Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Ал Багдади е мртов – што после тоа?

diy13/BigStock.com

Ал Багдади е мртов – што после тоа?

Водачот на џихадистичката  организација Исламска држава (ИД) Абу Бакар ал Багдади, конечно, е мртов.

Во воена операција на Американците, изведена во сириската североисточна област Идлиб, покрај границата со Турција,  учествувале осум хеликоптери на американската војска и една специјална единица.

Тие целосно ја уништиле базата и скривалиштето на џихадистичкиот водач, но не успеале да го фатат и да го заробат, затоа што тој бегајќи низ тунелите во скривалиштето каде тајно престојувал, го активирал експлозивот на елекот, каков користат неговите бомбаши-самоубијци и се самоубил.

Веста за смртта на најбараниот терорист во светот, на почетокот беше примена со резерва.

Затоа што, претходно, на два пати Американците, а еднаш и Русите тврдеа дека Ал Багдади е (веројатно)  мртов. Но, овој пат, веста за смртта ја потврди лично претседателот на САД, Доналд Трамп .

Тој објасни дека ја следел целата операција од командната соба во Белата куќа во Вашингтон. Рекол дека неговото мртво тело било осакатено, но дека анализите потврдиле оти станува збор за овој терористички водач.

Медицинските екипи, пак, кои подоцна се нашле на местото каде била изведена операцијата, наишле само на урнатини и на опожарени објекти и на седум мртви тела – на тројца мажи, три жени и на едно дете. Имало и петмина тешко ранети.

Калифат на бруталноста

Во својата изјава Трамп уште порачал дека откако во март оваа година објавил дека ИД и нејзиниот „калифат“ воено се 100 отсто уништени, сега по ликвидирањето на Ал Багдади, тоа е целосно потврдено, но дека САД ќе продолжат да ги прогонуваат оние кои се разбегани и кои се кријат низ Блискиот Исток и низ светот, се додека сите целосно не бидат истребени.

Исламска држава е групација, претходно позната како Ал Нусра, одметната од Ал Каеда, која како екстремно сунистичка, се вклучи во борбите против режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад кој и припаѓа на шиитската заедница на алевитите.

Користејќи го хаосот што настана во Сирија, во етнички и религиозно можеби најкомпликуваната земја во регионот, ИД и нејзиниот лидер Ал Багдади, создадоа набрзина голема „слободна територија“ на која прогласија „калифат“.

На таа територија, во Сирија, каде веќе беше раширена граѓанска војна врз основите на т.н. арапска пролет, како и во соседен Ирак, извршија цела низа тешки злосторства против немуслиманите, но и против муслиманите кои не беа со нив, или им се спротивставуваа.

Казнува најбрутално што може да се замисли, со отсекување на главите на заробените „неверници“ и регрутираа нови џихадисти од земјите од регионот, како и од земјите на Европа, намамувајќи ги пред се младите муслимани родени, израснати и образувани на Западот, создавајќи на тој начин бројна и добро вооружени воени формации.

Работата не е завршена

Во земјите од Блискиот Исток и низ светот, посебно во Европа, каде најмногу и најтешко се почувствуваа последиците од воените судирања во Сирија, низ бранот бегалци, затоа, беше поздравена смртта на најопасниот терорист.

Малкумина, меѓутоа, сега веруваат дека ова е крајот на ИД (или на Даеш, како ја нарекуваат организацијата Арапите).

Се потсетува на откривањето и ликвидацијата на Осама Бин Ладен, во 2011 година на периферијата на еден пакистански град, по што не само што не исчезна Ал Каеда, туку од неа се изродија неколку опасни исламистички и екстремистички организации и групи, предводени од џихадисти, меѓу кои и ИД на Багдади.

Според тоа, безбедносни експерти предупредуваат дека нема основа за опуштање.

Според нив, смртта на водачот на џихадистичката ИД, секако, ќе ги распрска соништата за некаков калифат (строга уредена исламска, вахабитска држава) во централен Левант, но долги години регрутираните екстремисти и џихадисти кои сега се разбегани, посебно странците во редовите на ИД, ќе бидат проблем и натаму, можеби и цела една декада.

Екстремизмот остана и по Бин Ладен

Поранешниот американски претседател кој ги повлече американските сили од Ирак и предизвика безбедносен вакуум, се обиде работите да ги решава од Вашингтон, со користење на дронови (беспилотни летала), но тоа не даде поголеми резултати. Тоа го илустрира токму случајот на Ал Багдади.

Тој живееше и дејствуваше на територија  која не беше под ничија контрола, не беше од никого управувана и обезбедувана. Беше на територија на која доминираа две други џихадистички групи, обете противнички на ИД.

Нивните припаднци сега се разбегани низ Блискиот Исток, но и во Европа.

А, тоа е она што експертите во САД им замераат на Трамп и на неговата нова стратегија.

Прво, затоа што ги остави сириските Курди да бидат  на милост и немилост на турските воени сили, а потоа што големата  територија од Сирија каде Американците имаа целосна контрола и одржуваа стабилност и мир, сега им ја подарија на Русија, која станува доминантен фактор во оваа земја.

И сето тоа како директна последица од одлуката на американскиот претседател, да ги повлече воените сили на САД од оваа земја.

Поранешниот генерал и директор на ЦИА, Дејвид Петреус има уште од порано изјавено дека „ секогаш кога една територија е оставена без контрола, неизбежно станува територија на екстремисти“.

Опасен безбедносен вакуум

Претседателот и неговите најблиски советници, меѓутоа, не веруваат во ваквото толкување на Петреус кој, патем, не е осамен во американската јавност. Трамп инсистира дека военото присуство (на САД) во еден реон, ги тера другите „ да не прават ништо“!

Тој го објаснува тоа тврдејќи  дека токму Русија и Кина сакале Американците да заглават во Сирија (и на Блискиот Исток).

„Така ќе излезе дека додека Русите и Кинезите максимално ги модернизираат своите воени сили и ги опремуваат, ние ќе требаше да останеме таму и да ги трошиме своите сили“- смета Трамп.

Американските медиуми кои остро се спротивставуваат на стратегијата да се „бега“ од теренот, потсетуваат на грешката на Обама со Ирак, по ликвидацијата на Бин Ладен, која токму Доналд Трамп, во текот на изборната кампања во 2016 година, остро ја критикуваше, обвинувајќи го својот претходник во Белата куќа дека тој „е еден од создавачите на ИД“ со својата „млака и погрешна стратегија“.

Според „Њујорк Тајмс“ работите околу новата стратегија на Трамп се компликуваат и може да станат уште повеќе штетни за САД и неговиот престиж, откако стана јасно дека актуелниот претседател останува на тоа да ги повлече американските сили од сириската територија, но не и од тамошните нафтоносни полиња, за кои на големите нафтени компании на САД, како „Ексон-Мобил“ , им има ветено американска воена заштита на теренот.

„Покривање“ на  импичментот

Весникот оценува дека ако тоа така се оствари САД ќе бидат означени како „експлоататорска сила“ спремна да влезе на туѓа територија. Тоа, за овој весник, би значело исчезнување на дамнешната американска стратегија за развивање на локалните економии, за да се изградат демократски институции.

Другите медиуми оценуваат дека (во секој случај, успешната операција во реонот на Идлиб) има и ќе има и своја американска разрешница.

Се верува дека таа треба да ја покрие во домашната, па и во меѓународната јавност, истрагата во Конгресот и постапката за импичмент, како и да се искористи од републиканците и од претседателот Трамп и од неговиот круг во предизборната кампања за изборите во 2020 година.

Во сето ова, иронично делува сознанието дека операцијата околу откривањето и убиството на Ал Багдади е успешно изведена поради успешното делување на американските разузнавачки агенции и на помагањето на Курдите.

А, првите, Трамп од почетокот на неговото претседателствување постојано ги исмева, секако, зашто не го сокрија руското мешање во изборите во 2016 година, додека вторите, Курдите, беа грубо отфрлени, откако Вашингтон одлучи да се повлече од Сирија.

Сервис-Скопје/Глобал

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе