„Пржино“ треба да замине во историјата
Крајно време е Република Северна Македонија да почне да раскинува со некои, како нужно зло наметнати – компромиси и своевидни митологизирани догми и да станува нормална држава каде што суверено ќе владеат правото, вистинските морални стандарди, каде ќе се јуридизира политиката, односно ќе се воспостави контрола врз неа од реформираното право. А, тоа значи деполитизирање на правото и изградба на модерна, демократска политичка култура.
Еден од тие компромиси кои во моментот на потпишувањето значеше позитивен исчекор и премостување на големата политичко-институционална криза, што некои тогаш го критикуваа, а денес бараат да продолжи да се применува, па уште и го митологизираат и догматизираат е „Пржински договор 1 и 2“.
Тоа беше тешко постигнат компромис. Меѓутоа, беше и договор за ЕДНОКРАТНА употреба со кој во голем временски теснец и во услови на политички тензии беа создадени неколку инструменти со кои требаше да се пресече јазолот на кризата и да се расчистат патеките за нормализирање на државата и општеството.
Режимот ја зароби државата
Македонија, по тоа, конечно, тргна по патот на нормализацијата, на демократијата и реформите во сите сфери на општественото живеење. Претходно, мораше да ги помине искушенијата од „црниот понеделник“ (исфрлањето на пратениците на опозицијата и новинарите од Собранието од страна на тајната партиска полиција), па инструираниот масакр во „Диво насеље“ во Куманово, изборните кражби во цела серија предвремени избори. Но, да помине и преку „бомбите“ на опозицијата и амнестијата на криминалите на власта, па преку студентските протести, Шарената револуција и, посебно, обидот за државен удар на тогашната власт, за време на „крвавиот четврток“ (27 април 2017), сето тоа да заврши со пад на режимот на ВМРО-ДПМНЕ на чело со автократот Никола Груевски.
Според оценката на ЕУ, режимот ја доведе земјата до стадиум на ЗАРОБЕНА ДРЖАВА, што почна да се урива по изборите од пред крајот на 2016 година, откако по долготрајни опструкции се избра претседател на Парламентот, а подоцна и влада на новоформираното парламентарно мнозинство.
По речиси три години од овие процеси, кога многу работи се изменија во позитивна насока – влезот во НАТО е само прашање на време, а по бриселската погрешна и непринципиелна опструкција на францускиот претседател Макрон, и втората стратегиска определба – добивање датум за преговори со ЕУ- станува сé поизвесна, некои инсталации и функционери од врвот на сé уште нереформираната и непрочистена партија на режимот (сега во опозиција), со сите сили се борат за спас.
Обид за пуч од поранешната власт
Пред се, од судска одговорност за сторените огромни криминали, но и преку одењето на актуелната власт, по линија на најмал отпор , со инсистирање на компромиси по секоја цена (макар и гнили), како и со „криминалните опашки“ на коалицискиот партнер (и на претходната и на сегашната влада) – на најразлични начини го воскреснуваат и актуелизираат „Пржинскиот договор“. Сето тоа врз некои толкувања и наметнување решенија, наводно, според некаков дух и логика на овој договор!
„Пржинскиот договор“ беше направен под притисок и под патронат на САД и ЕУ за да се бајпасира и надмине политичко-институционалната криза која со себе носеше и безбедносни ризици и закани не само за Македонија, туку и за целиот регион. И тој, односно неговите две решенија, иако со многу тешкотии и опструкции, главно од тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ, релативно успешно ја извршија својата функција. Доведоа до предвремени парламентарни избори со „пржинска“ влада, со изборен закон, изборна комисија и со медиумско регулаторно тело и уште некои други инструменти, уредени според овој договор.
Изборите беа оценети како успешни, резултатите беа речиси израмнети (51:49 пратеници во односот ВМРО-ДПМНЕ – СДСМ). Но, мораше да поминат по низа перипетии во кои главен беше тогашниот претседател на Републиката, Ѓорге Иванов. Тој извади цела низа произволни толкувања и влечеше потези кои значеа кршења на Уставот, па после неколку месечни опструкции на вмровската власт на заминување, вклучувајќи го и обидот за пуч, со државен тероризам на „крвавиот четврток“, што не успеаја, Иванов мораше да му го предаде мандатот на кандидатот за премиер на коалицијата, која веќе имаше создадено парламентарно мнозинство.
Опозицијата бара бришење на криминалите
Тука вмровската опструкција не застана, па државата и Собранието „се отелија“ додека се избра претседател на парламентот, па по бескрајни уцени, наводно во „пржинскиот“ дух, парламентарното мнозинство мораше да подлегне на уцените и да прифати, претседател на парламентарната Комисија за избор и именувања да биде од опозицијата (!?), без разлика што по дефиниција и секаде е орган на владејачкото мнозинство, за да полесно ги спроведува своите кадровски и програмски политики.
Последиците од тој „пржински“ компромис и по три години се чувствуваат на многу полиња. Поради неможноста да се донесе соодветниот закон, три години јавниот телевизиски сервис МРТВ остана и сé уште е сервис на ВМРО-ДПМНЕ. Слично е и со Агенцијата за електронски медиуми, Комисијата против дискриминација, Државната ревизија и некои други регулаторни тела, а за педесетината илјади припадници на партиската војска во администрацијата, не треба ниту да се зборува. Последиците, не само што се чувствуваат сега, туку ќе се чувствуваат и понатаму.
Врв на целиот тој апсурдот е – не само барањето на ВМРО-ДПМНЕ за „пржинска“/техничка влада/ пред претстојните избори (тоа се бараше дури изборите да беа и редовни), туку и избор на шефот-обвинител за организиран криминал да биде по предлог на опозицијата . Освен тоа, виза за законот за јавно обвинителство да се добие само ако се најде начин за да се амнестираат функционерите на оваа партија за сторените криминали и отфрлањето како докази во судските процеси и уништување на прислушуваните разговори. И сето тоа, проследено со притисокот врз СДСМ да ги прифаќа постојаните уцени за да можело и натаму да функционираат сите вакви инструменти – создадени и применети во еден сосема друг момент и во амбиент различен од сегашниот.
Непотребни предвремени избори
Предвремените избори, кои, според моето мислење, не беа потребни во овој момент, можат да го пореметат не само реформскиот и развојниот процес, туку и најзначајната наша обврска околу приемот во НАТО – ратификација на протоколот, бидејќи Собранието можеби ќе биде распуштено кога како држава ќе треба да ја завршиме оваа наша толку посакувана и чекана постапка.
„ Пржинската влада“ сто дена пред изборите, што тогаш беше измислена ја изврши функцијата за каква-таква контрола на изборниот процес, кој најмногу беше злоупотребуван во полицијата (не случајно самата министерка го нарекуваше МВРО-ВМРО), во Министерството за социјала, кое се претвори во министерството за клиентелизам, за регрутирање повеќе масовни социјални категории за да гласаат за власта, како и во министерствата за финансии и за земјоделство кои пумпаа пари за гласови, со субвенции и слични клиентелистички мерки.
Меѓутоа, сега, таа ќе биде контрапункт и, всушност, ќе го поремети нормалниот ритам на владата во водењето на земјата, ќе ги блокира сите реформски процеси, ќе ги забави бизнисите и инвестициите, но и поради техничките министри може да расипе, за кратко време, многу работи кои се добро поставени и направени.
„Сваровски“ инсталации
„Пржинскиот модел“ на изнудени инструменти, донесе уште два апсурда на кои сега инсистира актуелната опозиција, која како власт ја зароби и ограби државата и тоа беше причина за овој договор и за неговите решенија. Првиот, Специјалното јавно обвинителство беше формирано и така беше поставено – „со малку штоф и уште помалку време да се направи костум по мерка“ – односно, со компромис и со предумисла целосно да не успее.
Му се определи краток рок за постоење, малку време за докажување на криминалите, а при тоа, додека криминалците беа на власт, но и до ден денес, постојано го опструираа со помош на своите „сваровски“ инсталации во Уставниот суд, во судовите, во јавното обвинителство и администрацијата. Вториот апсурд сé уште трае поради фактот што законот за јавното обвинителство, како системски, мораше да се донесе со двотретинско мнозинство, што значи и со дел од гласовите на некои пратеници кои, инаку, се судат за сторените изборни и други криминали додека беа власт.
Без „срам и перде“, високи функционери од опозицијата, обвинети за криминал, се наместија да бидат главни преговарачи за овој закон! И, нормално, го поставија условот – амнестија од гонење за сторените криминали како компензација за гласови за законот за јавно обвинителство! Поради тоа законот не беше донесен. Иако тој не беше и не е услов за датум за преговори со ЕУ – Холандија и Данска инсистираат на неговото побрзо донесување!
Државата функционира
Државата и институциите веќе три години нормално функционираат, реформските и сите други процеси напредуваат, а доказ се оценките на релевантните светски институции: извештаите на ЕУ, НАТО, ООН, Светска банка, ММФ. Најголем доказ е приемот во НАТО, што е само прашање на денови, можеби и месец-два, како и сосема извесното добивање на датум, како што изјавил претседателот Емануел Макрон, без други алтернативи и без нови услови.
Нужноста од заминувањето на „Пржинскиот договор“ во историјата, затоа, не е веќе само прашање на партиите од власта, ниту на опозицијата која, краткорочно, можеби ќе ќари нешто во моментот, туку е прашање на нормалната демократска држава кон која се стремиме, на владеењето на правото, на реформите во сите сфери и исполнувањето на европските стандарди кон кои (сите јавно велат) се нашата цел.
Сите (сепак) не се исти!
„Пржино “ беше инструмент на Европа, но не е стандард на Европа.
Ако остане и натаму да функционира „Пржинскиот договор“, или пак да се провлекува неговиот „дух“ , со измислени креативни толкувања, тогаш сериозно ќе се поткрепи релативизаторската теза, која откако ВМРО-ДПМНЕ не е на власт, дека сите (партии и власти ) се исти.
Тоа постојано се наметнува во јавноста од „мал милион“ социјални медиуми, но и од весниците кои останаа и телевизиите, што инаку се под шинелот на оваа партија, од новиот лидер, како и од вождот во азил, како и од некои други – разочарани „шарени револуционери“, „дезориентирани НВО-активисти“ и „суетни сдсмовци“ .
А, тезата дека „сите се исти“, не само што не е точна, туку е и погубна, не само за државата Македонија , туку и за целото општество и за граѓаните.
1 Коментар