Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

ЕУ (сепак) е против цртање нови граници

makasanaphoto/BigStock.com

ЕУ (сепак) е против цртање нови граници

Последниот мини-самит на Берлин и Париз на кој беше усогласен износот за масовниот финансиски пакет за санација на економијата на ЕУ, по шокот предизвикан од глобалната пандемија, не поминал без покренување и на европските отворени политички теми, меѓу кои Западниот Балкан и, пред се, косовското прашање.

Германската страна е задоволна од она што канцеларот Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон го имаат постигнато.

Тоа е што процесот за Косово „го преземаат од оние политички фактори на Западот кои заговараа и кои преферираа процесот да се разреши со размена на територии и со исцртување на нови граници“. Втората работа од која Германците се задоволни е што овој мини-самит (одново) ги поврзал Германија и Франција.

Што ќе рече дека европскиот „мотор“ сега е усогласен околу спротивставувањето на опасната иницијатива за размена на територии меѓу Косово и Србија, а тоа значи и за некакво ново етничко чистење на Балканот, за кое на просторот на екс Југославија се војуваше.

Закана за регионот

Некои германски аналитичари се уште не може да и простат на Федерика Могерини, поранешен висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, што во еден момент се согласи дека тоа може да го разреши и да го затвори косовското прашање. Но сега укажуваат дека и без неа, во врвовите на ЕУ, во некои нејзини институции, како одново да се турка идејата да се прави размена на територии, иако тоа е во спротивност со европската политика и значи закана и за поширокиот регион.

Сето тоа почна како (наводно) патем нафрлена идеја од Белград во летото 2018 година, на која брзо се надоврза Приштина и тоа претседателот Хашим Тачи.

Тој не се спротивстави на српската идеја – за повлекување нова гранична линија на реката Ибар во Митровица, со што северниот дел од градот (српскиот) со уште 17 мали општини на крајниот косовски север би се „префрлиле“ во Србија, а за возврат, некои делови од Прешевска долина, главно населена со етнички Албанци, би се приклучиле кон Косово.

Идејата, потоа, се покажа дека е потемелно разработена, затоа што се појавија дури и пресметки дека Србија „би поминала подобро“, што требаше да биде повик за поддршка во српската политичка и цела друга јавност.

Берлин останува против

Во Косово, кое тогаш го започна процесот за меѓународна афирмација на својата независност, во кругот околу Тачи како да се градеше идејата за едно решение „а ла Мајкл Колинс“, направено за независна Ирска – Југот на островот ќе има независност и таа Лондон ќе ја прифати, но шест области од Алстер, на крајниот североисток, ќе бидат дел од Обединетото кралство.

Сите во Косово не го прифаќаа ваквото решение за да се добие прием во ОН на новата независна држава и таа разлика во гледањата се уште е присутна.

Но српската страна, следната 2019 година ги отвори до крај картите и, практично, потврди дека тоа е она што официјален Белград го бара за да го признае (прифати) косовското отцепување. Тоа уште попрецизно го објасни српскиот претседател Вучиќ порачувајќи и на меѓународната заедница дека Србија од целиот процес за Косово не може да остане со празни раце – без ништо да не добие за возврат.

Уште на стартот, кога беше нафрлена ваквиот план, Берлин остро се спротивстави. На негова страна од големите веднаш застана и Лондон (тогаш во ЕУ). Официјален Париз се определи да ја одмолчи целата работа, веројатно, гледајќи во тоа шанса за враќање на Балканот од кој целосно се беше повлекол. Но, во тоа одмерување во рамките на ЕУ, се залета Могерини не отфрлајќи ја како една од идеите за кои би се расправало.

Нов специјален советник

Целата оваа работа околу косовскиот процес се актуелизира со именувањето на специјален советник на ЕУ за Косово – словачкиот дипломат Мирослав Лајчак.

Прво, косовските политичари почнаа да зборуваат дека Приштина ја загубила довербата во ЕУ, а потоа, претседателот Тачи изјави дека нема доверба во Лајчак, како и дека нема да учествува во дијалогот со Белград ако тој се води преку овој европски дипломат, туку само преку Меркел, или Макрон.

Од Брисел се спротивставија на таквата позиција. За германскиот аналитичар Бодо Вебер, тоа не значи омаловажување за Лајчак, туку се однесува за целата ЕУ. Но, дека во крајна линија тоа ќе се покаже како шлаканица за самиот Тачи, затоа што во иднина, во преговорите со Белград ќе учествува премиерот, а не претседателот на Косово.

Вебер уште и констатира дека доколку Тачи не сака да зборува со Лајчак, тогаш би требало да одбие дијалог и со Меркел (или Макрон), затоа што државите во ЕУ, што ги предводи Германија, се категорично против менување на границите.

Тоа Берлин го има соопштено и во 2018 и во 2019 година, спротивставувајќи и се на Могерини, а потоа и на американската администрација на Доналд Трамп, за која аналитичарот Вебер смета дека сега, преку пратеникот Ричард Гренел, настојува да и ги попречува работите на ЕУ, дејствувајќи како и поранешната италијанска политичарка- со тајни преговори со претседателите на Косово и на Србија.

Тачи не го сака Лајчак

Лајчак не го сакаат на Косово, а посебно е неомилен кај Тачи затоа што Словачка е меѓу државите од ЕУ кои се уште ја немаат признаено косовската независност. Но, според Вебер, работата е во нешто друго – во изјавата на Лајчак дадена уште по преземањето на новата функција дека е против било каква размена на територии.

На тој начин, тој е првиот висок функционер во Брисел кој јасно соопштува – нема меѓусебно менување територии и нема цртање нови граници, за да се разреши косовското прашање.

На таа линија сега е и известувачот за Србија во Европскиот Парламент, Владимир Билчик кој предупредува дека размената на територии е „Пандорина кутија“ и закана не само за Западен Балкан, туку и пошироко.

Едноставно, тој смета дека една таква идеја не може да биде добар почеток, или крај за косовскиот процес, затоа што тоа не е одржливо решение.

Во случајов потребен е договор прифатлив и за двете страни, но во секој случај и за поширокиот регион, што би бил одржлив кога станува збор за меѓународното право и за европската перспектива на Западен Балкан – смета овој европратеник.

Дијалог со ЕУ како посредник

Јосеп Борел, сегашниот висок претставник на ЕУ за надворешна политика, од своја страна, порачува дека косовско-српскиот дијалог со посредство на ЕУ, нема алтернатива.

Косово, како и Србија се сметаат за дел од Западен Балкан и од неговата европска иднина, а таа треба да се обезбеди низ нивниот меѓусебен дијалог.

Портпаролот на Борел, за еден приштински медиум ја има дообјаснето оваа позиција, велејќи дека дијалогот треба да заврши со договор уреден според европските стандарди. Тоа значи, според европското законодавство, европските вредности и во склад со меѓународното право, за да може да биде, прво одржлив, а потоа и за да биде прифатлив за другите во регионот и за ЕУ.

Тој дијалог засега е замрзнат и портпаролот Петер Стано смета дека таквата состојба на замрзната криза е неприфатлива за ЕУ која силно настојува, преку ангажирањето на Лајчак и неговата активност на теренот, работите да се придвижат, по нормализацијата после пандемијата со коронавирусот.

„Ставањето во мраз“ на целиот преговарачки процес, меѓутоа, не е само поради глобалната епидемија, туку и затоа што така сакаат во Белград, а изгледа дека тоа не им пречи и на политичарите во Приштина.

Белград лут на Меркел

Српската страна сега е налутена на Меркел и на Германија, како и на ЕУ, што ја отфрла идејата која српскиот државен врв смета дека за нив претставува „победа по секоја цена“, не размислувајќи на последиците на подолгорочен план.

Официјален Белград, тоа е видливо, одбегнува комуникација со врвот на ЕУ, со сите оние кои не прифаќаат дека размената на територии меѓу Србија и Косово е паметно, а уште помалку вистинско решение за затворање на кризата.

Трезвените политичари со право сметаат дека разрешувањето на еден проблем, не може да се смета дека е решен ако се отворат други проблеми и доколку тоа донесе загрозување на регионалната безбедност.

Уште повеќе што соседите се загрижени што се продолжува со тркалањето на идејата да се цртаат нови карти на Балканот. Така размислуваат не само во Скопје, туку и во Софија, во Сараево и во Подгорица, а изгледа дека ниту Атина, па и Тирана не се уверени дека така може да се обезбеди едно трајно решение.

Белград, пак, продолжува да се расправа со сите кои не мислат како нив, кога веќе не може јавно да ги дисквалификуваат Меркел, или Макрон тоа го прават со политичарите околу нив, градејќи ја сликата за себе на ароганција и самобендисаност.

„Замрзнат“ процес

Затоа е многу добар знак тоа што во ЕУ работите ги преземаат во свои раце оние кои се противат на идејата косовскиот проблем да се реши со размена на територии. И добро е што специјалниот советник на ЕУ за Косово, Лајчак тоа го посочува на стартот од својата работа.

Во секој случај, во право е Брисел кога сака да го покрене целиот процес околу Косово, затоа што тој одамна е товар за целиот Западен Балкан, блокирајќи го неговото европеизирање. Но Србија е пред избори, а таму и кога Косово, барем официјално, не е изборна тема, прашањето виси над главата на сите.

Пред се, затоа што тамошната неединствена опозиција се нема определено како замислува да се заврши косовскиот процес. Од друга страна, и целата српска јавност, а тоа значи и гласачите, се однесува како тоа прашање воопшто да не постои. Згора на се, во Приштина и натаму нема влада и таму како да не брзаат да се договорат, па целиот косовски процес останува во „длабок мраз“.

Конечно, постојат и двајца странични играчи. Едниот е Русија која е целосно на српска страна и која сака од косовското прашање да профитира за себе.

Другиот играч е САД кои не се определуваат за на за што ЕУ се противи, но чија администрација, пред ноемвриските избори, настојува да обезбеди некаков меѓународен успех за Вашингтон.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе