Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Страв од избори

digitalista/BigStock.com

Страв од избори

Македонската опозиција е единствената во Европа која навива да се влошува ситуацијата околу коронавирусот во земјата и да се шири пандемијата (!) за да може да го користи Ковид-19 за своите подмолни, нехумани и нездрави политикантски игри.

Само за да и се напакости на власта – да се прикаже како божем „неспособна“ да се справи со епидемијата.

Со единствена цел – за да нема сега избори, од кои се плашат како ѓаволот од крстот.

Дури и нивните партиски „правни експерти“ знаат дека кога државата ќе излезе од вонредната ситуација, која не може да трае до бескрај, веднаш течат роковите за изборите.

Тие беа закажани, за нив се направени и листи на кандидати за пратеници и редослед на партиите на гласачките ливчиња. Парламентот се распушти само поради тоа. Со земјата сега управува привремена (техничка) влада, која не е политичка, со Парламент зад себе, за да може да ја поведат државата кон претстојните предизвици и работи на патот кон членството во ЕУ.

Корона го оддолжи целиот тој процес, што инаку ќе завршеше во средината на април.

Против сопствената држава

Во такви услови, исплашените македонски националисти, предводени од избеганиот затвореник и помагани и од странски служби, тргнаа во отворена деструкција на државата, настојувајќи да спречат поскорешно одржување на неопходните избори.

И, тоа не им е прв пат – да создаваат хаос кога државата треба енергично да тргне напред.

Прво, 11 години ја држеа заробена од една партиско-семејна клика на лажни патриоти, предводена од избеганиот деспот. Потоа, за време на 2,5 годишното управување на вистински европската и прозападна влада, првата подготвена да направи вистински реформи, тие постојано подметнуваа пречки во нејзините планови и програми.

Имаа само една намера, Македонија која, наводно „постојано им била во срцето“, да остане и натаму балканска провинција, изолирана од европските и глобалните текови.

Во овој период, одеа и агитираа низ европското политичко подземје, преку европската крајна десница за чии интереси работат, а помогнати со парите на странските разузнавачки агенции, за да ја дискредитираат сопствената држава.

Бегство од „балканштината“

Пишуваа писма со барање Македонија да не биде примена во НАТО, а особено да не добие „зелено светло“ од европските лидери за почеток на преговорите за влез во ЕУ. Тоа антизападно друштво, врзано за руската политика на Балканот, беше и останува против НАТО и против ЕУ, без разлика на празните јавни декларации.

Затоа што овдешните русофилски националисти, не само што не можат и не сакаат да се вклопат во европските, правни и демократски стандарди, туку и затоа што веќе им служат на антимакедонските стратешки интереси.

Сега, меѓутоа, гледаат дека и како полузаробена држава, манипулирана преку партијата на избеганиот затвореник, Македонија излезе од „балканштината“ во која некои странски сили сакаа и сакаат да ја остават, за своите стари, империјални цели.

Земјата стана 30-та членка на НАТО и најпосле доби и „пас“ за да почне да преговара за полноправно членство во ЕУ, што се очекува да се случи есенва.

Но, за понатаму треба политичка влада во Скопје, со која Брисел ќе се договори околу преговарачкиот процес и на која ќе и ги додели задачите што ќе треба да се исполнуваат, според новата методологија во преговорите.

А, за тоа е потребно да заврши веќе започнатиот изборен процес.

Блокади на реформите

За дружината на избеганиот екс лидер, стравот од избори е голем. Што тие може да понудат после 11 години деспотија и после историските европски постигнувања на земјата.

Уште и после постигнувањата на владата на економски и социјален план, на планот на вработеноста и намалувањето на невработеноста. Повлечени се потези и постигнати се резултати што не се направени изминатите неколку децении.

Остана блокирана, само реформата на целиот правосуден систем, затоа што националистичката опозиција ја блокираше на секој можен начин, настојувајќи да си обезбедат свое ослободување од секаква одговорност за криминалите во тие 11 години грабеж, сомнителното богатење и државно-партиска корупција, за обидот за пуч во април 2017 година, како и над се, за обезбедување ослободување за нивниот избеган лидер, осуден за криминал.

Во таа дружина, засега, нема луѓе со доблест и со политички интегритет, нема демократи и над се, нема вистински патриоти, за да го стават интересот на државата и на сите нејзини граѓани, пред лично-партиските интереси. Иако сега дружината е сведена на една помала група од тајфата на екс лидерот.

Не сакаа избори во декември

Најмалку тоа е човекот кого бегалецот го остави како свој наследник, пред да избега.

Тоа е неговиот поранешен партиски генерален секретар кој само му го чува местото до враќањето од егзилот во Будимпешта.

Тој сега дејствува според командите од неговиот газда, знаејќи дека и самиот треба да одговара за својата улога во обидот, преку изнудена вонредна состојба, да се спречи тогашната опозиција, да ја преземе власта, по изборите на крајот од 2016 година.

А. стравот од соочувањето со гласачите, на избори, почна уште во декември 2019 година, кога тогашниот премиер Зоран Заев побара вонредни избори, откако Македонија по втор пат (во јуни, па во октомври) не доби виза за преговори, само затоа што Франција инсистираше ЕУ, прво да се согласи со нова Методологија за прием нови членки што ја заговараше Париз.

Тогаш, Заев предложи дури два датуми во декември, но исплашениот в.д лидер не сакаше да одлучи сам, а од скриениот газда во Будимпешта, не доби одобрување.

Секако, затоа што се исплаши дека неговото друштво ќе загуби. Знаеја дека Европа ги цени проевропската влада на Заев и нејзините постигнувања, па дека сигурно ќе го награди со започнување на преговарачкиот процес, уште повеќе што Брисел, за прв пат, не постави никакви дополнителни услови за Скопје.

Беше сосема јасно дека Македонија овој пат беше колатерална штета на внатрешните состојби во ЕУ.

Лажни вести и дезинформации

Се спротивставија на тие избори кога ниту имаше вирус, нити Европа беше во хаосот на пандемијата- здравствено и економски. Да не избегаа од декемвриските избори, сега земјата ќе имаше влада која со Парламентот ќе ја водеше државата низ корона-кризата, без вонредна состојба. Целиот процес на санација на последиците – во економијата и кај социјалата – ќе се решаваа поинаку.

Особено што Македонија, како и целиот Западен Балкан, за прв пат, се третирани како и земјите во Унијата.

И тогаш, во услови на веќе залечена пандемија, на која и се гледаше крајот, падна командата (од странство) да се почне со деструктивното дејствување на партиското подземје во државата, за да се дискредитира привремената- техничка влада, за да се дискредитираат мерките што таа и кризниот штаб ги носат против епидемијата. Постојано ширејќи лажни вести и дезинформации.

Се започна со игрите околу вонредната состојба и околу новиот датум на изборите – во стилот – сакаме избори, ама тогаш кога ние ќе речеме.

На пример, среде лето, кога сите се на одмор, кога главнината на гласачите се на летување, или кога на луѓето не им е до политика. Впрочем, кога никаде во Европа, особено на нејзиниот југ, не се прават парламентарни избори.

Математиките на дружината на бегалецот е дека тие може и во такви услови да сметаат на нивното гласачко тело. А, тоа би можело да ги спаси, ако не од пораз, а тогаш од тесен резултат со кој одново им се отвора шансата за чување на Македонија заробена – ставена во ситуација да „лета во место“.

Создавање нова епидемиолошка криза

Оваа своја „генијалност“ ја смислија откако им стана јасно дека Европа и САД бараат во Македонија да заврши започнатиот, па прекинат изборен процес.

Јуни останува најдоброто решение, затоа што избори ќе има и во Полска, и во Хрватска, па и во Србија, Русија на крајот од јуни ќе прави воена парада, иако има се уште по 9000 новозаразени дневно, а на 1 јули ќе има и референдум за продолжување на мандатот на Владимир Путин.

Деструктивните сили на националистичкото друштво, меѓутоа, продолжуваат со инаетот – сега не сакаат и во јуни, наводно, загрижени за „здравјето на народот“ а, всушност, затоа што не сакаат владата и владејачката партија да се офајдат од успешното справување со коронавирусот. Увидоа дека секаде низ ЕУ и Европа, актуелните влади се наградувани од јавноста со силно зголемена поддршка.

Во такви услови опозицијата и ја има смислено ДИВЕРЗИЈАТА да се создаде некаква нова епидемиолошка криза, за да се „казни“ власта. А, над се, за да нема избори и на почетокот од јули.

Едни во Струга – другите во Чаир

Во таа валкана работа главни актери се в.д. лидерот на националистите и неговиот човек во техничката влада – времениот министер за МВР – кој дејствува само по налог на партијата.

Не само што не води сметка и грижа за спроведувањето на владините мерки за заштита од пандемијата, туку со нивните партиски кадри во полицијата ги урива условите за ставање крај на епидемијата – за победа над болеста.

Тој „министер“, за кого допрва треба да се види каква беше неговата улога во кумановските случувања од мај 2015 година во тамошното „Диво насеље“, го дозволи, а потоа одби да реагира на масовното собирање на христијански, верски празник, во Струга кога беше забрането било какво собирање, а не масовна литија.

Извори за Скопје/Глобал велат дека станува збор за „партиско масло“ на партијата на избеганиот екс лидер, затоа што се носени луѓе од соседните градови, за да процесијата биде поголема, но и за да дојде до помасовно заразување на луѓето!

За таа диверзија, техничкиот министер на МВР има речено дека „нема да казнува луѓе кои немале да ги платат казните“ (!?).

Да постоеше доблест кај овие луѓе, овој партиски апаратчик уште тогаш требаше да поднесе оставка. Особено што на струшкиот „инцидент“ одговорија од „муслиманскиот табор“. Тие правеа улични масовни прослави за својот празник – за Бајрам, во скопски Чаир.

Полицајци – сеирџии

И одново бројот на новозаразените од вирусот нагло се зголеми, кога веќе беше видливо дека ситуацијата се смирува и се става под контрола. Сведоци јавуваа дека имало џандари околу развеселените славеници, но како и во Струга, и овие во Чаир, само си гледале сеир. Така им наредил партискиот „министер“ за МВР.

Во секој случај, целата оваа ујдурма е премногу истоветна, за да биде случајност. И, тоа тогаш кога стана јасно дека може да се дојде до договор за нов датум за изборите.

Покрај македонските националисти кои бараат избори среде жешко лето, исто така и некои од партиите од албанскиот политички блок, сметаат дека пред изборите требало прво да се искорени вирусот !? Летото било токму за тоа.

Останува, затоа, да се утврди дали тука има коалиција за диверзија на оние кои имаат уплав од избори, како и да се види кој е се во тоа друштво.

Тие, пак, од албанскиот блок, конечно, ќе треба да се определат што сакаат – европска Македонија, или македонска Белорусија. За да потоа не продолжуваат да се сокриваат зад некакви национални интереси.

(Спектатор)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе