Селебрити во одбрана на Павел Устинов
Десетици илјади московјани учествуваа на демонстрациите во рускиот главен град, кои протестираа против пресудата на 23 годишниот актер Павел Устинов.
Судот во Москва го осуди актерот на 3,5 години затвор затоа што, како што тврди обвинителството, учествувал во „илегалните“ протести на почетокот на август, откако руските власти им забранија на десетина опозициски политичари да учествуваат во изборите за членови на московскиот Градски совет, што се одржаа минатата недела.
Устинов е осуден за „ насилство врз полицијата“ , додека тој се брани дека е невин, бидејќи не ни учествувал во протестите што полицијата брутално ги растера, тепајќи ги демонстрантите, иако тие не беа насилни. Устинов бил уапсен додека стоел од страна и разговарал преку својот мобилен телефон. На судењето рекол дека само ги посматрал случувањата на плоштадот пред седиштето на московскиот Градски совет.
Строги затворски казни
Досега шестмина од уапсените на протестите се осудени на затворски казни меѓу две и четири години, сите само затоа што биле на протестите кои властите ги прогласија за „ незаконски“ бидејќи не добиле дозвола за собирање и протестирање.
Случајот на младиот актер Устинов , меѓутоа, доби најголема гласност и во негова одбрана се вклучија голам број руски селебрити, познати личности од светот на театарот и филмот, актери, режисери, драматурзи и пејачи. Тие имаат покренато една, како ретко кога досега, силна кампања за подршка и солидарност со актерот, тврдејќи дека Устинов е неправедно уапсен и осуден, а дека целиот негов случај е „ пример за неправда“.
Сите кои се вклучени во оваа кампања се политички непристрасни, или се сосема далеку од политиката и од било која руска партија, но сите селебрити се вклучени на интернет, а тоа и даде силен поттик на кампањата , во која брзо се вклучија стотици илјади Руси. За познатиот руски актер Александар Пал, еден од покренувачите на кампањата, станува збор за сосема погрешна пресуда. Руската актерка Даниела Козловски која има настапувано и во британската тв серија „Макмафија“ , пак , вели дека случајот на Устинов е „монструозна неправда“ и таа овој случај го поврзува со апсењето на рускиот новинар Иван Голунов, кој во јуни беше уапсен затоа што , наводно, поседувал дрога.
Протестираат и свештениците
Во кампањата за одбрана на осудениот актер, меѓутоа, се има вклучено и познатиот комичар Максим Галкин, за кого се вели дека е сосема близок и омилен во Кремљ. Тој е сопруг на поранешната ѕвезда од времето на Советскиот Сојуз , Ала Пугачова, но за осудувањето на Устинов вели дека станува збор за „ огромна грешка која му наштетува на угледот на руското правосудство“ . На својата страница на интернет Галкин има напишано- не се интересирам за политиката, во овој случај само ја бранам слободата.
Поддршка на Устинов му дадоа и десетина московски театри, меѓу кои и театарот „Чехов“, но најголем изненадување предизвикува јавното писмо со осуда на 40 руски свештеници, што е прв таков случај во Русија. Во религиозниот интернет весник „Правмир“ ( Православен свет) свештениците остро го критикуваат апсењето и осудувањето на демонстрантите, барајќи од судот да ги преразгледа сите досегашни пресуди.
За случајот со младиот актер Устинов се огласи и официјален Кремљ. Неговиот портпарол Дмитри Песков потврди дека рускиот претседател Владимир Путин знае за случајот, но рече дека претседателот нема да се меша, додавајќи дека осудениот има право на жалба.
Гневот на јавноста за осудувањето на актерот го предизвика решението на судот да не ја прифати како доказ на одбраната фотографијата на која се гледа како Устинов е нападнат од полицајците и насила одведен, иако со ништо ги нема предизвикано силите на редот.
(Г.М.)