Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Конгресот на САД признава геноцид врз Ерменците

Paha_L/BigStock.com

Конгресот на САД признава геноцид врз Ерменците

Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, формално, призна дека Отоманската Империја има извршено геноцид врз Ерменците, во текот на Првата светска војна. Ова е прв пат една ваква резолуција да биде усвоена на пленарна седница во Конгресот на САД.

Станува збор за симболично гласање за кое, сепак, гласаа како демократите кои го имаат мнозинството во Претставничкиот дом, така и републиканците. Вкупно 405 конгресмени гласале за ваквата резолуција од 435 колку што присуствувале на седницата. Против биле само 11 конгресмени.

Официјална Анкара мошне гневно реагираше оквалификувајќи го конгресното решение за „ неразумен политички чин, наменет исклучиво за ерменското лоби ( во Вашингтон) и на анти-турските групи“. Турската страна уште  смета дека станува збор за „ реванш“ на САД за инвазијата на турските воени сили во северна Сирија. Аналитичарите, пак, забележуваат дека оваа резолуција околу страдањето на Ерменците од пред 104 години, се случува во време кога американско- турските односи се мошне влошени.

Постоењето на геноцид врз ерменските цивили го признаваат хроничарите и историчарите, но формулацијата дека војниците на Отоманската Империја извршиле геноцид, ја прифаќаат само 30 држави во светот. Сите другите, не сакаат да се соочат со острата турска реакција и со проблеми во билатералните односи со Анкара.

А, станува збор за едно страшно злосторство што се случило во текот на Првата светска војна, кога војниците на  Отоманската Империја кои биле сојузници на т.н. централни сили, предводени од тогашна Германија и Австро-унгарија, убиле меѓу 1,2 и 1,5 милиони Ерменци кои живееле на територијата на тогашната султанска империја.

Денешна, современа Турција, меѓутоа, остро се спротивставува светот да го користи терминот геноцид за она што се случило со Ерменците. Наместо тоа, како турските историчари, така и политичарите зборуваат  за „ меѓусебно убивање во екот на во тоа време,  распалената граѓанска војна“ . Анкара тврди дека „ стотици илјади жртви“ имало и на двете страни и дека многу од нив умреле како последица на гладот што ги следел судирањата.

Во изјава по повод усвојувањето на резолуцијата, Спикерот на Конгресот Ненси Пелоси, рекла дека „ премногу често се негира вистината за тие злосторства. Верувам цврсто дека против Ерменците бил извршен геноцид“.

Во април 2017 година, претседателот Доналд Трамп го оценил масакрот врз Ерменците во 1915 година како „ најголемото масовно злосторство во 20 век“ , но тогаш не го употребил зборот геноцид.

Во САД живеат 1,5 милиони Американци кои имаат ерменско потекло.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе