Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Ципрас: “Преспа” мост а не ѕид на Балканот

Golden Brown/BigStock.com

Ципрас: “Преспа” мост а не ѕид на Балканот

Грчкиот премиер Алексис Ципрас изјави во Белград дека спогодбата од Преспа меѓу Грција и Македонија е добра за стабилноста (на регионот) и дека ќе придонесе Македонија да биде “мост, а не ѕид на Балканот”.

Ципрас беше во посета на Србија и по разговорите што ги имал со својот домаќин, српскиот претседател Александар Вучиќ, рекол дека Македонија нема да се испречи како ѕид меѓу Грција и Србија, туку се заедно, преку спогодбата од Преспа, позитивно ќе влијае врз бројните енерегетски и инфраструктурни проекти кои ќе ги зголемат перспективите за позабрзан економски развој.

Според белградските медиуми, меѓу проектите што грчкиот премиер ги издвоил се повеќе планови за гасификација, како и проекти поврзани со железничката линија од Солун, преку Скопје до Белград и понатаму кон Будимпешта и западноевропските земји. Српскиот претседател, исто така, зборувал зарегионалните инфраструктурни проекти на оваа траса, а пред се, за железницата Атина-Солун-Скопје до српскиот главен град. Вучиќ го известил својот гостин дека за кусо време целосно ќе завршат работите на коридорот 1о, низ територијата на Србија, по што на целата траса од Белград, па преку македонската територија до Солун и Атина ќе се патува по автопат.

“Токму затоа, сега на ред доаѓа железницата која од Атина, преку Скопје, ќе ги поврзе двата главни града на Србија и на Грција” – Вучиќ.

Медиумите пишуваат дека Вучиќ за прв пат, јавно, позитивно зборувал за грчко-македонскиот договор (за името), откако Ципрас ја промовирал “Преспа” како договор за пример за Западен Балкан.

“За Србија е многу важно да се спроведе договорот од Преспа, по што македонската територија ќе биде вистински мост, преку кој ќе бидат поврзани нашите две земји. Знам дека тоа не е лесно, но Србија и сите нејзини граѓани го подржуваат спроведувањето на тој договор”- Вучиќ.

Српскиот претседател беше единствениот политички лидер кој не го поздрави македонско-грчкиот договор од Преспа, кога целата меѓународна заедница и сите земји од регионот и од ЕУ, го поздравија како “историски настан” и како договор- модел за другите на Балканот – низ преговори и со правење компромиси да се дојде до постигнување заемно прифатливо решение. Белград во време додека траеја преговорите на Скопје и Атина, па и пред референдумот во Македонија, со своето однесување како да не сакаше да има договор, а изјаснувањето на македонските гласачи, да не успее. Во тоа, многу поактивна беше само Москва која дејствуваше, а и сега дејствува спротивно на настојувањето на целата регионална заедница, на ЕУ и на САД, за успешно завршување на целиот овој проект и за ратификација на договорот од Преспа и во двете земји.

Сегашната подршка на официјален Белград доаѓа по посетата на Ципрас на Русија и неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин. Самиот грчки премиер, во кусата изјава по тие разговори, потврди дека се разговарало и за договорот од Преспа, задоволувајќи се само со тоа дека – му било овозможено, на претседателот Путин да му го објасни позитивното значење од овој договор за двете земји и за целиот регион. Од друга страна, промената на српскиот став, доколку така треба да се разберат зборовите на Вучиќ по средбата со Ципрас, се совпаѓа со последната средба на балканските политички лидери со Федерика Могерини во Брисел. По неформалните средби на европскиот “шеф на дипломатијата” со сите лидери од Западен Балкан (освен со албанскиот премиер Еди Рама), таа изјави дека била “изразена најсилна (досега) подршка на договорот од Преспа” како и за дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Ципрас во Белград се надоврза на ваквата (нова) позиција на тој начин, што освен што го истакнал значањето на грчкиот договор со Македонија, тој се заложил и за мирно и компромисно решавање на косовската криза.

Грчкиот премиер ја осудил постапката на властите во Приштина околу 100 отсто зголемените такси за увоз на српски производи во Косово, како и за претворањето на косовските безбедносни сили во војска. За ваквите постапки рекол дека не придонесуваат за стабилноста во регионот, но во истоврене ја повикал и Србија да остане на курсот на мирното решевање на косовската ситуација, без разлика на емоциите.

“Станува збор за тешка работа, но мора да се одржи сегашниот (мирен курс) за да се дојде до решение. А решение значи да постои спогодба, што пак значи дека има компромис при што никој не добива се што сака.”

…рекол Алексис Ципрас по разговорите со српскиот претседател, во изјавата што се разбира како порака до Белград за неговите преговори со Приштина, но и до оној дел од грчката јавност која го обвинува за “предавство” во преговорите околу името, со Скопје.

Што се однесува до комуникациите на линијата која и некогаш, но географски и сега ги поврзува трите балкански држави, последниве, безмалку, 30 години колку што траеше спорот околу името на Македонија, дојде до периферизација на земјата. Прво, откако таа се соочуваше со грчката блокада, а потоа и со блокадата на северот, со Србија, поради тамошните политички и безбедносни случувања, што продолжи со трагањето по нови коридори од крајниот југ на Европа, за Западот на континентот, преку Бугарија и Романија. Таквата политичка клима на недоверба, предизвика најмногу да настрада железничкиот сообраќај кој сега е целосно застарен, како на македонската, така и на српската страна, но и на линијата од македонско-грчката граница, до Солун. Комплетно старата инфраструктура и бавноста, придонесоа патувањето со воз на трасата север-југ и обратно, да стане целосно неиинтересно за патниците, па Скопје сега делува како отсечено за возови и од двете страни, затоа што нема сообраќај од Солун и од Белград. После многу години, сега, одново се зборува за железницата, за нејзината обнова, или можеби и за изградбата на една сосема нова траса.

(Б.С.А)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе