Моралес поднесе оставка и побегна во Мексико
Доскорешниот претседател на Боливија Ево Моралес (60) поднесе оставка на функцијата, а потоа побегна во Мексико, каде неколку часови пред тоа, тамошната влада му одобри политички азил.
Моралес за Мексико Сити замина од боливискиот главен град Ла Паз со авион на мексиканската влада. Претходно тој на брзина им се обратил на Боливијците само со една куса порака – „браќа и сестри јас заминувам за Мексико“!
Од таму, пак, се огласи шефот на мексиканската дипломатија, потврдувајќи дека Моралес добил азил и дека веќе е во Мексико. Во порака на Твитер, министерот Марсело Ебруд има напишано дека „во склад со меѓународните конвенции Ево Моралес се наоѓа под заштита на Мексико. Неговиот живот и интегритет се безбедни“.
Изборен фалсификат
Ваквата разврска на политичката криза во Боливија е последица на долгото владеење на Моралес, но повеќе на постепеното воведување на авторитарна власт во оваа држава под Андите, исполнето со корупција, со непотизам и со изигрување и злоупотреби на изборниот систем, иако ситуацијата, сепак, е далеку од примерот на Венецуела и на тамошниот режим.
Директен повод за падот на Моралес, меѓутоа, се масовните протести, уличните немири и заканата од граѓанска војна, што избувнаа по последните претседателските избори од 20 октомври. На изборите тој се кандидираше по четврти пат, едно по друго, а власта сакаше да ги „намести“ за да претседателот одново извојува лесна победа.
Протестите почнаа во Ла Паз, а потоа брзо се раширија и низ целата оваа голема земја. Демонстрантите ги напаѓаа домовите на политичарите од власта на Моралес, ги држеа како заложници нивните семејства заканувајќи се дека ќе ги убијат ако не си заминат од функциите, а некои од нив беа и директно нападнати, како една градоначалничка, врз која разгневената маса и истурила боја по целото тело, а потоа и целосно и ја исекле косата.
Локалните медиуми јавија за загинати и ранети во тепачките меѓу приврзениците и противниците на Моралес.
Ултиматум од армијата
На почетокот, претседателот одбиваше да се повлече од функцијата, но работите почнаа да добиваат друг тек кога полицијата им се приклучи на демонстрантите, а потоа началникот на генералштабот на армијата објави дека војската нема да излезе од касарните за да се судри со луѓето. Веднаш потоа армиските сили јавно го повикаа претседателот на државата да поднесе оставка, а тоа го сугерираше и Организацијата на американските држави (ОЕА) која го надгледуваше изборниот процес.
Во нивниот извештај се зборува дека на изборите од 20 октомври имало низ неправилности и манипулации во системот на гласањето, па дека затоа не може да биде прифатена “победата“ на Моралес. Посебна комисија на ОЕА побара од властите во Ла Паз да ги поништат изборите и да се закаже ново гласање.
Скандалот со фалсификувањето избувнал откако броењето на гласовите наеднаш било прекинато. Тоа траело еден ден, за да потоа продолжи, по што набргу била прогласена победа на Моралес. Разликата меѓу него и неговиот противкандидат изнесувала околу десет отсто, а толку му било потребно на Моралес за да извојува победа уште во првиот круг, како што бил и планот на власта. Се стравувало дека доколку има и втор круг гласање, претседателот би можел да претрпи пораз. Всушност, целата манипулација била направени во тие 24 часови кога било запрено броењето.
Тринаесет години на власт
Ево Моралес беше на власт 13 години, од 2006 година, како првиот претседател од индијанско потекло. Освои потоа уште еден претседателски мандат, а кога требаше да оди во пензија, затоа што Уставот предвидува само два едно по друго мандати, тој го смени Уставот за да и натаму остане на власт. Тогаш најави дека третиот ќе биде последен мандат, но во 2016 година побара нова уставна преправка, за да може да се кандидира и по четврти пат. Под притисок на јавноста, распиша референдум , а на него 51 отсто од гласачите беа против четвртиот мандат за Моралес. Но, иако поразен си обезбеди право да се појави како кандидат, со одлука на Врховниот суд кој е под негова контрола.
Боливијците го познаваат како долгогодишен одгледувач на кока, како и претседател на асоцијацијата на одгледувачи на растението кока. Ултра-левичар по уверување, но и силен популист со што ги има на своја страна придобиено сиромашните Боливијци . А тие се повеќе од една петина од населението. Ќе остане запаметен по тоа што ги национализираше државните резерви од природен гас.
Покрај него, оставки поднесоа и претседателот на Конгресот и двајца министри во владата, како и претседателот и првиот потпретседател на Сенатот. Луѓето се гневни кога разбраа дека Моралес во изминатите години, ја има намалено сиромаштијата, но државата ја има претворено во семејна фирма, поставувајќи роднини и блиски пријатели на високи државни позиции. Неговата сестра е гувернер на една од боливиските провинции.
(Л.А.)