Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Ники Хејли: Ме убедуваа да работам против Трамп

Ники Хејли: Ме убедуваа да работам против Трамп

Поранешната амбасадорка на САД во ОН, Ники Хејли, ги обвини поранешниот државен секретар Рекс Тилерсон и поранешниот шеф на кабинетот во Белата куќа, Џон Кели, дека ја убедувале да работи против претседателот Доналд Трамп и неговиот интегритет, оправдувајќи го тоа со интересите на државата!

Вo својата книга-мемоари „Со сиот достоен почит“ (With all due respect) Хејли тврди дека тие двајцата се обидувале да го игнорираат претседателот и да ја поткопаат неговата позиција за да ја „спасат државата“, а потоа и неа да ја регрутираат да соработува со нив, против Трамп.

„Секако дека ги одбив и обајцата“- тврди поранешната амбасадорка.

Спасување на Америка

За својот шеф според хиерархиската разместеност, државниот секретар Тилерсон, во книгата таа вели дека бил „ истрошен човек“ и дека сакал да заповеда, додека за Кели, пишува дека бил сомничав во нејзиниот пристап кон Трамп. Двајцата, меѓутоа, верувале дека со својата постапка само помагаат да се „ спаси државата“. Хејли тврди дека претседателот Трамп не знаел ништо за сето ова.

Рекс Тилерсон, првично, не реагираше на сериозните обвинувања од некогашната амбасадорка, но подоцна се огласи со изјава во „ Вашингтон Пост“ во која ги отфрла сите вакви тврдење на Хејли.

Според него, разговорите што ги имал со Трамп во Овалниот кабинет секогаш биле отворени и искрени.„ Тоа што ќе го договоревме, потоа се трудев со персоналот во Стејт департментот да го примениме во пракса. Хејли мошне ретко беше на таквите разговори, па и не може да знае како и за што сме разговарале со претседателот“- рекол Тилерсон во својата реакција.

Сличен е и коментарот на Кели кој уверува дека го обезбедувал претседателот со најдобрите правни и етички совети. „Ако тоа е доказ дека сум работел против него ( Трамп), тогаш сум виновен како што е изнесено во обвинувањето“- тврди Кели.

Тилерсон и Кели против Трамп?

Во книгата што неделава се појави во американската јавност, Хејли инсистира дека настанал „ судир“ меѓу овие двајца „ обвинети“ и претседателот околу неговата одлука повеќе да не се даваат пари, како финансиска помош за Палестинците, преку фондовите на ОН. Тилерсон  се спротивставил сметајќи дека тоа може да има лоши последици за американската позиција на Блискиот исток, да ги оддалечи САД од арапските сојузници и да му предизвика штети на Израел, но Трамп останал на своите ставови.

Веднаш потоа и Тилерсон, а и Кели побарале од тогашната амбасадорка во ОН, да застане зад нив, за да се спречат како што ја уверувале „ нови крвопролевања“ на Блискиот Исток и во интерес на државата, на тој начин што би се попречило  остварувањето на трамповата намера.

Рекс Тилерсон во пролета 2018 година,  беше  понижувачки сменет, дознавајќи за тоа од медиумите, откако неговото тргање од функцијата го соопшти Трамп, на својата страница на Твитер, без воопшто да го контактира својот државен секретар и ( до тогаш) пријател. Сега, по појавувањето на книгата, излегува дека е многу  веројатно оти казнувањето за Тилерсон ( и за Кели) уследило откако за „ делувањето“ на двајцата , претседателот бил известен од Хејли. Нејзината мемоарска книга, инаку е силно поддржана и одобрена од претседателот.

Лојална на претседателот

Ники Хејли (47) пред да влезе во администрацијата на Доналд Трамп беше републикански гувернер во сојузната држава Јужна Каролина. Таа е дете на родители, имигранти од Индија, но е родена во САД. Омажена е за Американец, воено лица во американската армија.

Во изјавите што ги има дадено пред промоцијата на својата книга, таа тврди дека останала и понатаму лојална на Трамп. Признава дека го поддржала претседателот за неговото повлекување од нуклеарниот договор со Иран, како и од договорот за климата, но и за преселувањето на амбасадата на САД во Израел – од Тел Авив во Ерусалим. Својата блискост со Трамп таа сега ја изразува осудувајќи ја постапката за импичмент на демократите во Конгресот.

Хејли, меѓутоа, и самата се повлече од функцијата, во октомври минатата година, предизвикувајќи бранување во политичката јавност. Сега тоа го објаснува со „ многуте шефови кои ги имала, а и бил потребен само еден“. Таа признава дека морала да ги слуша, прво, секако Трамп, па потоа советникот за национална безбедност ( тогаш Мек Мастер) , па Џаред Кушнер ( зет на Трамп и советник за Блиски Исток) и уште и државниот секретар Тилерсон.

Амбиција- влез во Белата куќа

Како и да е, нејзината книга , се чини, ќе предизвика помало возбудување од заминувањето од функцијата, од пред една година. Книгата открива дека таа не се согласувала со својот шеф Рекс Тилерсон. Не крие дека не го ниту поднесувала, сега и јавно го дисквалификува како арогантен и „ тежок“ за работа. Од нејзините мемоари, меѓутоа,  излегува дека ниту тој немал некое високо мислење за неа. Во секој случај, меѓу нив имало многу разлики во погледите околу американската надворешна политика.

Но општиот впечаток е дека книгата не е  направена за да ги изнесува разликите во гледањето, туку е  замислена за да му се даде силна, јавна поддршка на Трамп и за да се каже со какви луѓе бил опкружен претседателот, што е негова омилена теза кога ги објаснува и оправдува бројните смени во Белата куќа. Тоа и дава простор на Ники Хејли  да ги има за себе  „тврдите“ републиканци, а тоа се оние кои го сакаат и го подржуваат Трамп.

А, тие ќе и бидат многу потребни на поранешната амбасадорка за нејзината голема амбиција- да се кандидира за републикански кандидат за претседателските избори во 2024 година.

(Д.А.)

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе