Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Хрватска меѓу иднината и минатото

miroslav110/BigStock.com

Хрватска меѓу иднината и минатото

На преминот меѓу едната и другата година, во Хрватска се одлучува за тоа кој ќе биде претседател на државата во следните пет години.

На 22 декември се гласаше во првиот, додека на 5 јануари ќе се гласа во вториот изборен круг.

Во првиот, луѓето гласаа за десет пријавени кандидати, додека во вториот круг, хрватските гласачи треба да се определат меѓу двајцата првопласирани – поранешниот премиер Зоран Милановиќ кој освои најмногу гласови и актуелната претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ, која остана втора, со мала разлика пред третопласираниот, пејачот Мирослав Шкоро.

Ваквиот распоред на силите ги изненади сите претходни анкети и домашните аналитичари.

Истражувањата правени пред гласањето покажуваа дека Китаровиќ зад која стои владејачката ХДЗ (Хрватска демократска заедница) „сосема сигурно“ ќе биде првопласирана, иако изборната победа ќе треба да ја бара во вториот круг, а дека Милановиќ, како кандидат на Социјалдемократската партија (СДП), во најдобар случај ќе биде втор. Сепак, најголема непознаница беше новакот во политиката Шкоро.

Изненадувачка разврска

Во текот на предизборната кампања, со својата конзервативна реторика тој дејствуваше меѓу традиционалните гласачи на ХДЗ, практично, нудејќи им во основа иста платформа, но сепак пласирана на поинаков начин и со повеќе визионерство, од онаа на Китаровиќ.

Некои аналитичари, затоа, предупредуваа дека во вториот круг би можело да се судрат две конзервативни, десничарски и националистички платформи (на актуелната претседателка и на новакот-популарен хрватски пејач), а дека Милановиќ во тој случај би можел да остане во аут.

Сега сите три изборни штабови анализираат што се случи во првиот круг и како сега да се заврши изборниот процес.

Китаровиќ и ХДЗ настојуваат да утврдат зашто доживеаја неуспех. Шкоро, пак, настојува да утврди зашто – за сосема малку – не го направи најголемото изненадување- исфрлајќи ја од игра самоуверената претседателка. Милановиќ, меѓутоа, сега има најтешка работа.

Треба на сите да им покаже дека иако го отпишуваа како иден претседател на Хрватска, најмногу поради неговиот карактер и (велат) неможноста да комуницира со јавноста – дека тој, сепак, би можел уште еднаш да ја порази Китаровиќ и да влезе во претседателската палата.

„Изборите не се војна“

Првите реакции после првиот круг, особено од редовите на ХДЗ, на самата Китаровиќ и на премиерот Андреа Пленковиќ, одеа кон тоа дека Милановиќ „го има добиено првото полувреме, но дека победникот на крајот ќе биде сегашната претседателка“.

И добар дел од аналитичарите се определија за една таква разврска на крајот, тргнувајќи од едноставната, изборна математика – од верувањето дека ќе дојде до спојување на гласовите на актуелната претседателка со оние што ги освои Шкоро, за кои се тврди дека во најголем број се хадезовски.

Милановиќ, пак, непосредно пред тамошните божикни празници реагираше со една крајно нетипична за Хрватска, смирена и разумна изјава, кусо порачувајќи – „одиме понатаму, но не одиме во војна, затоа што војни повеќе нема“.

Хрватската националистичка десница, за која „татковинската војна“ од деведестите години на 20 век, како се уште да не е завршена, не сака вакви изјави.

Но, поголемиот дел од гласачите и домашната јавност, како да е презаситена од постојаната борбена реторика и од трагањето по „внатрешниот непријател“ (најчесто тоа е сега минијатурната српска етничка заедница), па првата проверка на расположението на гласачите, по првиот круг, тоа и го покажа.

Засилена позицијата на Милановиќ

Милановиќ и натаму ја подобрува својата позиција кај гласачите, па кога сега би се гласало тој би ја поразил Китаровиќ, освојувајќи 48,4 отсто од гласовите, додека таа би добила 41,1 отсто.

Истражувањето направено за загрепската Нова телевизија открива дека за Милановиќ, освен целата левица и лево-ориентираните партии и организации би гласале најголемиот дел од младите до 29 години и дури над 60 отсто од оние до 44 години. За него и натаму силно стојат гласачите во Загреб, во Истра, Приморјето и северот на Хрватска. Китаревиќ, пак, би ја добила поддршката на оние меѓу 45 и 59 години и мнозинството од гласачите кои имаат основно образование.

Ваквите резултати ја прават трката за вториот круг уште понеизвесна од онаа во првиот.

За Милановиќ се вели дека успеал таму каде тоа од него најмалку се очекуваше – да се дисциплинира себе си, па во сите свои јавни настапи и дебати тој единствен од сите кандидати делувал како државник.

„Китаровиќ заробена во минатото“

На актуелната претседателка, во исто време, и се забележува дека останала на нивото на нејзините дневни настапи од времето пред изборите – продавајќи им ја на гласачите иднината, а всушност останувајќи заробеник на минатото.

Таквите критики, во хрватската политичка јавност се отворени уште од нејзиниот настап во Вуковар – последниот пред затворањето на изборната кампања, на кој таа продолжила да им се додворува на воените ветерани, нудејќи „старинска“ слика за земјата и уште заканувајќи и се на соседна Србија дека Белград нема да добие „зелено светло“ за ЕУ, доколку не се разреши проблемот со исчезнатите лица.

Наместо тоа, нејзиниот конкурент не ги споменувал соседите во кампањата. Никому не се заканил, но има порачано дека војната е завршена, како и тоа дека на Хрватска и е доста од тоа.

„Општеството и државата сега треба да се изградуваат поинаку “ – порачал поранешниот премиер во својот последен настап.

Факторот Шкоро

Според тоа, двајцата кандидати освен што потекнуваат од две различни идеолошки матрици, се разликуваат и во визиите за тоа каква треба да биде и како треба да се изградува Хрватска, државата која од 1 јануари, шест месеци ќе претседава со ЕУ. Како најмладата земја- членка која само после 6,5 години од приемот во Унијата ја презема оваа одговорна, но и респектабилна позиција.

Кандидатот на левиот блок заговара нова Хрватска, свртена кон иднината. Кандидатот на десницата зборува за традиционалните (конзервативни) вредности, за народот, за националната агенда и за минатото.

И обајцата, меѓутоа, без разлики на своите партиски, идеолошки и визионерски позиции, впечаток е дека на крајот ќе зависат од елимираниот Шкоро – од тоа како ќе се насочат неговите гласови од првиот круг. А, тој засега молчи и не се определува. Велат сега има политички амбиции и дека размислува со своја партија да се појави на следните парламентарни избори, што доколку е точно, не може да им гарантира на ХДЗ и на Китаровиќ дека туку-така ќе им овозможи да победат во трката за претседател.

(З.Х.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе