Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Исчезнувањето на „Рокет-менот“ Ким

Исчезнувањето на „Рокет-менот“ Ким

Кога во тоталитарна држава, каква што е Северна Кореја, диктаторски управувана од едно семејство уште од 1948 година, ќе го снема „големиот“ лидер од јавноста, во која тој е единствено и постојано присутен, тоа веднаш предизвикува внимание во меѓународната јавност.

Во секој случај, тоа би требало да е знак дека во една ваква земја нешто се случува – било во врска со лидерот, било во врска со нејзините внатрешни, политички состојби. А во Северна Кореја, велат, нешто се случува.

Ким Џонг-Ун (36) семоќниот лидер, познат и по прекарот „рокет-мен“ што му го дадоа во меѓународната заедница, поради неговата опседнатост со балистичките ракети, се нема појавено во јавноста без малку три недели.

Не беше на две државни манифестации, што тој никако (во нормални прилики) не би ги пропуштил – годишнината од роденеденот на својот дедо, основачот на Северна Кореја, Ким ил Сунг, а потоа и на 88 годишнината од формирањето на севернокорејската армија.

Ниту за едно од овие отсуствувања, државната пропаганда не се огласи – не давајќи никакво објаснување за тоа каде е лидерот.

Починат по хирушка интервенција?

Тоа и ја покрена лавината од нагаѓања за тоа што се случува. Според едни, Ким Џонг Ун е тешко болен, други тврдат дека врз него била извршена хирушка интервенција, по која настанале компликации, па сега е на „смртна постела“, трети, пак, дека веќе е починат, а режимот сега бара кој би можел да го наследи.

Првите навестувања за смртта на севернокорејскиот лидер ги направија американските медиуми, кои за тоа се повикуваат на разузнавачки извори, сместени внатре во режимот, дека смртта настапила по хирушката интервенција.

Дури и на некои кинески интернет страници се појавиле такви информации.

Јужнокорејските медиуми кои постојано следат што се случува на северот од Корејскиот полуостров, ги пренесуваат сите вакви информации, особено оние кои доаѓаат од Хонг Конг, но тие, сепак, се претпазливи.

Резервите кај Јужнокорејците потекнуваат поради отсуството на тревога на Северот, како и немањето раздвиженост на армијата, што би требало да се случува доколку има нешто драматично во државата.

Проблеми со здравјето

Основа за наглото интересирање на светот за судбината на овој диктатор, доаѓа од сознанието дека иако млад тој има нарушено здравје, како последица на дебелината, обилното јадење масна храна, алкохолот и интензивното пушење.

За него од порано се знае дека има проблеми со крвниот притисок, со срцето и дека бил лекуван од зачепени крвни садови, по што му се вградени стентови.

Наводно и високи партиски функционери од КП Кина, за која велат дека единствена е во тек со случувањата во соседна Северна Кореја, имаат изјавувано дека Ким не е жив, или дека неговиот живот „виси на конец“.

Светски медиуми имаат објавено дека Пекинг има испратено силна лекарска екипа во Пјонгјанг, а дека во севернокорејскиот главен град престојувала и партиска делегација од Кина.

Нема категорични деманти на сите вакви пишувања, што инаку би било нормално да се случи, кога Пјонгјанг реагира и сака да се пресметува со странските медиуми.

Единствено беше пишувањето на некои кинески медиуми за тоа дека Ким се опоравува.

Но, аналитичарите во Сеул забележуваат дека водењето на централниот ТВ дневник на севернокорејската телевизија им е предадено на најистакнатите и најискусните водители, а тоа според аналитичарите, се случува само кога треба нешто важно да се соопштува.

Борба за власт или болест

Во ова меѓувреме од Пјонгјанг само беше соопштено дека Ким бил тестиран за коронавирусот, иако се тврди дека Северна Кореја е единствената во светот каде нема пандемија, потоа дека лидерот од главниот град заминал во Вусан и последната вест (на западните агенции) дека во едно одморалиште на морскиот брег, на тамошната железничка станица, бил забележан државниот (неговиот) воз.

Тоа треба да потврди дека тој е таму – на одмор, или на опоравување.

Не е прв пат, Ким Џонг-Ун да исчезне од јавноста. Тоа се случи во 2014 година кога го немаше 36 денови, а потоа се појави на државната телевизија и објасни дека во земјата „немало државен удар, како што тоа пишувале западните медиуми“.

А, тогаш се пишуваше дека Ким е соборен од власта, дека контролата врз државата ја имаат неговата тетка (сестра на татко му) и тетинот.

Потоа се јави дека таа била уапсена и сместена во логор, а дека тетинот бил стрелан. На почетокот од оваа година, на една свеченост, меѓутоа, се појави тетката, седејќи непосредно до Ким.

Нормално, ништо не беше објаснето, но нејзиното појавување по шест години, ги натера аналитичарите кои внимателно случуваат што се случува во земјата, која има атомско оружје и балистички ракети, да се анализира – што стои зад ваквиот гест на Ким.

Само тројца претседатели

Дали одново државата се соочува со внатрешни превирања и борби за власт, или пак навистина Ким е тешко болен, тоа од надвор, тешко може да се утврди.

Се тврди дека е татко на три деца и дека најстариот син има само десет години, па според тоа доколку и се случи нешто, овој пат не ќе може да се продолжи династијата Ким.

Актуелниот лидер е на власт девет години, од 2011 година, по смртта на таткото Ким Џонг Ил кој исто така беше срцево болен, а почина од мозочен удар.

Џонг Ил на лидерската функција го наследи својот татко – „вечниот“ лидер Ким Ил Сунг кој во текот на корејската војна, во раните педесети години на 20 век, се обиде да ја освои Јужна Кореја и да ја обедини поделената земја, наметнувајќи го комунизмот како единствена идеологја.

Во својата историја по Втората светска војна – Северна Кореја имала само тројца претседатели (лидери) – дедото, таткото и внукот Ким. Никој од нив (нормално) не бил избран од народот на гласање.

(С.К.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе