ИРА одново на сцена?
Во само два месеци, милитантната, паравоена организација на ирските католици-националисти – ИРА, по подолго време, се огласи на два пати со соопштенија во кои ја презема одговорноста за извршените криминални операции.
Првиот пат, во почетокот на јануари, во северноирскиот град Дери (Британците и Англичаните го викаат Лондондери) по експлозијата на автомобил-бомба пред судот во овој град, а вториот, од пред една недела, откако на пет различни адреси беа испратените пет пакети-бомби во Лондон и во Шкотска.
Пакетите наполнети експлозивни направи, биле испратени за најголемиот британски аеродром Хитроу, за помалиот аеродром Сити, во источен Лондон, за лондонската железничка станица Ватерло, како и еден за Универзитетот во Глазгов, во Шкотска.
Сите четири локации се јавни места, на кои редовно има многу луѓе. Петиот пакет, според признанието на британската полиција, се уште не е пронајден.
Во сите овие инциденти, што може да се означат како терористички, нема настрадани. Експлозивниот пакет во еден објект кај аеродромот Хитроу бил отворен без последици, додека пакетот во Глазгов бил уништен со контролирана експлозија.
Полицијата не јавува за предизвикана штета, ако не се смета уништениот автомобил во Лондондери – кој важи за најпро-ИРА град во Северна Ирска, а за пакетите само е дадено објаснување дека биле мали по обем и сите налик еден на друг. Безбедносни експерти, сепак, имаат речено дека доколку некој би ги отворил, или би се обидувал тоа да го направи, би можело да настрада.
ИРА и ирската историја
Повторното огласување на Ирската републиканска армија (ИРА), на еден ваков начин, 21 година по постигнатиот мировен договор од Велики петок во април 1998 година и во сегашното кризно време во Британија, кога земјата политички, но и како општество е поделена како ретко кога досега, покренува повеќе безбедносни и политички прашања.
Постоењето и делувањето на ИРА се врзува за ирската историја и за борбата на Ирците за ослободување од британската доминација и создавањето независна држава Ирска.
Во „сивите години“ на Северна Ирска и судирањата на католиците и на протестантите, ИРА одново стана “играч“ на северноирската сцена, настојувајќи низ насилство и тероризам, да се обезбеди обединување на Островот.
Покраината Северна Ирска е создадена откако во 1921 година, Британците, конечно, ја прифатија ирската независност, според договорот со кој Даблин се согласи шест покраини во Алстер, во североисточниот дел од островот, да останат во Обединетото кралство, затоа што таму, протестантите се во мнозинство, за сметка на независна Ирска.
Таквиот договор ирските националисти од двете страни на поделениот остров, не сакаа да го прифатат, па кога во шеесеттите години на 20 век избувнаа немирите на Северот, се покрена конфликт што се развлече неколку децении и во кој десетици илјади луѓе во Алстер, но и во Британија, беа убиени, или повредени во судирите на северноирските католици- националисти и протестантите-унионисти.
Католиците заговараа припојување на Северот на островот кон Република Ирска, бришејќи ја, како што зборуваа, вештачката граница, а протестантите трајна поврзаноста на тој дел од островот, со Британија.
Мировниот договор од Стормонт
Во конфликтот се вклучи и британската армија, за да воспостави ред меѓу спротивставените страни, но католиците на неа гледаа само како на “окупаторска сила“, онака како што Ирците во Републиката ги третираа во минатото Британците кои седум векови го имаа ирскиот остров како своја територија.
ИРА во еден момент се обиде, во атентат да ја убие и британската премиерка Маргарет Тачер, поставувајќи експлозив во хотел во приморскиот град Брајтон, на англискиот јужен брег, каде таа престојуваше. Атентатот таа среќно го преживеа, а насилството и тероризмот потоа се префрлија и на лондонските улици.
Но, во средината на деведесеттите години на 20 век, ИРА одлучи да прогласи примирје, а потоа и да го одржува, додека нејзиното политичко крило Шин Феин, прво се легализира, а потоа стана партија.
Kога лабуристот Тони Блер беше избран за премиер тој беше првиот британски политичар кој се нафати, конечно, да го затвори, долгиот и на изглед нерешлив “случај Северна Ирска“ и да обезбеди траен мир во таа дотогаш немирна покраина. Во преговорите со ирските католци-националисти, заедно со северноирските унионисти-протестанти, со мошне активно учество на владата во Лондон и со соработка на ирската влада во Даблин, се стигна до историскиот договор од Стормонт, потпишан на Велики петок.
Изгледаше речиси неверојатно тоа што се постигна, но Шин Феин и неговиот лидер Џери Адамс, како и неговиот заменик Мартин Мекгинис, поранешен командир на ИРА од Дери, станаа партнери на британската влада, а подоцна и пратеници во Вестминстер, иако продолжија да не ја признаваат власта на британската круна во Северна Ирска. Работите толку напреднаа, што со низа компромиси, Блер успеа да ги седне на иста маса Шин Феин и ДУП, со децении непомирливите противници, а тие да создадат заедничка влада во Северна Ирска.
Милитантни дисиденти
Со договорот се обезбеди, практично, да нема вистинска граница која ги делеше Ирците од Северот и оние од Југот (од Република Ирска), што го обезбеди и членството на Британија и Ирска во ЕУ, што пак, целосно ја измени вкупната политичка ситуација во Алстер.
Дел од католиците, а посебно младите и натаму сметаат дека се “граѓани од втор ред“ во Северна Ирска, па повремено, одново, заговараат физичко обединување на Островот.
Има повремени судири, особено во време на контроверзните летни маршеви на националистичките унионисти- протестанти, а повремено се регистрираат и насилни и вооружени инциденти, но последниот голем терористички напад е оној од август 1998 година, во малото место Ома, кога беа убиени 29 негови жители.
Одговорноста за нападот ја презеде “Вистинска” ИРА, која не го прифаќаше мировниот договор.
Претходно, една “Привремена“ ИРА цели три децении спроведуваше насилство, налик на она што оваа година, одново, се појави на сцената, со инцидентите во Лондондери и во Лондон, но и за едната и за другата паравоена група се верува дека повеќе не дејствуваат и дека се расформирани.
Затоа, сегашното појавување на ИРА на сцената, се смета дека повеќе е дело на некоја помала дисидентска група на ирските националисти, отколку што е обид за враќање на минатото кое најголемиот број од северноирците, сепак, сакаат да го заборават.
Сегашните генерации кои поминаа 20 години живеејќи на мир и забрзан економски подем на Северот, а особено на Југот, во Републиа Ирска, која е една од економските чуда на ЕУ, минувајќи го патот од неразвиеност, до силно економски развиена држава, се задоволни од мирното “обединување“ на поделениот остров, што го обезбеди ЕУ, низ слободната комуникација на лугето од двете соседни држави.
“Нова” ИРА
Според безбедносни експерти, јануарскиот инцидент со автомобилот-бомба и оној со испратените пакети- бомби, се дело на некоја “нова “ИРА, милитантна група која сака низ копирање на оперциите од минатото да се промовира, праќајќи порака до политичарите во покраината и во Лондон.
Во соопштението за инцидентот во Лондондери, групата порача дека акцијата не е поврзана со Брегзит, но беа повторени старите пораки за обединување. Експлозивните пратки се смета дека повеќе се испратени за да ја заплашат јавноста дека (во иднина) може да бидат и поголеми и поексплозивни, но впечаткот дека и тие имаат политичка порака.
Таа, сепак, се врзува за хаотичните состојби околу Брегзит и излегувањето од ЕУ, а сето тоа, со идниот статус на границата меѓу Северна Ирска, која како дел на Британија ја напушта Унијата и на Република Ирска, која останува членка на ЕУ.
Таквата разврска, сигурно, ќе остави негативни последици врз економијата и врз стопанските врски, но во преден план го истакнува и прашањето – дали пак ќе има граница и каква ќе биде таа на Островот. Овие нови милитанти и тие кои стојат зад нив, користејќи го хаотичниот Брегзит, им порачуваат на Северноирците да се одделат од Британците и самите да си ја определат иднината.
Британскиот премиер Тереза Меј, уште пред Нова година, предупреди дека формирањето цврста граница во Ирска, доколку има “тврд“ Брегзит, а тоа значи – излегување од ЕУ без договор – ќе ги покрене силите кои заговараат обединување на ирскиот остров во една држава.
Поранешниот премиер Тони Блер, уште пред референдумот од јуни 2016 година, предупредуваше дека напуштањето на ЕУ е закана за договорот од Велики петок и за можноста од враќање на насилствата во Северна Ирска.
И тој, како и уште еден друг поранешен премиер, Џон Мејџор, тогаш сосема разумно предупредија и на заканата за целовитоста на Велика Британија, мислејќи притоа не само на Алстер, туку и на Шкотска и тамошниот сепаратизам.
(Д.Л.)
Извештај од Лондон