Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Бизнис во Украина за пријатели на Рик Пери

Бизнис во Украина за пријатели на Рик Пери

Двајца блиски пријатели и политички поддржувачи на американскиот министер за енергија Рик Пери, од кои едниот е и богат партиски донатор на републиканците, имаат обезбедено за себе профитабилни зделки за истражување и експлоатација на нафта и гас во Украина- откриваат медиумите во САД.

Медиумите тврдат дека договорите со владата во Киев биле постигнати „ многу брзо откако Пери определил, еден од нив да биде и советник на украинскиот претседател за енергетски прашања“.

Станува збор за Мајкл Блејзер и за Алекс Кранберг. Блејзер е од украинско-американско потекло. Роден е во Харков во Украина,  израснат во САД и  сега  работи во една енергетска компанија во Хјустон-Тексас. Тој е поранешен инженер на нафтениот гигант Ексон.

Вносна зделка

Според медиумите, целиот овој случај добива една сосема друга димензија затоа што напорите на Пери да влијае врз украинската енергетска политика потекнуваат  уште од пред повеќе месеци, од времето кога новата украинска влада на претседателот Володимир Зеленски побара од САД воена помош за да може земјата да се одбрани од  руската агресија, посебно од онаа на Истокот од земјата.

Весникот „ Њујорк Тајмс“, пак,  тврди дека тоа е времето кога луѓе од кругот околу претседателот Доналд Трамп почнаа да притискаат врз властите во Киев да покренат темелна истрага против Џо Бајден, најверојатно главниот противник на Трамп за претседателските избори во ноември 2020 година, како и за неговиот син кој едно време бил член на Управниот одбор на една украинска нафтена компанија.

Токму ваквото однесување на Белата куќа кон една странска земја, а посебно по телефонскиот разговор на Трамп со Зеленски, во јули годинава, кога практично го има уценето украинскиот претседател дека воена помош ( околу 400 милиони долари) ќе добие ако властите во Украина покренат истрага за Бајденовци , сега е повод за покренување на постапката за импичмент против Трамп, во Конгресот на САД.

Откритието на медиумите покажува дека Пери, кого го бараат да сведочи пред конгресната комисија за импичментот,  и самиот е  поврзан со притисокот врз украинската влада , а  дека Киев веќе прави отстапки,  на тој начин што им го дава бизнисот за експлоатација и истражување на нафта и гас  на блиски политички сојузници на американскиот министер, што ќе рече на човек од администрација на Трамп.

Истражување во Варвинска

Уште повеќе што Пери, односно Блејзер и Кранберг, се наградени со вносен договор само еден месец по посетата на американскиот министер за енергија на Киев. Пери беше во Украина во мај годинава,  како специјален претставник на САД на инаугурацијата на новиот претседател Зеленски.

Двајцата Американци сега ќе може да вршат истражување во резерватот Варвинска, во Украина, каде се знае дека има резерви од нафта и гас, што досега беше под контрола и во сопственост на државата. Медиумите во САД се сомневаат во политизацијата на целата оваа зделка затоа што понудата на Американците била пониска од онаа на другиот понудувач и единствениот конкурент на Блејзер и Кранберг.

„Њујорк Тајмс“ пишува дека Пери е еден од тројцата клучни американски функционери кои биле вклучени во преговорите меѓу Трамп и Зеленски.

Рик Пери е поранешен сенатор кој во 2012 година учествуваше во претседателската трка, како републикански кандидат. Еден од најголемите поддржувачи на неговата кандидатура и богат донатор за кампањата беше Алекс Кранберг.

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе