Бугарија и Романија членки на Шенген
Бугарија и Романија, од 1 јануари 2025 година, се двете нови, полноправи членки на шенгенскиот простор.
Министрите за внатрешни работи на ЕУ одлучија на својата седница во четвртокот, да се прекине долгото чекање на овие две балкански држави за влез во зоната на Шенген, откако станаа дел на Унијата уште на 1 јануари 2007 година.
Без контрола од Грција до Северна Европа
Во оваа зона влегуваат две години после Хрватска, која е последната новопримена земја во ЕУ и откако во март годинава, Бугарија и Романија добија право да бидат во Шенген само за авионскиот и бродскиот сообраќај.
Тоа значи дека од почетокот на следната година се укинува внатрешната гранична контрола на другите со овие две земји, како и контролата на бугарско- романските гранични премини. Со овие две, бројот на државите во Шенген зоната се зголемува на 29. Меѓу нив, четири земји не се членки на ЕУ.
Влегувањето на Романија и Бугарија најдолго – се до минатиот месец – го блокираше Австрија, иако противење и резерви за приемот имаа и други земји членки, а пред се, Холандија.
Долгогодишно вето на Австрија
Како причина за ставањети вето беше наведувано високиот процент на мигранти кои од таму влагуваа во ЕУ, слабата контрола и недоволната борба со корупцијата, како и постоењето на организираниот криминал и недоволното владеење на правото.
Како една од причините за долгата блокада за влез во шенгенската зона, беше посочуван и фактот дека со влегувањето на овие две земји, се воспоставува непрекината врска- без гранична контрола- од граицата меѓу Грција и Турција, па се до остатокот на ЕУ, до северот на Европа.
Грчко-турската граница важи за мошне порозна , затоа што од таму влегуваат голем број мигранти.
Одлуката на министрите на Унијата, во Софија и во Букурешт е примена со воодушевување и се означува како (конечно) заокружување на нивниот европски процес, започнат пред 17 години.
Процес започнат во 1985 година
Бугарскиот технички премиер , по тој повод изјави дека- практично- од Нова година, меѓу Бугарија и Грција нема да постои граница.
Создавањето на шенгенската зона за слободно прекугранично минување, се смета за едно од најголемите достигнувања на некогашната ЕЕЗ и сегашната ЕУ. Шенгенскиот процес е започнат уште во 1985 година, меѓу пет земји членки- Франција, Германија, Белгија, Холандија и Луксембург.
Спогодбата е наречена Шенгенска, според малото погранично место Шенген во Луксембург, сместено на самото тримеѓе со Германија и Франција, во кое беше потпишана основачката спогодба.