Џефри Сакс- Претстои пад на БНП во светот
Познатиот американски економист, професорот Џефри Сакс, оценува дека најголема последица од глобалната пандемија со коронавирусот ќе биде падот на Бруто националниот производ (БНП) во целиот свет.
„Станува збор за досега најголем пад кој во вториот квартал од оваа 2020 година би можел да изнесува меѓу десет и 30 отсто и тоа најмногу поради прекинот на трговијата, па затоа и проблемите во снабдувањата ќе траат подолго време“ – вели Сакс. Тој смета дека државите ќе излезат од карантинот, можеби за 90 или малку повеќе денови, но нормалната состојба на пазарот и во економијата нема да се вратат за три, или шест месеци. Во нормала може да има враќање дури за една, до две години.
Нова нормална состојба
Едноставно, светската економија не ќе може да се врати на состојбите, од пред пандемијата, преку ноќ, како ништо да не се случувало. Наместо тоа, сега насекаде ќе постои нешто што би можело да се нарече „нова нормална состојба“.
Како Американец тој го зема примерот на САД.
„Американската економија годишно произведува 21 илјада милијарди долари. Тоа значи дека неодамнешната одлука да и се додели екстра помош на домашната економија од 2200 милијарди долари и не така страшно, затоа што претставува само 10 отсто од годишниот БНП на САД“- објаснува Сакс и вели дека тоа Американците можат да си го дозволат, затоа што се доволни силни и моќни за една таква операција за спасување.
Според него, проблемот е кај другите држави кои не можат тоа да го направат и кај оние економски слабите, па затоа му сугерира на ММФ да им доделува пари за да можат да се извлечат од кризата што ќе им ја донесе пандемијата, а дури потоа да се борат со долгорочните последици.
Кризата и демократијата
Американскиот професор се осврнува и на предупредувањата што се почесто се слушаат за тоа дека една ваква глобална криза, би можела да предизвика загрозување на демократијата и на демократските процеси. Најмногу затоа што голем број влади низ светот, се определија за воведување вонредни мерки и за специјални овластувања , оправдувајќи го тоа со поефикасното менаџирање во совладувањето на пандемијата и на се она што таа го носи со себе.
Сакс, меѓутоа, не верува дека тоа ќе може да се случи, без разлика што некои земји , дури и во рамките на ЕУ, покажуваат тенденции за авторитарно управување. Овој американски професор, потсетува на триесетите години на 20 век , кога се наметна тврдењето дека само со тоталитаризам и со фашистички режими може да се совладаат последиците од големата светска економска криза.
„Зарем сега некој навистина мисли дека со некаква диктатура ќе може да се справи со пандемијата“ – вели Сакс инсистирајќи дека тоа е тотално погрешно мислење и гледање ( ако навистина постои) , како што беше погрешно и пред 90 години. Тогаш воведувањето на тоталитаризмот, носен на брановите на популизмот и национализмот, доведе до голема војна, а токму прогресот на демократијата по воените судирања покажа колку многу било погрешно врзувањето на тоталитаризмот со економската стабилизација и обнова.