Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Корона (валкана) политика

blueberry99d/Bigstock.com

Корона (валкана) политика

Коронавирусот што од Кина се префрли во Европа и како пандемија веќе три месеци ја тероризира Европа, беше искористен, а некаде се уште се користи за политика.

Вирусот ја затече Европа веќе нападната од внатре и од надвор. Од источноевропскиот блок зафатена со обновениот национализам и со спротивставување на основните принципи на ЕУ од некои политички елити. Од Балканот со се уште неизживеаните историски трауми и со лажниот патриотизам.

Од Русија, пак, со засилените обиди да се разбие европското единство, со нескриено кокетирање и поддржување на крајната десница и на евроскептицизмот.

Во вакви услови беше нормално да се очекува дека сите овие сили ќе се обидуваат да го искористат Ковид-19 за валкани политички цели.

Злоупотреба на пандемијата

Излезе дека за нив кризата што ја создаде „кинескиот вирус“ и високата смртност од една пандемија, каква немало еден век, не е никаква пречка да се одржува голата политичка пропаганда.

Дури и да се засили антиевропската политика, со ширење лажни вести, со произведување полувистини, со создавање недоверба кон влади кои не им се по мерак, со дисквалификација на европските здравствени системи.

Во услови на борба со заразата, ЕУ и Брисел мораа да се борат и со своите политички непријатели – од надвор, но и од внатре.

Уште и на Истокот од ЕУ, некои од тамошните влади, како и во реонот на западниот Балкан, локални политичари се обидуваа, а други и ја искористија вонредната кризна ситуација за да ја зацврстат и онака веќе создадената авторитарна власт.

Во таа атмосфера, Италија иако соочена со масовно умирање на заразените со „вирусот од Вухан“ – домашната ултра-десница се обидуваше да го засили својот евроскептицизам, пропагирајќи дека на земјата не и е потребна ЕУ и дека таа може и сама, со „пријателите“ низ светот.

А на „пријателите“, пак, продавањето на десничарењето од лидери каков што е, на пример, еден Матео Салвини – добро им дојде.

Анти-ЕУ стратегија

Прво, за да пред нивната – кинеска и руска – јавност  ги величаат домашните политички лидери. И, второ, за да пратат пораки до земјите кои се уште се надвор од Унијата, а имаат претензии да бидат дел од неа – дека ЕУ не им е потребна, дека членството ништо не значи, ништо не им носи и дека не вреди да се настојува да се влезе во Унијата.

Ова второво, можеби им беше и поважно, од гео-стратешко значење. Соборувањето, или барем слабеењето на ЕУ, за овие две големи земји, останува стратегија и натаму. А тие знаат дека пандемијата нема да трае вечно.

Па, така некој во Пекинг се досетија дека треба некако да се испере гневот на луѓето од вирусот што му се префрли на светот, па се одлучи да испрати помош и „експерти“ од кинескиот Црвен крст.

Пекиншките државни медиуми таа помош, каква и да беше, потоа, ја исполитизираа, па на својата јавност и зборуваа за „воодушевените Италијанци“ кои истакнувале кинески знамиња по балконите и дури ја свиреле кинеската химна (!?) во знак на благодарноста за помошта.

Потоа, таква претстава во Италија направи и Москва – во уште поголем пропаганден обем.

Пропагандна претстава

Испрати помош од своите воени резерви и стручни тимови, на што италијанската влада (министерството за одбрана) учтиво се има заблагодарено. Торинска „Стампа“, веднаш има објавено дека помошта, сепак, има мала практична вредност.

Повикувајќи се на медицински извори, овој весник пренесува дека дури 80 отсто од доделените работи биле бескорисни.

Како и да е, московските медиуми на помошта и дадоа без малку судбинско значење, без кое Италијанците немаше да преживеат.

Се зборуваше, а и се уште се зборува за тоа дека “обичните луѓе ги симнувале знамињата на ЕУ и истакнувале руски“, дека излегувале по терасите за да ја пеат руската химна.

Руската секција на Би-Би-Си ја има истражувано оваа работа, а истрагата открива една сосема друга слика – наместена руската претстава во старомоден, советски стил, која била поддржувана од италијанските крајно-десничарски кругови.

Знамето руско, на пример, го има поставено ЕДЕН Италијанец кој инаку деловно е врзан за неколку руски фирми.

Тој им има признаено на новинарите-истражувачи дека станува збор за негов личен гест и за лична благодарност за испратената помош, согласувајќи се дека тој нема видено никаква егзалтација во италијанската јавност, како што тврдат некои руски медиуми.

Куќата на италијанските нео-фашисти

Така некако стојат работите и со балконот од каде се „пеела“ руската химна, за која во Москва се зборува дека Италијанците ја пееле масовно. Новинарската истрага открила дека станува збор за лажно тврдење.

Едноставно, затоа што е утврдено дека прикажаниот балкон од куќата од која „трештела“ руската химна е истиот што го прикажале и Кинезите во тамошните медиуми, за тоа како во Италија „масовно“ се пеела кинеската химна, за благодарност од дадената помош!

Конечно, искористените видео снимки за руското знаме и за руската химна се директно поврзани за италијанскиот синдикат УГЛ. Новинарите откриле дека зградата од каде се слуша химната на Русија е во сопственост на италијанската нео-фашистичка организација „Каза Понд“ во Рим.

Синдикатот УГЛ, пак, од секогаш е во тесна врска со домашната ултра-десница, а лидерот на организацијата често ја има посетувано Москва.

Некои про-руски кругови во Италија се бранеле тврдејќи дека имало вакви „изливи на благодарност“ кон Москва и во други места, па било посочувано местото Имола, но таму никој – ниту полицијата, а ниту градоначалникот не забележале дека се истакнувале руски знамиња и се пеела руската химна.

Благодарност за „братот Си“

И Кина и Русија, го направија исто тоа и во Србија, единствената држава од Западен Балкан која беше „почестена“ со хуманата мисија на Пекинг и Москва. Само што за разлика од италијанскиот случај, српскиот помина во далеку поинаква политичка атмосфера.

Домашната политичка елита ја искористи помошта повеќе за домашни политички потреби и за натамошно зацврстување на позициите на српскиот претседател.

Но, над се за натамошно афирмирање на политиката на „две столчиња“ која значи оддалечување на Белград од Брисел, а приближување кон Москва (воено-политички и стратешки), како и кон Пекинг, од кого Србија станува економски приклештена.

Така излегува дека низ авионите со помош против пандемијата, Србија успеа да се расправа со ЕУ, врз која се нафрли српскиот претседател прикажувајќи ја како „несолидарна“, а да зборува за благодарност кон „братот Си“ (претседателот на Кина).

Не се разбра дали кога зборува за тоа дека „солидарноста во ЕУ е бајка за мали деца“ мисли и на својот голем пријател и сојузник Виктор Орбан и за неговата несолидарност кон Италија и Грција (во мигрантската криза).

Не е јасно и тоа зашто Белград „заборави“ да каже дека авионот до Пекинг и назад со „помошта“, бил платен со парите на ЕУ, како и дека половина од работите прикажани како помош, всушност, биле купени за пари.

Маските на Сијарто

Српските владини медиуми (а тие се во големо мнозинство), сепак, продолжуваат да ја критикуваат ЕУ за наводна несолидарност, да ги фалат Москва и Пекинг, споменувајќи ги примерите за италијанската „благодарност“ за добиената кинеска и руска помош, што излезе дека станува збор за лажна и наместена пропаганда, како и да не сакаат да признаат дека српското здравство има примено најмногу пари од ЕУ, во споредба со другите во регионот.

Нешто слично, но во далеку помал обем, се обиде да изведе Унгарија, во Скопје, со помошта од заштитни маски, откако целата таа работа унгарскиот министер за надворешни работи ја врза за политиката што Будимпешта ја спроведува кон Република Северна Македонија – а, таа најблаго речено – е неискрена.

Маските излезе дека се дел од помошта на НАТО, откако нашава земја стана дел од Алијансата и покрај спротивставувањето на овдешните националисти, антизападно определени и блиски кон „црната алијанса“ на крајната десница во Европа, кон која се повеќе се врти и унгарската страна.

Зашто, инаку, шефот на унгарската дипломатија требаше театрално да се среќава со ген.секот на партијата во опозиција, која од Будимпешта ја раководи избеганиот лидер- осуден за криминал- кој ужива азил во главниот град на Унгарија.

Стегање на власта

Маските на министерот Сијарто, на тој начин, може да значат и навестување дека кога ќе дојдат изборите во Македонија, неговата земја одново ќе се меша во македонските внатрешни работи, ставајќи се отворено на страната на македонските антиевропски националисти.

Помагајќи како што не треба и работејќи против една прозападна, проевропска и прореформска влада, а за враќање на еден режим кој со странски разузнавачи сили подготви и пуч против оние кои сакаа да ја однесат Македонија во Европа.

И сето тоа, се случува во време кога во кризата околу пандемијата со коронавирусот, унгарскиот премиер Орбан уште еднаш е во судир со ЕУ и со Брисел.

Во Унијата тој се посочува како најтипичниот пример за тоа како кризата со заразата се користи за политички потреби и за зацврстување на власта. Унгарецот лесно истурка во Парламентот закон – дополнување на веќе воспоставената вонредна состојба- со кој ќе управува со земјата со декрети.

Против ваквиот закон не е само ЕУ, туку и групацијата на Народни партии (ЕПП) каде формално се уште припаѓа партијата Фидес на Виктор Орбан.

Контрола врз луѓето

Полска, пак, во оваа криза настојува по секоја цена да протурка претседателски избори за кои опозицијата тврди дека се прават само за да лесно се обезбеди втор мандат за актуелниот шеф на државата, кандидат на националистичката, десничарска партија на Правото и правдата.

Владата во Варшава, освен тоа, во далеку полесна ситуација со пандемијата, има донесено одлука за задолжително испраќање селфи- фотки за да луѓето потврдат дека се навистина дома, во карантин.

А тоа значи дека локаторот на телефонот мора да биде постојано вклучен, при што се повредува приватноста на луѓето.

Словачката влада, од своја страна, дозволи поради ситуацијата со вирусот, да се користат податоците од мобилните телефони на луѓето, за да се контролира дали се придржуваат на карантинот. Законот ќе важи до крајот на оваа година! Од средината на овој месец, сличен закон има донесено и владата на Чешка.

Практично и двата закона значат следење на луѓето- само што наместо некогашните техники од комунистичкото време, овој пат тоа се прави преку мобилките и сим-картичките.

Западните медиуми и европските експерти за човекови права, уште од самиот почеток ги осудуваат сите овие потези на Истокот од ЕУ. Според нив, станува збор за обид – преку мерките против пандемијата – да се воспостави контрола врз луѓето, а низ унгарскиот пример и да се зацврсти една авторитарна власт.

А, токму унгарскиот модел им е пример за углед на македонските националисти, што тие сакаат да го применат и кај нас.

(Спектатор)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе