Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Down Under под клуч

vchal/BigStock.com

Down Under под клуч

Три недели од избувнувањето на глобалната пандемија на коронавирусот, која го измени целиот свет како ретко што друго во изминатите сто години, не сметајќи ги двете светски војни, Австралија продолжува да живее во стравот дека она што сега го преживува Европа, а посебно она што им се случува на Италија и Франција, наскоро ќе се случи и таму „Долу“ во она што таму далеку популарно се нарекува – Down Under.

Владата во Канбера инсистира на строги мерки на карантин и на изолација, како што се објаснува, поучена од европските (задоцнети) реакции, на почетокот од пандемијата, иако и Италија и Шпанија, како и Франција, го имаа претходното искуство на Кина, околу тоа како да се блокира ширењето на заразата. Добар дел од јавноста, пак, на сето тоа гледа со неприфаќање и несогласување, објаснувајќи го тоа со официјалните бројки околу вирусот.

Инцидентот на плажата Бонди

Во оваа држава-континент, до сега се регистрирани околу 1900 случаи на коронавирусот (главно внесен од надвор, од дојденци и повратници) и само седум починати лица.

Тоа се смета дека ја поттикнува ароганцијата, посебно кај помладите генерации кои уште веруваат и дека вирусот е закана само за повозрасните и за старите луѓе. Изгледа дека таа „философија“ го има предизвикано и инцидентот на познатата и мошне популарна плажа во Сиднеј – Бонди – кога морала интервенира и австралиската полиција, за да растера голема маса капачи и сурфери и луѓе кои без грижно се сончале користејќи ги убавите рано есенски денови во најголемиот австралиски град.

Плажата Бонди. Фото: katacarix/BigStock.com

Полицијата морала да употреби и сила за да ги набрка посетителите на плажата, во огромен број млади луѓе и веднаш потоа и да ја затвори за било какво посетување, затоа што во Австралија на сила се владините мерки против собирање на поголеми групи и толпи, за да се спречи ширењето на пандемијата.

Заразени сурфери и сватови

А, во исто време, во Сиднеј, но и во другите поголеми градови како Мелбурн, Аделејд, или Бризбен се продолжува со однесувањето кое не му прилега на со што се соочува светот, иако во исто време се продолжува со паничното и често хистерично правење резерви од храна, средства за дезинфекција и тоалетна хартија, како да наскоро ќе биде крајот на светот. Токму Сиднеј стана познат низ светот по тепачката на две жени во една локална самопослуга- за еден преостанат пакет тоалетна хартија.

Властите и вирусолозите, меѓутоа, излегуваат со сосема други аргументи.

Тие откриваат дека меѓу оние кои се сончале и сурфале на Бонди, триесетина од нив, подоцна, биле откриени дека веќе се заразени со вирусот. Исто така, се истакнува примерот со една свадба, во мало австралиско место, која се одржала и покрај сите забрани да нема собирање на повеќе луѓе на едно место, на која подоцна, лекарите пронашле дека 35 лица меѓу свадбарите биле позитивни на тестот за носители на коронавирусот.

Затворени граници

Се тврди дека меѓу оние на плажата во Сиднеј и на свадбата, имало дојденци од надвор од Австралија, од странство, па владата веднаш по тоа одлучи да ги заостри мерките за заштита. Сега државата е ставена „под клуч“ и во изолација.

Никој повеќе не може да влезе во Австралија, доколку не е државјанин на земјата. Од таа забрана се исклучени само членовите на семејството на Австралијанците – сопругите, или сопрузите и нивните деца – како и оние кои имаат дозвола за постојан престој.

Политичкиот систем во државата и постоењето на локални влади, на ниво на секоја од сојузните држави, создава услови за различни мерки во борбата со вирусот, но овој пат сите се согласија за заострувањето на курсот, најмногу поради недисциплината и непочитување на разните ограничувања.

Така, Нов Јужен Велс (каде припаѓа Сиднеј) потоа Викторија, Северната Територија и Тасманија ги затворија своите „граници“ за сите кои сакаат да дојдат од надвор. Сојузната држава Викторија, каде припаѓа Мелбурн, отиде понатаму, па одлучи да ги затвори сите училишта.

Искуството од Италија

Во државата Квинсленд, чиј центар е градот Бризбејн, а која важи за мултиетнички шарена средина, на жителите на овој голем град им е сугерирано да не ги напуштаат своите квартови, односно населбите во кои постојано живеат, за да не се овозможи ширење на коронавирусот. Изминатата недела оваа сојузна држава стана и глобално позната, околу вирусот, по случајот со холивудскиот актер Том Хенкс и неговата сопруга.

Голд Коуст. Фото: Katharina13/BigStock.com

Тие двајцата се лекуваа во болницата во градот Голд Коуст, стотина километри јужно од Бризбејн, иако се верува дека сопругата на Хенкс се заразила во Сиднеј.

Gold Coast University Hospital: Болницата каде Том Хенкс и неговата сопруга беа хоспитализирани. Фото: Zorro Stock images/BigStock.com

Во секој случај, Австралија е цврсто определена да не и се случи примерот на една Италија.

А, тоа значи, да се донесени бројни мерки и забрани, дури и да се прогласи карантин на италијанскиот север, а сега Италијанците да имаат поголема смртност од Кина, од градот Вухан, епицентарот на заразата. За само еден месец, од првиот починат пациент, па до сега, бројот на умрените да се искачи на дури над шест илјади лица.

Австралиска „прохибиција“

Затоа се австралиските власти се определија за италијанскиот „модел“ – да ги затвори рестораните, кафулињата, пабовите и ноќните клубови, како и казината и сите теретани и боди-билдинг центри. Секаде каде се собираат многу луѓе, но да не се дозволи да се случи италијанското непочитување на донесените мерки.

Критичарите, во меѓувреме, продолжуваат да критикуваат, па сега велат дека станува збор за „австралиска прохибиција“. Тоа веднаш создаде нова ситуација – ако досега се скиташе низ градовите трагајќи по храна, дезинфекциски средства и тоалетна хартија, сега се прават големи редови пред продавниците за алкохол.

За создавање резерви дома, кога веќе пабовите се ставени „под клуч“.

(Г.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе