Белград против необелодениот план за Косово
Официјален Белград кој без малку една година зборува дека воведените такси на владата во Приштина со кои екстра се оданочуваат српските производи, го попречуваат продолжувањето на српско-косовскиот дијалог за трајно разрешување на конфликтот околу Косово, сега кога новата тамошна влада најавува откажување од таксите, српската страна навестува дека нема да има покренување на работите, затоа што во Белград се против необелоденетиот предлог-план.
Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, во негов стил, изјави дека државата „ќе добие понуда која тешко се одбива, но дека сепак, не ќе може да ја прифати“.
При тоа, тој нема дадено никакви детали- ниту чиј е планот, а ниту што во основа содржи – освен дека (по споредни канали) разбрал кого ЕУ ќе определи за европски посредник за Косово, а дека тој „важи за многу близок на Берлин“. Тоа би требало да значи дека она што тој европски дипломат ќе заговара уште од сега не му се допаѓа на Белград.
„Полошо решение“
Ваквото презентирање на нешто, што го нема на преговарачката маса и не и е понудено ниту во српската јавност, од страната на еден претседател на држава, директно инволвиран во целиот мировен процес, не е вообичаено, а не е ниту дипломатски. Сепак, Вучиќ не останува на тоа, па открива, по малку некои детали од понудата што официјално ја нема.
А, тоа е дека „Србија ќе добие ГАРАНЦИИ за влез во ЕУ, но дека ќе мора да го признае Косово. Што се однесува до локалните Срби, тие ќе имаат специјален статус…тука и таму…“ И веднаш по тоа, српскиот претседател рекол дека станува збор за „полошо решение“, кое тој како претседател нема да го прифати. При тоа, Вучиќ потсетил дека уште пред три години, предложил план, но како што рекол – „народот не го прифатил“, иако тогаш не ги дал сите детали.
Треба да се претпостави дека станува збор за (тогаш официјално дадена како идеја) за предлозите за „разграничување“ на косовските Срби и Албанци, што потоа се претвори во идеја за размена на територии. За Србија северот на Косово (со половна Митровица и сите српски општини во тој дел од државата), а за возврат на Косово да му се дадат „албанските општини“ во т.н. Прешевска долина, или барем еден од градовите во тој дел од југозападна Србија.
Берлин против нови граници
Колку што се знае, во Белград никој од државниот врв не зборуваше дека тоа е официјален став на српската страна и дека за тоа воопшто се преговара. Дури рускиот амбасадор во Белград, минатиот месец ги „искара “ медиумите што зборуваат за едно такво решение за косовската ситуација, инсистирајќи дека таа „идеја никогаш не била официјализирана“ и дека во основа е исфорсирана од медиумите.
Идеја, или тајно даден официјален предлог, разграничувањето беше и тогаш, а и сега остро осудено од Германија.
Официјален Берлин се противи на, како што се вели, ново етничко чистење и на цртање нови карти, стравувајќи дека тоа може да го дестабилизира целиот регион на Западен Балкан. Посебно се стравува за БиХ, каде српскиот лидер Милан Додик кој велат за се претходно се консултира со Белград, постојано се заканува со отцепување на дејтонската творба Република Српска, но и за потенцијалната дестабилизација на Република Северна Македонија.
Косово услов за ЕУ
Како и да е, острото противење на Берлин на заложбата на Вучиќ дека- Србија мора нешто да добие, за она што ќе го даде – го налути Белград. Од тогаш, забележливо е дека српскиот државен врв е студен и критичен на секоја идеја и план која доаѓа од Германија и од Ангела Меркел.
Тоа, пак, го објаснува она што Вучиќ го зборува дека (практично) не може да очекува ништо добро од посредник на ЕУ (за Косово) „кој важи за близок на Берлин“.
Од друга страна, сите во српскиот државен врв знаат дека Косово е главниот услов за влезот на Србија во ЕУ, секако и со исполнувањето на другите услови. Но, јасно е дека не може да има никаков напредок на патот кон Европа, без затворање на косовското прашање, со меѓусебно признавање.
Патриотска реторика
Впрочем, затоа Србија веќе неколку години е во фазата на преговори за влез во Унијата со отворање на поглавјата, дека Брисел затоа ја храни со инвестиции српската економија и е максимално толерантен кон неисполнувањето на ниту еден од виталните реформски барања што се предуслов за напредок на тој процес, а што им се става под носот на Скопје и на Тирана, само за добивање датум за старт на преговорите.
Кој и да е европскиот посредник и каков и да е предлогот што тој ќе го заговара, а што српскиот претседател веќе го знае (!?) Белград веќе јавно го отфрли. Според белградските медиуми, Вучиќ рекол дека ако треба и ќе си одел (од функцијата) но нема да го прифати планот кој „е полош од неговиот“.
Ваквата реакција, за некои српски политички експерти, е повеќе наменета за внатрешни потреби, отколку за надворешни. Или за да се подготвува терен во јавноста која нема искристализирана позиција, ниту околу Косово, а ниту за ЕУ, да се прифати реалноста, кога станува збор за Косово – со размена на територии. Или, пак, само за да се манифестира веќе познатата (и во регионот) популарна патриотска реторика, за да се одбегне непопуларно решение. Особено сега, на два месеци пред српските парламентарни избори.
(Д.Б.)