Џонсон ветува „златна ера“ и се заканува
Борис Џонсон го исполни својот сон- стана британски премиер. Максимално и во своја полза го искористи (погрешното) решение на неговиот поранешен другар и политички истомисленик, Дејвид Камерон кој прифати дебата за т.н. „европско прашање“, а потоа уште организираше и референдум за Брегзит, кога тоа никој од него не го бараше. Успеа со партиски пуч, заедно со своите истомисленици, да ја собори Тереза Меј која имаше мандат од британските гласачи да ја води владата и да го реализира излегувањето на Британија од ЕУ.
Џонсон нема таков мандат. Стана премиер само затоа што во трката за нов лидер така гласаа 160 илјади членови на се уште владеачката Конзервативна партија, што е одвај 0,4 отсто од британското гласачко тело. Но, во ситуацијата што ја создаде десницата во ториевските редови, кога претходниот лидер и премиер беше натеран да си замине, новоизбраниот партиски лидер по автоматизам влегува во Даунинг стрит 10, како нов премиер.
„Ќе го спроведеме Брегзит во сосема нов дух. Тоа го сакам и тоа можам да го направам“- порача Џонсон од Даунинг стрит 10, настојувајќи да ја увери домашната и меѓународната јавност дека Британија „одново ќе се исправи како (до сега) успaн џин, откако ќе раскине со сето она што ја кочело земјата“.
Колку долго ќе биде на премиерската функција, трошејќи го мандатот на својата претходничка, пред да се одлучи самиот да се соочи со гласачите во Британија, останува да се види. Секако тоа нема да се случи пред формалното излегување на Британија од ЕУ. Дотогаш, Боџо, како што го викаат, е премиерот што треба да го реализира Брегзит, да ја обедини својата разединета партија, од која потекнува хаотичната ситуација околу напуштањето на Унијата и над се, да ја обедини земјата, која прв пат , по повеќе од 300 години, од создавањето на Велика Британија, се соочува со заканата од распад.
Девојката како „прва дама“
Според тоа, Џонсон си ја оствари желбата, поради која (велат) стана остар евроскептик и го растури пријателството и сојузништвото со Камерон, затоа што овој за свој наследник го одбра Џорџ Озборн, а не него, без разлика што тројцата се дел од едно исто друштво, уште од средното училиште во Итон и од Универзитетот во Оксфорд. Но, со премиерската функција ги доби во наследство и сите проблеми, а пред се, оние кои тој и неговите тврди брегзитери го создаваа во годините од мандатот на Меј. Поголемиот дел од јавноста, затоа, смета дека тој не ќе може да ја обедини ниту сопствената партија, а уште помалку длабоко поделеното Обединето кралство.
Како и да е, Велика Британија има нов човек во Даунинг стрит 10, кој на самиот старт промовираше една „новина“ . На влезот на службената резиденција, меѓу другите, новиот 55 годишен премиер не го пречека сопруга (или сопруг, како во случајот на Маргарет Тачер и Тереза Меј), туку неговата најнова девојка. Таа е 24 години помлада од него и велат дека тоа ќе биде новата госпоѓа Џонсон, која како британска „прва дама“ допрва треба да се промовира, доколку се венчаат. Ваков случај досега немало, а некои експерти за обично строгиот британски протокол, тврдат дека сега, со сегашниот статус, девојката на Џонсон не може да живее во службената резиденција на британскиот премиер.
Она што меѓутоа, беше најважно и што најмногу се очекуваше, во тие први моменти по добивањето на мандатот, беше првото јавно обраќање, од премиерската функција. Во неа, Џонсон не кажа ништо различно од она што го има зборувано во изминатите три години. Разликата беше во тоа, што истите зборови, за тоа дека Брегзит ќе има „по секоја цена“ со договор со Брисел, или без него, од позицијата на премиер на Британија, на моменти делуваа патетично и што е крајно нетипично за британската политика- беа исполенти со многу популизам.
„Заспаниот џин“
„Ќе го спроведеме Брегзит во сосема нов дух. Тоа го сакам и тоа можам да го направам“- порача Џонсон од Даунинг стрит 10, настојувајќи да ја увери домашната и меѓународната јавност дека Британија „ одново ќе се исправи како ( досега) успиеан џин, откако ќе раскине со сето она што ја кочело земјата“.
Вака интонираната порака, секако, беше испратена до Брисел, но главно, за да им се угоди на англиските евроскептици кои сакаат и веруваат дека Британија е силна и моќна, дека може сама и дека нејзе ЕУ не и е потребна. Очигледно е дека заборавиле дека Британиците кои десет години чекаа за влез во тогашната ЕЕЗ, претходницата на денешната ЕУ, во европското елитно друштво се најдоа во 1973 година, кога на земјата и беше најтешко. Затоа, кога се зборува за идната „ златна ера“ , што патетично ја навестува Џонсон, не треба да се заборава на минатото и на времето како тргна бракот на Европа и Британија. А, токму Џонсон не би требало тоа да го заборава, затоа што со неговиот татко, функционер на ЕУ, долги години, има живеено во Брисел, каде и се дошколувал.
Тоа значи дека за својот вкупен просперитет, колку тој да е резултат на успешениот и добро осмислен економско-финански развој на Британија, сепак, не би требало да се негира дека дел од заслугата и припаѓа и на европската интегрираност на земјата, како што тоа е случај и со сите други членки . Ако ништо друго, тогаш со местото што ЕУ им го остави на Британците во финансискиот сектор, согласувајќи се токму британскиот главен град и неговиот Сити да бидат центарот на Европа и на светот, а не Париз , на пример, или Франкфурт каде е седиштето на европската централна банка. Премногу патетично делува дека дури сега, од 1 ноември, годинава, Британија , како самостјана, ќе се претвора во светско економско чудо. Само затоа што нема да биде дел од ЕУ.
Посебен статус за Лондон
Малку е веројатно дека Џонсон, или некој од неговата влада, составена само од брегзитери кои се подготвуваат за „тврд“ Брегзит, веруваат во она што им го зборуваат на гласачите. Впрочем, Лондон од секогаш барал и добивал за себе посебен статус во Унијата, што сега се заборава.
Прво, со правото на рабат, или право за враќање на повеќе од три милијарди фунти од оние седум- осум милијарди, што Британија ги има внесувано во заедничко буџетот на ЕУ. Образложението за едно вакво решение, постигнато по долгото пазарење меѓу Лондон и Париз во осумдесетите години на 20 век, беше и остана дека Британија користи малку од фондовите за аграрот, за разлика од Франција, која користи најмногу. Потоа со британското неприфаќање на Шенгенскиот договор, а на крајот и со одбивањетоо да се влезе во еврозоната и да се прифати еврото како заедничка валута. Не се Британците експлоатираната страна,како што брегзитерите тврдат, затоа што и тие имаат користено многу сретства од европските развојни фондови, дури и на далечните Фокландски острови, во Јужниот Атлантик!
Во својот прв премиерски настап, Џонсон, меѓутоа, освен што зборува дека Брегзит ќе има , каков и да е, порача дека Лондон инсистира на нови преговори, потоа дека верува оти може да има ( нов) договор и дека е можно да се избегне (повторно) воведување контрола на границата со Ирска. Сето тоа, со уредување ново партнерство меѓу Британија и ЕУ.
Британија се спрема за „no deal”
Брзо уследи реакција од Брисел. Главниот европски преговарач на ЕУ, францускиот дипломат Мишел Барније изјави дека не е воопшто импресиониран од пораките на новиот британски премиер, за Брегзит без договор.„ Ако Лондон се определи за вакво решение, тогаш земјата ќе се соочи со последиците. Нас, No Deal варијантата не не плаши. Освен тоа, Британците добро знаат каков е принципот врз кој работи ЕУ„- рекол Барније. Старо-новиот министер за Брегзит Стивен Баркли , од своја страна, вели дека ако ЕУ опстојува на договорот постигнат со Тереза Меј, не глада како тој би можел да помине во британскиот Парламент, кога веќе три пати беше отфрлен.
На првата седница на новата влада, Џонсон, меѓутоа објавил дека сака забрзано темпо за Брегзит, ако може и пред 31 октомври и ги задолжил сите министри , главно, да се подготвуваат за излез од Унијата без постигнат договор. Покрај министерот за Брегзит, новиот премиер го има назначено Мајкл Гоув, кој во битката за нов лидер се прикажуваше како остар противник на Џонсон, да работи во владата во која нема ресор, на испитувњето на сите ситуации и последици од Брегзит без договор со Брисел.
Во својот прв настап во Долниот дом на Парламентот, Борис Џонсон ја има заострено својата реторика кон ЕУ, практично, поставувајќи му на Брисел ултиматум- или одново ќе има преговори, или пак Британија ќе си замине без договор.
Ултиматум за Брисел
Зборувајќи за „ новата златна ера“ што и претстои на државата кога ќе се ослободела од ЕУ, тој на Брисел му порачал дека она што го бара од Унијата е да се откаже од сегашното решение за бекстоп, како и воопшто од постоењето на една ваква работа во договорот.
Бекстоп е внесено само за да нема цврста граница меѓу Ирска и Северна Ирска, затоа што поставувањето контролни станици и враќање на старата гранична линија, би знаело повреда и на договорот од Велики петок од април 1998 година. Џонсон од почетокот , заедно со своето друштво десничарски брегзитери војува против бекстоп, означувајќи го како наводна „ стапица“ за Британија, за да остане трајно врзана за ЕУ. Тоа е, инаку, и квалификација што од минатата година ја дава американскиот претседател Доналд Трамп, подржувајќи го Џонсон против Меј и нејзиниот договор со ЕУ.
„ Да се разбереме. Патот за постигнување договор оди само преку напуштање на бекстоп решенето“- рекол ултимативно новиот британски премиер, порачувајќи дека Британија нема д
а дава кандидат за еврокомесар, затоа што се смета себе си дека веќе е надвор од Унијата. „ Нема да кандидираме никого, под никакви околности, иако тоа не значи дека сакаме да го блокираме создавањето нова Европска комисија“- продолжи во истиот тон Џонсон.
Без бекстоп- нема договор
На неговиот ултиматум, Лондон веднаш доби „ тврд“ одговор од Брисел. Во изјава на портпаролот на Европската комисија, се вели дека „ нема да има нови преговори со Лондон за Брегзит, кога станува збор за решението околу границата со Ирска. Европската комисија прифаќа само повторно разгледување на политичката декларација за идните односи меѓу ЕУ и Британија, но не и за самиот договор и за неговата суштина“- се вели во изјавата на Комисијата.
Очигледно е дека целото лето и почетокот на есента, до октомври, кога ќе почне да работи и новиот европски состав, ќе биде исклучително жешко на линијата Лондон-Брисел. Но , како сега стојат работите, според тоа каков е составот на владата и тврдата линија што ја има заземено Џонсон, многу е веројатно дека „ историскиот развод“ на Британија со Европа ќе биде без договор и правно неуреден.
На тоа упатува и изјавата на ирскиот премиер Лео Варадкар. Во текот на својата посета во областа Донегал, која се наоѓа и во двете ирски територии, тој рекол : „Без бекстоп нема договор за Брегзит. Нема период на транзиција ( за Британија), нема фаза за имплементација ( на договорот) и нема договор за слободна трговија. Ништо од ова нема да има без дил за границата со Ирска.
Сервис Скопје/Глобал