Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Рибарска “војна” во Јапонско Море

Eugene Sergeev/BigStock.com

Рибарска “војна” во Јапонско Море

Русија и Северна Кореја се соседи на Далечниот Исток и без разлика на изолационистичката политика на режимот во Пјонгјанг, нивните односи не може да се наречат непријателски.

Двете земји не се блиски како што е тоа случај со Кина, но нивните односи не се онакви какви што Севернокорејциите ги имаат со Јужна Кореја, Јапонија, или со САД, од каде режимот верува дека им доаѓа најголемата закана за нивната безбедност.

Во минатата недела, меѓутоа, во Јапонското Море дојде до вооружен инцидент меѓу една патрола на руската крајбрежна стража и на две севернокорејски бродови и дури 11 рибарски моторни чамци. Во сите пловила имало над 160 рибари, кои освен рибарски мрежи и опрема за рибарење, носеле со себе и оружје.

Вооружени севернокорејски рибари

Инцидентот кој ја изненади меѓународната јавност, се случил откако руската поморска стража забележала дека странски (севернокорејски) рибари илегално ловат риба, во територијалните води на Русија и се упатила кон нив за да интервенира.

Според руската верзија, кога патролниот чамец се приближил до севернокорејските рибари, од еден од бродовите почнале да пукаат.

Припадниците на руската крајбрежна стража возвратиле со огнено оружје и притоа раниле неколкумина од севернокорејските рибари, од кои шестмина се здобиле со потешки повреди. Ранети имало и на руската страна.

Најмалку тројца Руси биле повредени во пукотницата.

Кога руската патрола на која и се приклучиле уште неколку други патролни чамци, успеала да воспостави контрола врз ситуацијата, двата рибарски брода и чамците биле запленети, со целиот улов, додека сите рибари биле уапсени.

Во соопштението на руските власти се вели дека бродовите и рибарите од Северна Кореја навлегле илегално во руските води на Јапонско Море, па дека морале да интервенираат, спроведувајќи нормална процедура во вакви прилики.

Претходно има заробен руски брод

Не е јасно зашто Севернокорејците употребиле оружје кога врз нив не бил извршен вооружен напад.

Не се знае ниту кој пукал – рибарите кои изгледа одат во лов вооружени, или пак со рибарите, во риболов во овие води, Севернокорејците испраќаат и војници. Засега нема никакво (јавно) соопштение од властите во Пјонгјанг, ниту пак било каква реакција од таму, па затоа не се знае и нивниот став околу вооружениот инцидент.

Во меѓувреме, руските власти соопштија дека еден од потешко ранетите Севернокорејци, им подлегнал на тешките повреди и тој е првата жртва на “рибарскиот“ судир во морските води на Далечниот Исток.

Но, овој инцидент не е осамен случај, ниту станува збор за прв ваков случај во односите меѓу двете соседни држави.

Севернокорејските власти, во јули годинава, заробиле еден руски рибарски брод, а целата негова посада од руски рибари била заробена и одведена во Северна Кореја.

Не се знае дали тие се ослободени, но два сериозни инциденти, во два месеци, навестуваат дека во тој дел од светот има рибарска “војна“, за која допрва треба да се види дали е само за рибите во Јапонско Море.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе