Џон Болтон остро против Трамп
Џон Болтон, доскорешниот советник за национална безбедност на претседателот на САД, Доналд Трамп, кој минатата недела беше натеран да си поднесе оставка на функцијата, остро и без пардон го нападнал својот бивш шеф на еден затворен, за јавноста и за медиумите состанок во Њујорк, посебно критикувајќи ја неговата меѓународна политика.
Според интернет весникот „Политико“, особено на удар на критиката била политиката на Трамп кон Северна Кореја, кон Иран и Авганистан. Според еден од присутните на состанокот, кој инсистирал да остане анонимен, Болтон „не кажал ништо добро за претседателот“, иако ниту еднаш не го споменал неговото име.
Доскорешниот советник, најмногу го критикувал решението на Трамп да ги повика авганистанските талибанци на разговор во САД.
Расправија за талибанците
Посетата беше во последен момент откажана, по еден талибански терористички напад во кој загинаа еден Американец и еден романски советник при меѓународните сили во Кабул, но Болтон им рекол на присутните – „ да се повикаат талибанците на разговори во Кемп Дејвид, значи непочитување на сите жртви, убиени во нападите во Њујорк и Вашингтон на 11 септември во 2001 година“.
Инсајдер во Белата куќа им открил на некои од американските медиуми дека Болтон и Трамп се судриле во Овалниот кабинет, токму околу планот на претседателот да ги повика талибанците на разговор и тоа токму во деновите, непосредно пред 18 годишнината од терористичките напади во кои беа убиени над 3500 луѓе.
Веднаш по острата полемика, која изгледа се претворила во расправија, а на која имало и други присутни, претседателот му рекол на својот главен советник да си поднесе оставка.
Болтон е последниот во низата од триесетина министри, советници или функционери во администрацијата на претседателот на САД, кој беа разрешени, беа натерани да се повлечат, или самите си дадоа оставка, откако во јануари 2017 година Трамп влезе во Белата куќа.
Досега дури тројца советници за национална безбедност се изменија на оваа функција, која едно време важеше за најбезбедната во администрацијата, а оној кој беше на тоа место се сметаше за човек од најголема доверба.
Обезвреднета функција
Политички експерти во Вашингтон сметаат дека односот на сегашниот претседател кон оваа функција и тоа во времето на сложени меѓународни односи, како и во услови кога тој, користејќи го Твитер, комуницира, а многу често и се расправа, со странски лидери, ја има направено позицијата советник за национална безбедност и водењето на националната безбедност, мошне тешка за, како што се велат, навигирање.
Експертите потсетуваат дека Болтон за ова малку време поминато како најважниот советник на Трамп, многу пати се нашол во ситуација да биде јавно дезавуиран и да ги остави странските партнери на САД и сојузниците во недоумение на која изјава да веруваат и која да ја примат како американска.
Најчесто тоа се случувало кога советникот Болтон ќе даде една изјава, а Трамп веднаш потоа, за истата работа ќе се огласи со сосема различна позиција од она што советникот претходно ја истакнал.
Функцијата советник за национална безбедност стана значајна во администрацијата на САД и престижна за оној кој ја поседува, откако претседателот Ричард Никсон го определи Хенри Кисинџер на таа функција.
Овој маестрално ја искористи шансата, но со својата активност ја определи и иднината на оваа позиција во администрацијата, не ретко ставајќи го во сенка и државниот секретар и Стејт департментот.
Кисинџер имаше клучна улога во завршувањето на Виетнамската војна и во отворањето на САД кон НР Кина.
(А.Д.)