Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Пловењето на „Адријан Дарија“

iwikoz6/BigStock.com

Пловењето на „Адријан Дарија“

Уште од јули годинава, трае кризата и неизвесноста околу иранскиот танкер „Адријан Дарија 1“ кој плови по Медитеранот, а излегува дека никој не знае која е неговата крајна дестинација – ниту средоземноморските држави и пристаништа, а ниту властите во Техеран.

Патувањето на танкерот, кој превезува 2,1 милиони барели иранска сурова нафта, меѓутоа, со самото тоа воопшто не е обично пловење на еден трговски брод, затоа што веќе предизвика меѓународна криза, во која се замешаа Велика Британија, делумно Грција, како и САД, а танкерот што претходно беше познат како „Грејс 1“ уште повеќе ги заостри и онака до крај затегнатите американско-ирански односи.

Реванш на Техеран

Случајот со „Адријан Дорија“ започна во јули, кога беше објавено дека британската воена морнарица, кај Гибралтар, инаку британска прекуморска територија на Пиринејскиот полуостров, заробила ирански танкер. Објаснувањето за заробувањето се сведе на тоа дека танкерот превезува нафта за Сирија, што ако е така, претставува прекршување на санкциите на ЕУ кон власт во Дамаск. Податокот на морнарицата мораше да биде само разузнавачки, но Иран остро реагираше отфрлајќи ги таквите британски тврдења, обвинувајќи за „пиратство во меѓународните води“ и барајќи од Лондон ослободувањето на бродот.

Официјален Вашингтон ја поздрави одлуката на Британците и потврди дека бродот патувал за Сирија. Набргу потоа, уследи реванш на иранските власти, откако морнаричките сили на Иранската револуционерна гарда, во водите на Персискиот Залив, заробија британски танкер. Подоцна се разбра дека бродот не е британски, туку дека станува збор за шведскиот танкер „Стена Имперо“ кој во моментот на заробувањето пловел под британско знаме.
Немаше сознанија за тоа што во меѓувреме се случува, но европските медиуми открија дека случајот од политички, се префрлил на правен терен. Властите во Техеран поднеле жалба до Врховниот суд на Гибралтар, поради неоправдано заробување на нивниот брод, но и уверување од иранскиот министер за надворешни работи, Џавид Зариф дека танкерот не носи нафта за Сирија.

Танкерот плови кон Тартус

Судот го ослободи бродот, а првиот министер на Гибралтар изјави дека иранскиот танкер може да исплови кога сака. Официјален Вашингтон, овој пат, реагираше налутено, уверувајќи дека Иранците лажат. Од тој момент, Американците почнаа да вршат притисок, прво врз Британците, да не дозволат испловување на танкерот, а потоа и врз земјите во Медитеранот, да не го примат бродот кај себе.

Некои медиуми објавија дека бродот плови кон Грција и кон едно тамошно пристаниште на Средоземно Море, но владата во Атина тоа брзо го демантираше, а се покажа и дека пристаништето нема можност за да прими еден голем танкер, каков што е „Адријан Дарија“. Иран, пак, освен тврдењето дека нивниот брод не плови кон сирискиот брег, престана да зборува за својот брод полн со нафта.

За официјален Вашингтон, танкерот носи нафта за продавање, а со парите од продажбата требало да се финансира Иранската револуционерна гарда, која е посебен дел од тамошните воени сили. Американците ја сметаат Гардата за терористичка организација, што на целиот случај му дава нова, дополнителна тежина, затоа што се тврди дека од парите од продадената нафта би требало да се финансираат нејзините “малигни активности“ и да се пропагира тероризмот.

Во случајот со танкерот се вклучи и американскиот државен секретар Мајк Помпео. Тој одново побара бродот да биде запрен, но тврди дека плови кон сириското пристаниште Тартус. Тоа важи за главното пристаниште на Сирија, но во него е сместена и руската поморска база, единствената која Москва ја има во Средоземното Море, па пловењето на „Адријан Дорија 1“ станува се покомпликуванo.

Од Москва нема никаква реакција, а Помпео инсистира дека “не треба воопшто да му се верува на иранскиот министер Зариф“ и на неговите уверувања дека танкерот не плови кон сирискиот брег.

(Д.М.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе