Трамп ќе ги преполови војниците во Германија
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека одлучил да го преполови бројот на војниците на САД, кои се стационирани во Германија, објаснувајќи го тоа, како што рекол, со „престапничкото“ однесувањето на Берлин околу неговиот удел во финансирањето на НАТО, како и во врска со односот кон САД, кога станува збор за трговијата.
Трамп рекол дека сегашниот број од 52 илјади Американци на германска територија ќе го намали на 25 илјади.
„За САД тоа е голем трошок што ние сакаме да го намалиме, така што ќе го смалиме бројот на војниците“
…рекол претседателот. Меѓутоа, има направено грешка околу бројките – во Германија одамна нема 52 илјади американски војници.
Постојано се стационирани околу 35 илјади, чија бројка нараснува до посочените 52 илјади само во време на ротација на војската – при менувањето на старите, со нови војници.
Порака до Европејците
Европските воени и политички аналитичари, како и европските дипломати, меѓутоа, се на мислење дека изјавата на Трамп, всушност, е неговата најнова порака испратена до Германија, до европските држави и до Алијансата која ја предводат Американците.
Американците се стационирани во геополитички виталната држава во Европа, уште од завршувањето на Втората светска војна, откако во 1952 година беше создадено НАТО, како цврста одбранбена сила, од конвенционално оружје, против тогашниот СССР и неговите агресивни амбиции, во времето на Студената војна.
Советскиот Сојуз веќе не постои, но во последните 20 години, откако на власт во Москва е Владимир Путин и откако тој ја промовираше својата политика Русија да стане налик на обновен СССР – светска сила и партнер на Западот, а пред се, на САД, како во времето на поделена Европа, присуството на Американците во Централна и во Источна Европа, стана исто толку значајно и потребно, како во времето на Студената војна.
„Престапничкиот“ Берлин
Особено по демонстрацијата на сила и на агресивно однесување на Москва кон поранешните советски републики, сега свртени кон Западот, кон источноевропејците, некогашни „братски комунистички сојузници“ и кон земјите од балканскиот регион, а посебно по анексијата на Крим и интервенцијата во источна Украина. Или, после воената интервенција во Сирија и сега, најновото, со мешање на Русија во граѓанската војна во Либија.
Во ваквите услови, Трамп продолжува со неговите расправии на јавната, меѓународна сцена со своите сојузници и партнери. Овој пат, на удар е Германија која се обвинува дека плаќа премалку за НАТО (не до минимумот од 3 отсто од БНП), што во Берлин се прима како своевидно орудие во неговите закани со покренување трговска војна и со целата ЕУ, како што тоа го прави со Кина.
Во такви услови во Европа, секако, се стравува од евентуална трговска војна со САД, исклучително важен партнер на ЕУ, меѓутоа, во исто време, се отвора (одново) прашањето за иднината на транс-атлантската соработка во одбраната и безбедноста. Тоа, пак, го покренува и старото прашање за изградба на посебна, европска одбрана, која изгледа депласирано покрај веќе изградената и цврсто уредената структура на Северноатлантската Алијанса.
Финансиска корист од Америте
Претседателот Трамп и за ова прашање, околу бројот на Американците во Германија, настапува од позицијата на „осамен говорник“ при што никој друг – ниту Пентагон, ниту Стејт департментот, а ниту било кој од американските воени и безбедносни стратези се имаат изјаснето.
Нешто слично како со повлекувањето од Сирија или од Авганистан.
Но, во случајот со Германија тој настапува со обвинувањата дека Берлин „дебело заработува“ од богатите Американци на нејзина територија кои ги трошат високите плати, а дека, сепак, не сака да ја зголеми својата партиципација кон НАТО и (што е поважно), да биде попустлив кон американските барања кога станува збор за новиот трговски договор.
Трамп јавно порача од Вашингтон дека не е задоволен од она што го предлага ЕУ, или како што вели, од она што го нуди Германија.
Впечаток е дека во целото ова навестување за намалување на американскиот контингент во Германија, сепак, не е толку за НАТО.
На Самитот во Лондон, во декември 2019 година, Германија не само што соопшти дека ја зголемува својата партиципација, туку и дека ќе купи американско оружје, обновувајќи ги сегашните воени капацитети.
Многу е веројатно дека Трамп е повеќе налутен затоа што Ангела Меркел одби да дојде на Самитот на групата Г – 7 во Вашингтон, објаснувајќи дека во време на глобална пандемија и раширената епидемија во САД, таа нема да патува на конференција, кога тоа веќе им е забрането на сите Германци.
„Застареното друштво“ против Русија
Самитот требаше да се одржи како видео – конференција во мај, но Трамп предложи седумината лидери да се сретнат во Белата куќа, инсистирајќи дека таа е епидемиолошки безбедна локација. Кога тој план му пропадна, го префрли Самитот за во септември, на помалку од два месеци пред изборите во САД.
Во Европа се смета дека сето тоа е направено за да биде искористено во неговата претседателска кампања.
Не се знае како реагираа на тоа другите шест држави, но таков како што е, Доналд Трамп, без да се консултира со другите, тој уште објави и дека на Самитот на Г-7 ја поканил да учествува и Русија.
За американскиот претседател, на групата Г-7 и било потребно „освежување“ нарекувајќи ги сегашните земји членки – Британија, Германија, Франција, Италија, Јапонија и Канада – – како членки со „поминат рок“!
Тоа „застарено друштво“, меѓутоа, се спротивставува на поканувањето на Русија, затоа што земјата е се уште под санкции за анексијата на Крим, поради што Москва и престана да се поканува од 2014 година.
Канадскиот премиер Џастин Трудо, но и британскиот Борис Џонсон објавија дека се против таквото рехабилитирање на Русија. Сигурно е дека Германија, како и Франција и Италија се со таа позиција. Впрочем сите се од ЕУ, а Унијата исто така, веќе шест години, има воведено санкции кон Москва поради руската интервенција во Украина.
(В.А.)