На Антарктик како во Сан Диего!
Кај истражувачката станица „Есперанца“ на Антарктик деновиве била измерена температура од 18,3 степени Целзиусови! Тоа е највисоката досега регистрирана температура на овој континент под мраз, околу Јужниот пол.
Американските медиуми кои се повикуваат на соопштението на научниците од Светската метеоролошка организација (WMO) кои го следат движењето на температурата на Антарктикот, пишуваат дека досегашната рекордно висока температура била регистрирана во март 2015 година, кога термометрите измериле 17,5 степени.
Редовното мерење на температурата на „смрзнатиот“ континент е започнато во 1961 година.
„Изгледа навистина неверојатно, но тој ден, температурата кај нашата станица на Антарктик беше еднаква со температурата измерена во градот Сан Диего, на Пацификот, во јужна Калифорнија“ – изјавил претставник на Светската метеоролошка станица. Според овој претставник, мала може да биде утехата дека на јужната хемисфера трае летото.
Истражувањата што досега се направени откриваат дека од сите делови на планетата Земја, реонот на Антарктикот се загрева најбрзо во последните 50 години. Просечната температура на овој континент е зголемена за три степени.
Во периодот меѓу 1979 година и 2017, дури шест пати е зголемено количеството на мраз што се губи на Антарктикот.
Таквата ситуација со топењето на сантите, како последица од климатските промени, придонесува за постојаното зголемување на нивото на светските мориња. А, според експертите, станува збор за појава која треба сите во светот сериозно да ги загрижи.
Научниците веќе подолго време предупредуваат на општото глобално загревање.
Тоа би можело да предизвика расцеп на континентот на повеќе делови и топење на мразот на големото количество од Антарктик во реонот на Јужниот пол.
Тоа, пак, проценуваат експерти, може да доведе до вистинска катастрофа од глобални размери, затоа што во такви услови, нивото на морето би можело нагло да се зголеми за најмалку три метри.