Национализмот против Европа
Примирјето потпишано на 11 ноември 1918 година, не значеше и мир на континентот на кој четири години крваво се војуваше. Тоа требаше да го донесе Версај и мировната конференција, што таму беше организирана, во јануари 1919 година, но излезе дека тој собир на државниците од Европа и светот, успеа само да го продолжи примирјето, што потоа се распрсна само 20 години подоцна, во 1939 година, со избувнувањето на Втората светска војна. Историчарите велат- како последица на цела низа политичко- економски и социјални случувања и последици на европскиот континент и глобално, но и како резултат на лошиот договор направен во версајските дворци на француските кралеви.
Еден век подоцна од потпишаното примирје за запирање на војувањата во Големата војна (1914-1918), што се случи во железнички вагон во близина на местото Компиње, во северна Франција, во една сега сосема поинаку уредена Европа, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Ангела Меркел, се потпишаа во спомен-книгата на помирувањето меѓу овие две европски држави, непријатели во Првата и во Втората светска војна, во идентична реплика на вагонот од Armistrice од пред 100 години. На тој начин, двајцата политички лидери на една изменета Франција и исто таква Германија, симболично, го потврдија мирот и нивното помирување, откривајќи и спомен-плоча за тоа и заеднички положувајќи венец за сите воени жртви во четири годишните судирања. Меркел е првиот германски канцелар, по завршувањето на Втората светска војна, што ја посетува шумата кај Компиње, каде бил поставен вагонот, а тоа има двојно значење- затоа што во истиот тој вагон, Адолф Хитлер ги натера Французите, таму да ја потпишат својата капитулација во 1940 година, во првата година војување во Втората светска војна.
Некои на Балканот, побрзаа да прашуваат што бара Меркел, како актуелен канцелар на Германија, на сите настани поврзани со примирјето, еден век подоцна и под Триумфалната капија во Париз, на одбележувањето на крајот од Големата војна, уште и во првиот ред, седната до лидерите на земјите – победнички во таа војна. Ваквите прашања, веројатно, се потикнати од балканскиот менталитет за неприфаќање на тоа дека војните се водат, но завршуваат. Како да не можат да се помират со тоа дека потоа, настапува мир. Притоа, никој не заборава што се случувало, ниту тоа кој на која страна се наоѓал во војната, но дека по се што се случувало- следи помирување. Храброста во војувањето, сега се заменува со храброста да се продолжи да се живее, да се соработува и заеднички да се дели доброто и лошото, низ правењето компромиси и гестови на добра волја.
Париз и Берлин тоа го прават уште веднаш по завршувањто на Втората светска војна, откако новата Германија (иако тогаш поделена) се определи за демократија, соработка, добрососедство и партнерство со другите на континентот. За тоа, прво што беше потребно, беше помирувањето со соседна Франција, а кога тоа беше постигнато, беше отворен патот, доскорешните непријатели, заеднички да изградуваат една нова Европа, прво низ создавањето на Европската економска заедница (ЕЕЗ) а потоа и низ трансформацијата на заедницата во Европска Унија (ЕУ). Од потпишувањето примирје во железнички вагон, на крајот од едната, преку потпишувањето капитулација, на истото место, како реваншистички чин, на почетокот на втората војна, до создавањето заедништво и партнерство во Европа, од кое ќе израсне француско-германскиот мотор (срце) на ЕУ, поминаа само четири децении. Тоа им стави крај на непријателствата, на омрзата и на војувањата, што помогна не само за нивното сојузништво, туку и за комплетно новата клима на континентот и за отворање на европските интеграциски процеси.
Задоволството од таа радикална промена, како и од зацврснатиот мир и од постоењето на обединета Европа, меѓутоа, сега е поматено од загриженоста поради обновувањето на национализмот на континентот и во самата ЕУ и кокетирањето со популизмот, што им се нудат на гласачите како храна, со која десничарските и крајно-десничарските сили би требало да ја приграбат власта и да растурат се она што макотрпно е изградено и се гради во поствоена Европа. Тоа го има во Франција, низ дејствувањето на Националниот фронт, како и во Германија низ засилените позиција на, доскоро, маргиналната партија Алтернатива за Германија (АфД), со постоењето на крајно десничарските сили во Шведска и Данска, во Австрија, а посебно со делувањето на владите во Унгарија и Полска и популистите во Италија кои управуваат со владата во Рим, иако премиерот не е нивни човек. Во тоа друштво, се става и британскиот Брегзит, како пример за англискиот национализам, а американските либерали, на национализмот во глобални рамки, го придодаваат и изолационизамот што го спроведуваат американскиот претседател Доналд Трамп.
Пред започнување на одбележувањето на крајот од Првата светска војна, претседателот Макрон остро го осуди сегашното, повторно, навлегувањето на национализмот и крајно-десничарската идеологија во земјите од Унијата, а тоа секако, не беше случајно, особено што тој се заложи веднаш да се дејствува, за да не се дозволи нивното натамошно делување, притоа, остро спротивставувајќи се на премолчувањето на сите вакви состојби.
„Токму тоа се случуваше во триесетите години на 20 век, кога тогашните политички и интелектуални елити, премолчуваа на сите десничарски, недемократски и националистички потези што беа преземани во Германија и Италија од тоа време, а таквото однесување им помогнаа на Хитлер и на Мусолини да изградат нацистичко-фашистичка идеологија во своите држави и да предизвикаат војна“ – вели Макрон. Според него, некои сметаат дека се претерани споредбите на денешното десничарење низ Европа, со случувањата на континентот, од пред осумдесетина години, но забележува дека различноста на времето во кое сега се живее, сепак, не го попречи Националниот фронт во Франција да победи на претходните избори за Европскиот Парламент, а и сега, пред изборите во мај идната година, да биде во предност пред другите партии.
„И во Франција, а и низ ЕУ, информираните и образованите луге тврдат дека постојат доволно сили за да се излезе на крај со националистичката и десничарска идеологија и со популизмот што обилно се нуди, но таквите сили меѓу двете светски војни, не успеаја да го запрат напредувањето на Хитлер. Тогаш тие се затскриваа зад објаснувањето дека е подобро да има ред, отколку да владее хаос на улиците и по градовите, што нацистите го искористија за наметнување диктатура и тоталитаристички режим“ – предупредува францускиот претседател, порачувајќи и на европската јавност дека премолчувањето на денешното десничарење, како и на сегашните националистички изливи, значи согласност со нив, подршка и прифаќање.
Оние кои се согласуваат со ваквите предупредувања на Макрон, инсистираат дека ЕУ/Европа мора да признае дека се соочува со национализмот, како и со пораст на оние сили кои потикнуват конфликти и пресметки, а потоа, да му се спротивстави на екстремизмот низ разрешување на основните причини кои доведуваат до неговата појава, низ разрешување на нееднаквоста и незадоволството во општеството.
Факт е дека ЕУ е поделена од стравот што е создаден од долготрајната економска и финансиска криза, започната во октомври 2008 година, која некаде траеше и десет години, потоа од миграцијата на континентот и од напливот бегалци, како во 2015 година, па спасување и решение бара во затворањето во национализмот, додека лугето и гласачите почнуваат да им веруваат и да ги прифаќаат лажните приказни на популистичките политички лидери. Но, така се доаѓа до сличноста со случувањата и настаните од Европа во триесетите години на 20 век, во периодот меѓу големата светска криза во 1929 година и почетокот на Втората светска војна, есента 1939 година. А таа лекција од историјата на континентот, денешните генерации и политичари и граѓани не би смееле да ја заборават.
Овие денови кога Европа се потсетува на случувањата од пред 100 години, изјавите дека – национализмот е како лепра, дека во својата основа значи предавство на здравиот- искрен патриотизам, дека дејствува лажно, затскривајќи се со десничарскиот популизам – не делуваат ниту патетично, а ниту пропагандистички. Повеќе делуваат како предупредување за да не се остави работите да си течат, без никакво спротивставување. Проевропските сили ја нудат концепцијата на која се темели ЕУ, а тоа значи ослободувањето од потенцијални судири и избувнувањето граѓански и други војни, низ форсирањето на дијалогот, за надминување на разликите, за заедничкото добро и за зацврснување на мирот. Во изминатите децении, па и сега, има примери кога токму таквата политика ги има поразено потенцијалните и случените конфликти што ги раѓаат национализмот, десничарењето и популизмот.
(С.С.Г.)