Трамп на своја рака пие хидроксихлорокин!
Американскиот претседател Доналд Трамп јавно призна дека сам – на своја рака – го зема лекот против маларија за да ги ублажил последиците од коронавирусот, доколку случајно се инфицирал!
На прес конференција во Белата куќа тој изјави дека повеќе од десет денови, редовно пие од лекот Хидроксихлорокин, како и дека користи препарати на база на цинк.
Претседателот против лекарите
Лекарите, вирусолозите и здравствените експерти се согласуваат дека нема никаков доказ дека тој лек против маларија, навистина помага при лекувањето на болеста Ковид-19.
Претседателот на САД, меѓутоа, со недели на ред го пропагира лекот и практично им го нуди на Американците, не почитувајќи ги предупредувањата и укажувањата на тамошните лекари.
Трамп јавно зборува дека станува збор за „најдобриот лек за болните од корона“ иако и лекарскиот тим од Белата куќа го советува да не го прави тоа.
Лекарите предупредуваат на „големата опасност од штетни последици по здравјето и по организмот“ доколку се зема овој лек од оние кои не се болни од маларија. Посебно да не се зема на своја рака, без лекарска контрола и болнички надгледување.
Хидроксихлорокинот не е утврден како лек за лекување на заболените од Ковид-19.
Целосно недокажан лек
Американските медиуми откриваат дека дури и неговиот личен лекар му забранил на Трамп да не го зема лекот, за кој се вели дека може да предизвика тешки проблеми во работата на срцето, но дека претседателот му наложил, сепак, да му го набави.
„Почнав да го пијам на своја рака, затоа што лекот е добар. Слушнав многу добри работи за овој лек“
…рекол Доналд Трамп на прес конференцијата, предизвикувајќи шокираност кај присутните новинари.
Првите реакции на стручната, медицинска јавност се сведуваат на неверување дека претседателот на државата зема недокажани лекови на своја рака.
Слична е реакцијата на т.н. обичната јавност која тргнува од тоа дека еден претседател на САД не може и не смее да си дозволи да прави спротивно од советите на неговиот лекарски тим.