Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Ирска – без победник на изборите

Mary Lou McDonald/Sinn Fein CC BY 2.0

Ирска – без победник на изборите

Парламентарните избори во Република Ирска завршија во вистинска мртва трка. Не само што ниту една партија нема доволно пратеници за да формира стабилна влада (тоа и не е ништо ново за „зелениот остров“ каде со децении управуваат влади создадени со коалиција од неколку партии), туку овој пат, во трката за создавање на новата влада во Даблин, наместо двете главни партии, има и трет играч.

И тоа не било кој, туку Шин Феин – партија која дејствува и во Република Ирска и во Северна Ирска, а е присутна и во британскиот Парламент во Лондон.

Кога на крајот се преброија сите гласови, Фиана Фаил на Мајкл Мартин (поранешен шеф на ирската дипломатија) освоија 38 пратенички места. Националистичката и левичарска Шин Феин има 37, а досегашната десно-центристичка, владејачка Фине Гаел, на Лео Варадкар, 35 пратеници во Даел (Парламентот) во Даблин.

Во игра овој пат се и ирските Зелени кои имаат постигнато „историски“ успех со освоени 12 пратенички места, наместо досегашните две, на претходните избори во 2016 година. Групата независни кандидати имаат 19 свои претставници во ирскиот Парламент, лабуристите и социјал-демократите имаат по шест, а движењето „Солидарност наместо профит“ обезбеди пет свои пратеници.

Шин Феин со историски резултат

Вистински победник, ако така може да се зборува, сепак, е Шин Феин, партија создадена уште на почетокот од 20 век, во екот на борбата на Ирците против британската колонијална власт и за создавање независна Ирска држава.

Но таа најголемиот дел од своето историско патување го има помината во сенката на паравоената, милитаристичка ИРА (Ирска републиканска армија), чиј сојузник и поддржувач беше и во децениите на крвавите судирања во британската покраина Северна Ирска, војувајќи, со користење тероризам за ирската кауза – обединувањето на Алстер со Република Ирска.

Успехот на Шин Феин на овие избори, сепак, повеќе се врзува со свртувањето во лево на помладите ирски гласачи, на кои како што велат во Даблин, веќе им е преку глава од доминацијата на двете истородни, десно-центристички партии Фине Гаел и Фиана Фаил, кои без малку 100 години, постојано се менуваат на власт. Секогаш правејќи коалиции со некого, но никогаш со Шин Феин која е обележана како „политичко крило“ на ИРА.

Таквата позиција минуваше во Ирска и кај тамошните гласачи додека со Шин Феин (во слободен превод од келтски – Ние Сами) управуваше Џери Адамс, со неговото контроверзно минато.

Градење нов имиџ

Иако тој беше дел од мировниот процес во Северна Ирска, по договорот од Велики петок во април 1998 година, беше преговарач за создавање на заедничка влада во покраината на локалните унионисти и републиканци- националисти, беше дел од првата таква влада во Белфаст и беше избран и за пратеник во Вестминстер во Лондон (покрај пратеничката позиција во Белфаст и во Даблин), никогаш не успеа да го смени имиџот на оваа „сеирска“ партија. Остана да биде третиран како „тврд“ националист.

Кога тој се повлече од партијата и политиката и замина во пензија, без разлика што и сега зборува дека никогаш не бил дел од ИРА и дека неговите раце „не се окрвавени“, како и Шин Феин да почна полека да се менува и да се ослободува од историското наследство.

Наместо Адамс, оваа партија сега ја предводи една жена – Мари Лу Мекдоналд, која по овие избори, теоретски и технички, може да биде и првата во историјата, жена премиер (тиошик) во Република Ирска.

Жена ја предводи Шин Феин и во Северна Ирска, па многу е веројатно, дека во координирана работа со водството во Даблин, конечно, во Белфаст се тргна од мртвата точка.

После без малку три години со директна управа од Лондон, беше формирана локалната влада на ДУП и Шин Феин (и таму разликата е само едно пратеничко место повеќе за унионистите), откако шинфеиновци попуштија од тврдата позиција – ирскиот јазик во Северна Ирска да биде признат како втор официјален.

Кој ќе прави влада?

Сигурно е дека оние во Алстер, на северот од Островот нема никогаш да се откажат од обединувањето, ниту од својата кауза во борбата со унионистите. Меѓутоа, она што се случи во Белфаст, а и ова сега во Даблин, покажува дека новата генерација политичари од оваа партија, по се изгледа, настојува да се ослободува од минатото и да се појавува (барем во Ирска) релаксирана и од тврдата националистичка позиција, свртувајќи се кон својата левичарска идеологија.

Дали тоа ќе донесе големото изненадување од изборите да биде комплетно – со влада предводена од Шин Феин и Мекдоналд?

Во Даблин локалните аналитичари немаат брз одговор. Максимално се претпазливи околу тоа како натаму ќе се развиваат работите.

Гласачите покажаа дека на Шин Феин не гледаат со очите на лидерите на двете десно-центристички партии, кои уште во изборната кампања порачаа дека нема да прават коалиција, а ниту да влегуваат во влада со оваа партија. Прво, од идеолошки причини- поради нејзиното тврдо левичарење, а потоа и поради минатото и поврзаноста со ИРА.

„Ловење“ коалициони партнери

Една варијанта е да му се даде предност на Мајкл Мартин да направи коалиција. Но ако не направи со Варадкар (голема коалиција на двете главни партии) ќе мора со Мекдоналд. Таа самата, исто така вели дека не сака да се здружува со партиите кои еден век и ја кројат судбината на Ирска. Меѓутоа, ако не успее со левичарскиот блок таа ќе мора да прифати да работи со едната од нив- поверојатно, со Фиана Фаил, која досега беше осум години во опозиција.

Работата е да се обезбедат барем 81 пратеници за една стабилна влада, во Даелот кој има 160 пратенички места. Во оваа математика може да се вклопи и Фине Гаел, но шансите Лео Варадкар да остане премиер се мали, затоа што тој веќе се соочува со незадоволници во самата партија кои сметаат дека треба да си оди од лидерската позиција. Гласачите, пак, се незадоволни од неговите економски резултати.

Во секој случај, овие три партии во следните недели (пред четири години преговорите за влада траеја над 70 денови) сега се главните играчи за одбегнување на подолгорочна политичка криза, или за нови парламентарни избори.

Во спречувањето на една таква ситуација, Варадкар, сепак, може да биде од голема полза.

Тој има одиграно голема улога во кризата околу Ирска и границата на Републиката со Северна Ирска, со Брегзит. Ирскиот премиер е најзаслужен што нема „цврста“ граница на Островот и што се најде какво-такво решение кое уште и ги задоволува северноирските националисти. А, тоа може да биде важен капитал, сега кога од Лондон одново се закануваат со тврди преговори околу идните британско-европски односи.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе