Климкин: Трамп досега не се интересираше за Бајден
Поранешниот украински министер за надворешни работи, Павло Климкин изјави дека додека бил шеф на дипломатијата секогаш присуствувал во кабинетот на шефот на државата кога тогашниот претседател на Украина Петро Порошенко имал телефонски разговори со американскиот претседател Доналд Трамп, но во таа комуникација, Трамп во ниту еден момент, ниту било кога, го покренал прашањето за Џо Бајден, ниту за неговиот син Хантер.
Исто така, американскиот претседател во телефонската комуникација со Порошенко, никогаш го немал изразено своето противење на давањето воена помош.
„Стилот и начинот на кој претседателот на САД комуницира, веројатно, е сличен, но содржината сега е различна”
…рекол поранешниот украински министер, инсистирајќи дека може да го тврди сето ова околу претходната претседателска телефонска комуникација, но дека нема да изнесува никакви други детали.
Доверливи разговори
Екс министерот Климкин, сепак, рекол дека е изненаден што Белата куќа ги пуштила во јавноста крајно доверливите разговори на сегашниот претседател Володомир Зеленски со американскиот претседател.
„Според украинските закони, таквите разговори се строго доверливи и не смее да се објавуваат. Уште повеќе што сегашниот украински претседател, на сето тоа не можел, на било кој начин да влијае. А, на разговорите се слуша и што рекол и што зборувал“
…рекол Павло Климкин.
Ваквата негова изјава предизвика внимание кај американските медиуми, затоа што таа покажува дека интересот за „случајот Бајден“ станал интересен сега, откако поранешниот потпретседател на САД (кога Барак Обама беше претседател), се приклучи на претседателската трка, за изборите во ноември 2020 година и важи за фаворит за добивање номинација на Демократската партија.
Тврдењето на Климкин дека Трамп претходно воопшто не се интересирал за Бајденовци, секако, ја засилува позицијата на демократите во Претставничкиот дом на Конгресот, за истрагата околу постапката на претседателот на САД, од шеф на држава, на странска земја, да бара спроведат истрага која ќе и напакости на неговата позиција и рејтингот во предизборната кампања. За американските демократи тоа е акт на “предавство“ кон функцијата претседател и кон самите избори, затоа тие се определија за конгресна истрага која во Сенатот ќе се претвори во постапка за импичмент и судење на Трамп.
Запалива атмосфера
Политичката атмосфера во Вашингтон која во целиот мандат на Трамп, повеќе или помалку, помина во сенката на “руската врска“ и мешањето на Русија во претседателските избори, оставајќи сенка врз неговата победа во 2016 година, сега одново се пали, уште и со покренатата постапка за импичмент, без разлика како таа ќе заврши. Уште повеќе што скандалот избувна од “забелешката“ на еден американски “свиркач“.
Тој откри дека на 25 јули годинава, Трамп разговарал со Зеленски и во телефонскиот разговор му рекол дека украинските обвинители треба да истражат што правел и како работел синот на Бајден, но и таткото, кого претседателот Трамп го обвинува дека ја злоупотребил својата позиција (во САД) за да се прекине истрагата против Хантер Бајден кој тогаш бил дел од компанијата за гас „Бурисма Холдинг Лимитид“ – украинска фирма регистрирана на Кипар.
Една недела пред овој разговор, Трамп наредил да се запре испораката на воена помош за Украина во вредност од околу 400 милиони долари, што уште повеќе ги засили сомнежите дека парите за властите во Киев се условуваат со покренување истрага за синот и таткото Бајден.
Киев бега од “украинска врска“
Иако до изборите во САД има 14 месеци, впечаток на аналитичарите во Вашингтон е дека на еден, или на друг начин, целиот овој скандал ќе му наштети на Џо Бајден во неговото настојување да се избори за да му се спротивстави на актуелниот претседател на изборите, а особено да влезе во Белата куќа.
Првичните истражувања покажуваат дека 55 отсто од Американците се согласуваат со импичмент против Трамп, но по објавувањето на редактираниот транскрипт од телефонската комуникација со Зеленски, повеќето од гласачите се на мислење дека нивниот претседател не направил ништо лошо.
Официјален Киев се најде без своја вина во политичката пресметка меѓу републиканците и демократите во САД. Зеленски се обиде да се дистанцира од скандалот, а посебно од заканата неговата земја да се вовлече во некаква “украинска врска“ за американските избори, но таа работа многу тешко му оди.
Западните медиуми објавија претходно дека обвинителството во Украина, имало спроведено истрага за „Бурисма“, но дека ништо сомнително и нелегално не било најдено.
Потоа се разбра дека се испитувал периодот меѓу 2010 и 2012 година, а тоа е времето на прорускиот претседател Виктор Јанукович, кој по бурните настани во 2014 година, побегна во Москва, каде и сега живее.
Тоа, пак, значи дека немало истрага за времето кога Бајден-синот дошол во “Бурисма“, но украинските власти тврдат дека – колку што се знае досега – нема никакви сомнежи, или обвинувања за синот на Џо Бајден.
Азаров бара истрага
Конечно, од Москва каде живее по бегството од Киев, се огласи и поранешниот украински премиер Микола Азаров, човек на соборениот режим на Јанукович кој и самиот е обвинет во Киев за злоупотреба на власта.
Азаров сега смета дека Украина “мора да го испита работењето на синот на Џо Бајден, за тоа дали неговата работа била во согласност со украинските закони“.
Овој беше премиер меѓу 2010 и 2014 година, пред да биде сменет од функцијата по жестоките протести на киевски Мајдан, по кои дојде до целосна смена на власт во Украина, а Киев од сојузник на Русија се сврте кон Западот, настојувајќи да воспостави тесни врски со ЕУ. На тоа, Москва во март 2014 година реагираше со анексија на Крим и со воена интервенција во Источна Украина.
Во својата московска изјава Азаров признава дека нема никакви докази против „Бурисма“ и младиот Бајден, но смета дека за домашната јавност е важно да се знае „легалноста на неговата активност, како и тоа што Бајден работел во компанијата, за платата што ја примал“.
Останува нејасно зошто овој поранешен политичар, веќе осомничен во Киев, се јавува сега од Москва, оставајќи простор за сомнеж врз Бајденовци кои Трамп во Вашингтон ги обвинува за “корупција“.
Кога на ова ќе се додаде дека официјална Москва ја обвинува администрацијата на Обама-Бајден за настаните во Украина од крајот на 2013 и почетокот на 2014 година и за нејзиното свртување во политичката ориентација, тогаш „случајот“ со синот и таткото Бајден, телефонскиот разговор на Трамп во кој бара од Зеленски истрага против Бајденовци и (не)очекуваното јавување на бегалецот Азаров, на целиот скандал во САД му дава една нова димензија.
(С.С.Г)