Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Брегзит-горчлива „зора на слободата“

tanaonte/Bigstock.com

Брегзит-горчлива „зора на слободата“

Велика Британија повеќе не е членка на Европската унија.

По 47 години членство и исто толку време разбранувани односи меѓу Лондон и Брисел, Британците конечно се разведоа со Европа. Одлучија одново да се повлечат  на своите острови,  понастрана од континентот на кој сакаат да му се приклучат само доколку Европејците се согласуваат тие да имаат некаков посебен статус, според стандарди и правила кои ним им одговараат.

Во Унијата, тогаш позната како Европска економска заедница (ЕЕЗ) се влезени на 1 јануари 1973 година и според сеќавањето на хроничарите, тоа поминало тивко, без славење и веселба. Велат  дека дури имало и мали протести на противниците на британското приклучување во заедницата на европските држави. Особено што сето тоа уследило по повеќе од една деценија француското вето. Патот кон европското интегрирање бил отворен дури по оставката на францускиот претседател Шарл де Гол, во 1969 година, па противниците на врзувањето со Европа, сметале дека Британија треба да биде и да остане сама.

„Победа“ против кого?

Така мислат и оние кои во ноќта меѓу 31 јануари и 1 февруари, се собраа на плоштадот пред зградата на британскиот Парламент во Лондон и во подножјето на Биг Бен, чекајќи часовникот да отчука 23 часот (полноќ по средноевропско време) за да го означи крајот на членството на Британија во ЕУ. Вооружени со британски и англиски знамиња тие се собраа за да ја прославуваат разделбата со Европа, означувајќи го тоа како „ победа“ , како „ ослободување“, или уште попатетично  –  како „ раѓање на новата зора на слободата“ .

Кого тоа Британија победила, за да прави вакви победоносни прослави. Од кого се  „ослободила“ кога од историјата е познато дека никогаш нејзината територија не била освоена, освен од античките Римјани кои стигнале до Алба (денешна Шкотска) и во почетокот на 11 век- од Норманите. И, конечно, каква тоа „ нова зора“ се раѓа во земјата која со, или без ЕУ, има статус на светска сила во надворешната политика и на петта економија во светот.

Биг Бен ги отчукуваше последните секунди пред излегувањето од ЕУ

Никој во онаа маса од антиевропски настроени луѓе не знаеше да одговори, но тие славеа „Виктори“ како кога на крајот од Втората светска војна , се собраа во центарот на британскиот главен град, заедно со тогашниот премиер и лидер од војната- Винстон Черчил, да и се радуваат на победата над нацизмот.

Длабоко поделена држава

Премиерот Борис Џонсон, едно време про-европеец  кој се претвори во страствен евроскептик, брегзитер и анти-ЕУ активист, велат, заради неговите политички амбиции во домашната политика, во специјално, снимената порака за британската јавност, порача дека не треба да се тагува поради излегувањето од Унијата. Според него, од 1 февруари „ почнува времето на промената“, или како што вели во пораката, станува збор за „изгревот на новата зора“ за Велика Британија и за Британците.

Прикажувањето на некакво ново будење на земјата, откако сега е (одново) сама  и надвор од ЕУ, како и целата таа патетика околу завршувањето на процесот на Брегзит, со светлосно боење на неговата службена резиденција во Даунинг стрит 10 во сино-бело-црвените бои на британското знаме, му е потребна на Џонсон . Таа му треба  за да го навести обидот за обединување на длабоко поделената земја, разединета и политички и идеолошки, околу  Униијата и раскарана за тоа што ќе биде понатаму- кога „ зората на слободата“ ќе ја замени новиот ден.

На референдумот за Брегзит, во јуни 2016 година, околу 52 отсто од Британците гласаа за излегување од ЕУ. Во анкетата направена минатиот месец, меѓутоа, 53 отсто од луѓето рекле дека доколку сега би се гласало би се определиле за останување во Унијата. Пред 3,5 години, на гласањето,  големо мнозинство Шкотланѓани беа против Брегзит. Против беа и мнозинството северноирски гласачи, како и огромното мнозинство од осум милионскиот Лондон.

„Се уште ја сакаме ЕУ“

Додека дел од Лондончани и дојдени Брегзитери и се радуваа на „вратената слобода“ и на светлосните бимови во британските бои, во Единбург зградата на тамошната влада беше осветлена во сино-жолти бои, во боите на ЕУ. Од Шкотска гневно порачуваат – „насила не извадија од ЕУ, против нашата волја, но ние наскоро ќе бидеме независни и веднаш ќе се вратиме во Унијата“.

Во Северна Ирска, републиканците се радуваат дека Брегзит, всушност, е првата стапка кон повторното обединување на Алстер кон матицата Република Ирска. На белите карпи на Довер, на Ламанш (Англискиот канала, како го нарекуваат Англичаните) огромен транспарент стои закачен на симболичниот влез во Британија, ги пречекува патниците, кога по море се доаѓа од Европа. На него  пишува- „Ние се уште ја сакаме ЕУ“- и уште – „Ние не сме земјата на Најџел Фараж и Борис Џонсон“.

Оние кои го имаат поставено транспарентот на површина од 150 квадратни метри, уште порачуваат дека тој им е посветен на луѓето кои влегуваат во Британија, како и на оние три милиони државјани на ЕУ кои одлучија да живеат и да работат во неа, кои Британија ја одбраа за свој дом, на како што велат- нашите пријатели, соседи, учителите на нашите деца, лекарите кои не лекуваат.

Страв од иднината

Оние кои беа и останаа против Брегзит, но и дел од оние кои гласаа за излегување од ЕУ не кријат дека стравуваат од тоа што ќе се случува понатаму со Британија.

Зградите на Парламентот во Лондон и мостот Вестминстер

Секако, оваа земја нема да пропадне економски и финансиски, нема да се најде во ситуација како една Грција, на пример, но луѓето се плашат за себе и за својата, домашна економија, за тоа што навистина ќе загубат од досегашниот статус.

А, тој им нудеше да одат на забар, или на лекување во соседна Франција, на шопинг во Белгија, на викенди низ земјите од ЕУ, на одмор во своите станови, или куќи во Шпанија, земајќи кредити во било која европска банка, како да се во Британија, затоа што беа државјани на Унијата. Не знаат дали Лондон ќе го загуби својот привилегиран  статус да биде финансиски центар на Европа, а да се остане надвор од евро-зоната. Германија и Франкфурт, веќе се подготвуваат да ја преземат таа улога, која носи пари- за градот, за државата, но и за обичните луѓе.

Година на транзиција

Мнозинството Британци не веруваат дека ќе им биде подобро, барем во првите неколку години. Секако, 2020-та, означена како транзициски период, ништо нема практично да се смени во позицијата на земјата.

Џонсон нема да мора да оди на Самитите на ЕУ, освен ако не биде поканет. Британските министри се ослободени од обврската да учествуваат на седниците на Унијата. До крајот на годината, Британците ќе ги имаат привилегиите што ги имаа изминатите 47 години, а нивната земја ќе мора и за оваа година да ја уплати својата квота во заедничкиот, европски буџет, но од следната 2021 година, работите ќе почнат да се менуваат.

Лондон и Брисел ќе останат пријателски и блиски, но тогаш Британија ќе биде надвор од европскиот клуб, па работите ќе одат според принципот  – брат, за брат, но сирењето е за пари! Секој ќе го следи својот интерес.

Во секој случај, некои потрезвени аналитичари сметаат дека Британија арогантно и тврдоглаво влезе во процесот на Брегзит, создавајќи нестабилност, за да сега спроведува неизвесност за себе и за своето население.

Побуна на анти-европските ториевци

Токму и така почна целата работа- од расчистувањето на сметките во Конзервативната партија, традиционално евроскептична и со силно англиско, на границата од националистичко, расположение дека Британија е Голема и дека неа не и потребно било кому и за било што да му поднесува сметка, а особено да биде изедначена со европските „лилипутански“ држави, за да се покорува на правила и прописи кои се европски, а не само британски.

Извори на Скопје/Глобал од Лондон велат дека сето тоа има корени во изминатите години од британското членство во ЕЕЗ/ЕУ , откако економското поврзување полека се претвораше во политичко интегрирање, а најмногу откако од Европа почна да се заговара за подлабоко интегрирање, или дури и за создавање на некаква „ супер држава“.

Британците уште од самиот почеток, од влезот во 1973 година, постојано беа на „ штрек“ од наводната закана за нивната сувереност.

Тоа стравување „експлодира“ во 2016 година, кога младиот и полетен ториевец Дејвид Камерон, близок пријател и сојузник со Борис Џонсон , како нов лидер на конзервативците се искара со своите околу Европа и статусот на Британија во ЕУ. Изгледа дека не очекуваше оти ја отворил „ пандорината кутија“.

Камерон, иако и самиот евроскептик, им порача на своите ториевци, да престанат со постојаното покренување на „ европското прашање“ и да се свртат кон иднината. Но, изминатите 13 години во опозиција, антиевропскте сили во оваа најстара британска партија, ги има направено и гласни и моќни, па од новиот лидер го побараа она за што тој им се замери.

Камерон ветува референдум

Кога во 2010 година  Дејвид Камерон дојде на власт, како премиер, мораше да го отвори прашањето за Европа. Го одлагаше тоа, оправдувајќи се со коалициониот партнер во владата (Либералдемократите кои беа и се против излегување од ЕУ) , но на крајот мораше да вети преговори со Брисел за статусот на Британија и референдум на кој граѓаните ќе кажат дали се за, или се против останување во Унијата. Условот беше- доколку тој и конзервативците победат на следните избори.

Едвард Хит – човекот што ја внесе Британија во ЕЕЗ

Кога го доби и вториот мандат, мораше да се држи за она што им го вети на своите од крајната десница на Конзервативната партија.

Самиот тој беше за останување во ЕУ, а и мнозинството од неговите министри беа против Брегзит, барем беа јавно на таа линија. Но, со лажната пропаганда, со кампањата заснована на полувистини и со скоро расистичката медиумска кампања, против сите другите во ЕУ, а особено против луѓето од Истокот на Европа, мало мнозинство, но сепак, мнозинство, се определи за напуштање на Унијата и за разделба на земјата од континентот. Се потоа, веќе е историја.

„Црвот“ на Брегзит

Двајца премиери, осум министри и осумдесетина пратеници, станаа жртва на 3,5 годишната расправија за Брегзит, која целосно ја блокира домашната политика  и ја раздели земјата, како ништо пред тоа, со децении на ред наназад.

Некои затоа, и во Лондон и во Брисел, велат дека им олеснало со конечната разделба со Британија. Некои француски медиуми потсетуваат дека „ „црвот на Брегзит“ во европското јаболко е уште од самиот почеток на британското интегрирање во Европа, според она нивното- сакам, не сакам во ЕЕЗ/ЕУ.

Во ЕЕЗ, Британија ја внесе еден ториевец, силен проевропеец- тогашниот премиер Едвард  Хит. Првата апликација за членство ја има побарано еден друг конзервативец, Харолд Макмилан уште во 1961 година. „Челичната леди“ Маргарет Тачер ја има унапредено британската европска интеграција, уверувајќи дека Британија има голем интерес од ЕЕЗ и од тоа да биде дел од Европа- и економски и трговски и политички.

Триумф или глупост

Таа, сепак, прва како премиер на Британија,  се спротивстави на поцврстата интеграција и на тоа од ЕЕЗ/ЕУ да се прави некаква супер- држава, налик на САД.

Но, многу порано, уште 1975 година, кога лабуристите ја презедоа власта, тие веднаш  свртеа нов лист во британско-европските односи. Премиерот- левичар Харолд Вилсон, само две години по влезот во ЕЕЗ,  организира референдум дали да се остане во тогашната Заедница. На тоа изјаснување, победи европската опција-  над 67 отсто Британци беа за останување во Европа.

Без малку половина век подоцна, мнозинството го смени мислењето, иако сега и Британија, а и ЕУ се различни, побогати и постабилни. Овој пат, еден друг конзервативец, Џонсон, ја истурка работата што неговиот некогашен другар (Камерон) не сакајќи ја почна, па  ја извлече државата од европскиот клуб, за да биде сама наспроти Европа и нејзиниот моќен и богат пазар од над 450 милиони жители.

За едни тоа е „ триумф на британството“ , за повеќето обични Британци тоа е политичка и стратешка„ глупост“ каква Британија никогаш досега нема направено. Лондонски „Тајмс“ по тој повод ќе напише- „Брегзит за Борис Џонсон никогаш не бил економски проект, туку само филозофски кој нуди „ слобода“ и повикува на емоции- кои, пак,  само го залажуваат паметот“.

Сервис – Скопје/Глобал

 

 

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе