимписките игри кои првично требаше да се одржат годинава, токму во ова време, во јапонскиот главен град, но се префрлија за следната година, во истиот термин, поради глобалната пандемија со коронавирусот.

Русите се казнети со неучество и на Светското првенство во фудбал во Катар, во 2022 година.

Систем спонзориран од државата

Ваквата жестока казна беше донесена затоа што беше утврдено манипулирањето со податоците од допинг контролата, сето тоа спонзорирано и менаџирано од руската држава.

Русија, официјално, поднесе жалба на ваквата одлука до Судот за спортска арбитража (ЦАС).

Москва ги отфрла наодите и тврди дека нема ништо нелегално и криминално во работата на нејзината комисија за спортска допинг контрола. Комисијата треба да расправа за руската жалба во текот на ноември.

Има мислење дека некои од руските спортисти, сепак, би можеле да се натпреваруваат на токиските Игри, но само како индивидуалци, без ознаките на државата од каде доаѓаат (Русија) и без руското знаме во официјалното дефиле на спортистите.

Но, само доколку тие ќе може да докажат дека на никаков начин не биле вклучени во она што ВАДА го квалификува како „државно спонзориран систем на допинг во спортот“.

Родченков кој е поранешен директор на Анти-допинг контролата во Русија, деновиве има изјавено дека станува збор за целосна забрана за сите руски спортисти, па дека (овој пат) нема да има исклучоци, ниту ќе се дозволи било кому и на било каков начин да се натпреварува, а доаѓа од Русија.

„Овој пат нема помилување“

Според Родченков, еднаш, ВАДА била изиграна кога дозволила некои спортисти да се натпреваруваат како индивидуалци, а се покажало дека и тие имале фалсификувани документи од тестовите.

Русија беше и „помилувана“ за зимската Олимпијада во Сочи.

Подоцна, меѓутоа, се утврди дека голем број спортисти од рускиот олимписки тим имале лажни тестови и фалсификат потврди дека се негативни на допинг-тестовите.

Познавачите на состојбите во овој сектор во Русија велат дека тамошната агенција за анти-допинг, фалсификува податоци за руските спортисти на „дневна основа“, а дека измамата кон спортските прописи има „незамисливи размери“.

Родченков сега живее во САД, под сосема нов идентитет – од безбедносни причини.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе