Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Оставка и чистки во владата на Џонсон

shganti777/BigStock.com

Оставка и чистки во владата на Џонсон

Само два месеци по парламентарните избори и уверливата победа, премиерот Борис Џонсон наеднаш се соочи со силни потреси во владата, што инаку самиот ги предизвика, откако најави дека сака да изврши реконструкција на владиниот состав.

Тоа е нешто што британските премиери често го прават, разместувајќи ги министрите од еден, на друг ресор. Затоа се мислеше дека и оваа реконструкција ќе биде рутинска, најмногу бидејќи тоа се луѓето кои Џонсон ги постави во јули, откако по пучот против Тереза Меј, стана премиер, а ги потврди на тие позиции и по изборите од 12 декември.

Но, наместо рутинска постапка се случи „политички земјотрес во Вестминстер“.

„Неприфатлив услов“

Прво, на четири месеци пред усвојувањето на новиот буџет, прв по напуштањето на ЕУ, министерот за финансии Саџид Џавид, вториот по тежина владин министер и единствениот кој живее во Даунинг стрит, веднаш до премиерот, демонстративно поднесе оставка. А, потоа, Џонсон изврши чистка во владиниот состав.

Брзо се разбра дека министерот одбил да ја прифати наредбата на премиерот Џонсон, да ги отпушти сите свои советници, за да остане на својата позиција во владата!

„Нема министер доколку се почитува себе си, кој би можел да прифати еден ваков услов“ – рекол Џавид, додавајќи дека во една таква ситуација не му преостанало ништо друго, освен да си замине.

Во писмото до Џонсон, со оставката, министерот за финансии напишал оти е важно политичарите да имаат свои тимови луѓе кои самите ги одбираат, затоа што се тоа соработници во кои веруваат и во кои имаат доверба.

Советникот пред министерот

Во Лондон велат дека во случајов – немало судир меѓу Џонсон и министерот. Проблемот бил во сериозните несогласувања што постоеле меѓу Џавид и главниот советник на премиерот Доминик Камингс.

Во тој судир, премиерот застанал зад советникот, а не зад министерот, па сега е очигледно колкава моќ и влијание има Камингс во Даунинг стрит 10. Токму тој инсистирал Џавид да ги отпушти сите свои советници, ако сака да биде најважниот министер во владата. А, целта била – преку ново поставените, кабинетот на премиерот да воспостави целосна контрола врз министерството за финансии и од кабинетот да се влечат главните потези.

Премиерот ја прифатил оставката и веднаш именувал нов министер за финансии. Тоа е Риши Сунак кој до сега беше заменик министер, а пред седум месеци ја имаше само функцијата помошник министер за домување.

Веднаш по именувањето на Сунак, кабинетот на Џонсон има издадено соопштение во кое објаснува дека од сега, па натаму ќе постои заеднички тим од советници- едни определени од министерството за финансии и другите, од самиот премиер.

Тргање на амбициозните

Во големата чистка што по тоа ја направи Џонсон во владиниот состав, забележливо е дека се тргнати оние кои беа дел од „пучистите“ што му помогна на сегашниот премиер за да ја собори од лидерската (и премиерската) функција Тереза Меј. Во владата повеќе не е женската четворка- Андреа Лидсом, Естер Меквеј – и една и другата со големи амбиции во партијата, затоа што и двете беа во трката за нов лидер, како и Ники Морган и Тереза Вилерс. Сите четири поддржувачи на Џонсон и на Брегзит.

Министерот за правда Џефри Кокс, пак, бил сменет откако премиерот му се јавил и му рекол да си поднесе оставка, што наликува на постапките на Доналд Трамп во САД, посебно во случајот со советникот за национална безбедност, Џон Болтон.

Во владата на Џонсон повеќе не е ниту Џулијан Смит, досегашен министер за Северна Ирска, иако тој пред три недели беше величан во британската, а пред се, во северноирската јавност, како првиот што по цели три години успеа да изменаџира спогодба на ДУП и на Шин Феин, за да профункционира локалната заедничка влада. Досега, Северна Ирска беше управувана директно од Лондон.

Експресен подем на Сунак

Во владата останаа и натаму на своите функции, досегашните министри во Форин Офисот, за внатрешни работи и за одбрана, а не е сменет ниту ултра-конзервативниот десничарски ториевец Џејкоб Риз Мог, за кого медиумите навестуваа дека би можел да биде тргнат на страна.

Во секој случај, нема многу од политичарите за кои може да се рече дека се унапредени, освен големото искачување на младиот поранешен вработен во лондонски Сити, Риши Сунак. Тој пред една година беше меѓу анонимните помошници министри, кого го „шетаа“ од едно, во друго министерство, а сега е вториот човек во британската влада, кому на товар му паѓа изработката на буџетот за следните 12 месеци.

Сите овие потреси во владата доаѓаат на почетокот од 11 месечната транзиција на Британија, во процесот на конечното излегување на земјата од ЕУ. Таа започна на 31 јануари, со формалното заминување на Британците од Брисел, а треба да заврши на 31 декември годинава. Во овој период и двете страни веруваат дека ќе се договорат за идните односи на Лондон и Брисел и за постигнување договор за слободна трговија.

Лојални послушници

Лондонските аналитичари проценуваат дека со реконструкцијата Џонсон сакал да ја зајакне владата со луѓе во кои има доверба и кои може да ги контролира (!?) без разлика што по изборите од пред два месеци тој и неговите ториевци обезбедија мнозинство од 80 пратеници.

Тоа може да биде разбирливо, затоа што првите изјави и од британската влада и од ЕУ, навестуваат мошне тешки и неизвесни разговори. Но, чистката покажува нешто друго- а тоа е дека Борис Џонсон немал доверба во половината од својата влада која самиот ја искреира по соборувањето на Тереза Меј.

Иако му беа лојални и му помагаа во тргањето на поранешниот партиски лидер, премиерот, очигледно, не им верувал на сменетите министри и не верува дека во владата би дејствувале онака како што тој сака и како што си замислува дека треба да биде.

И покрај сите уверувања пред изборите, сега се навестува дека излегувањето на Британија од Унијата може да биде тврдо, а оние кои веќе не се во владата, вклучувајќи го и Саџид Џавид, не спаѓаат во редот на послушници, какви Џонсон сака да има покрај себе, ако работите тргнат поинаку од предвидените.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе