Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Орбановата анти-ЕУ кампања

NorthfotoBP/BigStock.com & IvicaNS/BigStock.com

Орбановата анти-ЕУ кампања

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, долгогодишен лидер на десничарската и националистичка партија Фидес, најави дека тој и неговата партија ќе продолжат со анти-ЕУ кампања, што власта во Будимпешта ја води од 2015 година и тогашната мигрантска криза. Ваквата изјава доаѓа само пет денови по одлуката на европските народни партии (ЕПП), да ја суспендираат Фидес од членството во оваа заедница на европските десно-центристички партии.

Фидес беше суспендирана откако по неколкупати повторените критики и предупредувања, водството на партијата (Орбан) продолжи со својата антиевропска политика и со кршењето на начелата за владеењето на правото, основното правило врз кое се темели ЕУ.

Делумно, ваквата казна се однесува и на покренувањето на анти-ЕУ кампањата во која не само што се напаѓа, клевети и навредува претседателот на Европската комисија (ЕК) Жан Клод Јункер, кој на таа функција, пред пет години, дојде од редовите токму на десноцентристичкиот блок партии во Европскиот Парламент, туку се критикуваат и осудуваат основните европски вредности.

Орбан нареди низ Будимпешта и низ унгарските градови да се постават големи рекламни плакати на кои Јункер е заедно со американскиот милијардер и филантропист Џорџ Сорос обвинувајќи ги нив и Комисијата во Брисел дека имаат “испланирано заговор“ за да во земјите на ЕУ (па и во Унгарија) наводно, се населат имигранти од муслиманските држави.

Заедничкото прикажување на Јункер и на Сорос, кого унгарскиот премиер го има прогласено за “државен непријател број еден“, треба да ги натера гласачите во Унгарија да поверуваат во орбановите обвинувања кон ЕК, исмевајќи го Јункер дека се претворил во “обична кукла“ во рацете на американскиот милијардер.

Извинувањето не помогна

Уште пред гласањето околу иднината на Фидес меѓу европските народни партии, Европската комисија реагираше со една отворена и мошне детално направена елаборација во врска со обвинувањата од страна на Орбан, прикажувајќи ја целата негова анти-ЕУ кампања како лажна, исполнета со невистини и обвинувања без основа, градени врз основа на искривоколчување на фактите.

Целта на Брисел беше да им се прикаже на Унгарците – вистината – за мигрантската политика и за вкупните состојби, наспроти тврдењата дека Фидес и нејзиниот лидер ја чуваат земјата од мигранти од азиските и африканските земји, кои според Орбан ќе ја нарушиле “етничката и религиозната рамнотежа“ во национално чистото унгарско општество, какво овој политичар (насила) го изградува последниве години.

Орбан побрза да се извини и ги тргна антиевропските плакати, за да ја поправи сликата за себе и за своето владеење, но тоа не помогна да не биде казнет со суспензија за која гласаа 190 членови на ЕПП, а само тројца застанаа на страната на Орбан.

Во делови од балканската јавност, казнувањето на унгарскиот премиер и неговата партија беше поздравено со објаснување дека само така ќе може да се бранат европските вредности, демократијата и либерализмот во општествата, како и да се поттикнат на реформи земјите кои претендираат да влезат во големото европско семејство.

Во српската демократска јавност, дури им се сугерираше на луѓето од ЕПП, со суспензија на членството да бидат казнети и српската владејачка партија СНС, хрватската ХДЗ и македонската ВМРО-ДПМНЕ.

Желба за апсолутна власт

Партијата во Македонија која во своите безмалку 11 години апсолутистичко владеење, ја направи државата заробеник на партиското водство кое со земјата управуваше како со своја компанија, третирајќи ги гласачите како свои вработени кои треба да им бидат лојални на националистичките и финансиските интереси на лидерот и неговото потесно семејство, беше на работ да ја задеси судбината на Фидес.

Тоа тогаш не се случи, благодарејќи и на силното лобирање, токму на Орбан кој, пак, сега како мигрант, осуденик и бегалец од правдата, го има на гости поранешниот македонски премиер. А, овој, со своите инструкции од Будимпешта (до сегашното водство, поставено од него) и понатаму настојува политички да ја дестабилизира Македонија и да го попречи нејзиниот европски пат, од кој се откажа додека беше неприкосновен лидер во земјата, ставајќи се себе си во редот на антиевропските сили.

Заедничко и на обајцата, сепак, им е желбата за неконтролирано, недемократско, националистичко и популистичко владеење, што е директно во спротивност со стандардите на ЕУ. Затоа, и побегнатиот екс македонски политичар, а и Орбан, непријателите ги бараат надвор и кај некој друг – во ЕУ, во Европската комисија во Брисел, во Џорџ Сорос и неговите залагања за либерална и вистинска демократија и во правилата на Унијата, што Унгарија ги има прифатено при зачленувањето.

Не е затоа чудно, што толку бргу по казнувањето од неговите сестрински партии, тој одново се сврте кон “надворешните непријатели“ – порачувајќи дека ќе ја продолжи својата “војна“ со ЕУ.

Манипулации со унгарската јавност

Пресметката ја продолжи, одново, во свој стил – манипулирајќи со домашните, унгарските гласачи. Неговото објаснување за казната беше дека тој и Фидес биле “критикувани на почетокот од кампањата за евроизборите “, затоа што како што тврди, било “разоткриено што Брисел планира“ (!?) па, му се налутиле.

“Нема да се повлечеме затоа што ПРОТИВНИКОТ е навреден, бидејќи ние (во Унгарија) го разоткривме“

…има речено Орбан во една реакција е типична за манипулаторите во политиката. Сега унгарскиот премиер се нафрли врз потпретседателот на ЕК, Франс Тимерманс, кој е кандидат на левицата во Европскиот Парламент за наследник на Јункерс.

Но, после се она што го прави во ЕУ, откако поранешна комунистичка и просоветска Унгарија, со европските пари и европскиот капитал стана развиена европска држава, како и после се она што продолжува да го прави на македонскиот политички простор, со унгарскиот капитал во овдешните медиуми, користејќи лажни вести и дезинформации, јавноста се уште малку знае – кој е всушност, Виктор Орбан.

Европските аналитичари го опишуваат како “унгарски моќник“ кој последниве четири години се прикажува себе си и како самопрогласен бранител на “христијанска Европа/ЕУ“, политичар кој тврди дека е демократ, но не крие дека е противник на либералната демократија и дека војува против неа како што тоа го прават сите оние кои се противници на постоењето на ЕУ.

Груб на јазикот, дури и своите противници и критичари во групата на ЕПП партии, ги дисквалификува како “корисни идиоти“, за кои вели дека со своето спротивставување на орбановите теории за ариевски, чисти општества во ЕУ, само им служат на либералите и левичарите.

Лажни патриоти

Во Европа и во ЕУ, Орбан важи за политичар кој ја презира глобалистичката елита и тоа го претвора во лажен патриотизам, што им го продава на домашните гласачи, претворајќи се во политичар за углед кај истите такви “патриоти“ и во други земји од исти како него политичари.

Заедничко им е тоа што се помалку успеваат да ја сокријат својата ксенофобија и демагогијата во политичкото дејствување.

Во 1990 година тој е коосновач на Сојузот на млади демократи во Унгарија (Фидес), кога станува за прв пат и пратеник. На почетокот делува како европски либерал, но набрзо партијата ја свртува во десно, инсистирајќи на конзервативизмот и на семејните вредности. Со таквата платформа, успева да ги придобие обичните Унгарци, главно оние во провинцијата и во селата, па на 35 години, во 1998 година, за прв пат станува премиер.

Многу тешко се снаоѓа во таа работа, па доживува неуспех. Потоа, на два пати, едно по друго, доживува тешки изборни порази. Се врати на премиерската функција во 2010 година, и од тогаш постојано управува со земјата.

Почна да прави реформи во државата, но тие сега се претвораат во своја спротивност, гушејќи ги независноста на судството, слободата на медиумите, ширејќи го непотизмот и партизацијата на унгарската државна администрација, како и дозволувајќи ширење на корупцијата.

Вистинското лице

Европската мигрантска криза кога, наеднаш, кон Европа и земјите на ЕУ тргна милионска маса бегалци од Блискиот Исток и Африка, а не се разбра зашто тоа се случи четири години по војната во Сирија и 12 по ирачката војна, Виктор Орбан го покажа своето вистинско лице.

Наместо солидарност со земјите од ЕУ, каква што Европа има покажано кон унгарските бегалци на Запад, во минатото, тој остро се спротивстави на (привремениот) план за квоти во разместувањето на бегалците и мигрантите.

Влезе во судир со Германија и со канцеларот Ангела Меркел, иако требаше да бидат идеолошки сојузници и ги прогласи Сорос и неговата фондација Отворено општество за “злото на Европа”, затоа што повикуваше на хуманост и на прифаќање на бегалците во тоа време. Дури измисли и закон за да го затвори Универзитетот Сорос во Будимпешта, кој беше симболот на унгарската посткомунистичка транзиција, изгради ограда на границите со Србија и Хрватска, донесе закон за казнување на оние кои ќе сместуваат бегалци и започна војна со ЕУ, лажно обвинувајќи го Брисел дека, наводно, тајно прави планови за населување уште имигранти – муслимани.

Последното е дека таа орбанова пропаганда со лажни вести, преку мрежата медиуми (тв станици и интернет изданија), финансирани со унгарски пари од бизнисмени блиски до Орбан, сега ја шири и надвор од границите на Унијата, низ земјите- кандидати за ЕУ во Западен Балкан.

Посебно податливи за ваквото “информирање“ се покажа дека се Македонија и нејзините медиуми кои некритички ја прифаќаат неговата кампања против ЕУ и Западот, воопшто, земајќи ги измислените вести и манипулации – здраво за готово.

( С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе