Косово според “ирска формула”?
Промовираната идеја на официјален Белград, што Приштина не ја отфрли – ситуацијата околу Косово да се разреши со исцртување нова граница меѓу некогашната југословенска покраина, што веќе десет години е независна држава и Република Србија, остана недоречена. Во текот на целиот август, таа стана главна политичка тема и кај едните и кај другите, но никој не објаснува како Белград и Приштина замислуваат да се изведе една ваква операција во најтурбулентниот дел од Балканот и посебно, што е она што двете страни сакаат да постигнат за себе.
Засега идејата се врти околу реакцијата на меѓународната јавност, која барем првично, остави впечаток дека била затечена . Подоцна, сепак, се разбра дека на една претходна средба во Вашингтон, одржана меѓу српскиот премиер Ана Брнабиќ и шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ, со пониски функционери на американската админстрација, српската страна ја изнела ваквата идеја, објаснувајќи ја како најдобриот компромис што може да го постигнат Србија и Косово. Белградски извори објаснуваа дека од американска страна немало никаква реакција, дека не се ниту разговарало, туку дека само била ислушана идејата. Не се открива ниту дали е тоа идеја на Белград, или пак е на Русија, како што тоа го тврдеше париски „Монд„ .Весникот инсистира дека со протурањето на ваквата идеја, Москва сака да се продлабочат разликите меѓу земјите на ЕУ, а во исто време да се испита- дали таа формула би можела да се искористи и на друго место, на пример, во Украина или Грузија.
Во меѓувреме и во Србија и во Косово, подржувачите на планот, претседателот Александар Вучиќ и неговиот министер Дачиќ, како и косовскиот претседател Хашим Тачи, се пресметуваат на домашната сцена, со сите кои се против менување на границата, настојувајќи да ги уверат и оние дома и во странство, дека само тоа може да го спаси дијалогот за Косово , а над се, да обезбеди трајно решение.
Иако делува како да постои премолчена согласност , српската и косовската страна, сосема различно гледаат на цртањето нова карта за и околу Косово. Од Белград прво зборуваа за поделба на Косово, па потоа за разграничување на Србите и Албанците на Косово. Претседателот Тачи, пак, зборува за корекција на границата, откако претходно побара Прешевска долина (Медвеѓа, Бујановац и Прешево) да се припои кон косовската територија. Потоа, приштинскиот весник „Зери“ откри дека група еминентни белградски експерти веќе имаат направено проекција, за размена на територии. Според неа, Србија би ги повлекла за себе четирите етнички „чисти„ српски општини од територијата на Косово, плус и северна Митровица, а Косово би го добило, за возврат, Прешево. Весникот тврди дека проектот бил публикуван уште во април оваа година , но и тогаш, а и кога беше пренесен во „Зери„, беше мирно примен во јавноста и во двете држави.
Ова ја прави како реална претпоставката дека Белград и Приштина веќе тајно, или со посредник разговараат за размена на територии и за повлекување нова гранична линија, па дека на првата наредна рунда од средбите во Брисел, може да се очекува да не се зборува за „технички прашања„ и за Заедницата на српските оптини, туку конкретно за тоа што и колку двете страни може да дадат и да добијат, за да се обликува идната територија на Косово.
Може ли тогаш, како една од формулите за креирање на компромисно решение за Косово, да биде онаа со која е решено прашањето на островот Ирска, пред Британците да ја признаат новата, независна ирска држава, која се оддели од Обединетото Кралство по завршувањето на Првата светска војна. Историјата и меѓународните прилики, пред стотина години и сега, на тогашниот Запад и сегашниот Балкан, се сосема рзлични, но владата на тогашниот британски премиер Дејвид Лојд Џорџ и лидерот на ирските бунтовници и на тогашна ИРА, Мајкл Колинс, во 1922 година, воделе тајни преговари, барајќи компромис, за тоа како Ирска , конечно, да стане независна, Британците да и го признаат тој статус , а притоа да не бидат сосема протерани од ирскиот остров.
Формулата беше во повлекувањето граница во реонот на Алстер, во североисточниот дел од „Зелениот остров„ . Со ставањето граница , шест од осумте области на Алстер, останаа во Британија, како дел од Обединетото Кралство. Аргументот на кои Лондон инсистираше во преговорите бил дека во тој дел од Островот, мнозинското население се протестантите и доселеници од Шкотска и Британија, а и историски гледано таму наназад неколку векови доминирале протестантите. Во другиот дел од островот, Британците се согласија, Ирците да создадат своја држава , а Даблин да биде нејзиниот главен град. Колинс го прифатил она што го нудела британската влада, се откажал од поголемиот дел од Алстер, но со договорот се обезбедила независност на Ирска , што Британците ја признале.
Во српско-косовскиот случај работите стојат поинаку и ова е, секако, друго време. Сепак, ако веќе Белград ја турка идејата за конечно решение на косовската ситуација низ размена на територии и со нова граница, а Приштина прифаќа таква варијанта, тогаш компромис, мора да се постигне, иако тој нема да биде лесен ниту за едните, а ниту за другите. Компромисот на Косово му е потребен за да добие признание на својата независност и за одблокирање на неговиот прием во ОН и во другите меѓународни организации. Србија, пак, ќе мора да ја прифати новата реалност и да признае дека таа одамна нема никаква контрола врз некогашната покраина во која 95 отсто од населението се етнички Албанци. Работа на договор е дали тоа ќе биде преку меѓународно обврзувачки договор за границата, или со признавање на територијата на Косово како независна држава, но од властите во Белград се бара тоа да го направат, ако навистина сакаат да бидат дел од обединета Европа, како членка на ЕУ. Српско-косовскиот компромис мора да произведе признание и тоа во Белград се знае уште откако на Србија и беше овозможено , по забрзана линија, да го отвори преговарачкиот процес за влез во Унијата и веќе има отворено петнаесетина поглавја.
(Б.П.)