Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

„Путин манипулираше со Доналд Трамп“

„Путин манипулираше со Доналд Трамп“

Х.Р. Макмастер,  советник за национална безбедност  на  Доналд Трамп, тврди дека Владимир Путин лесно манипулирал со поранешниот  претседател на САД, користејќи го трамповото его, самобендисаноста и неговата несигурност.

Во својата книга- „Во војна со самите себе“- моето време во Белата куќа со Трамп“ Макмастер, пензиониран генерал на американската армија, тврди дека манипулацијата била толку силна што бившиот  претседател „одбивал да прифати било каква негативна проценка за авторитарноста на режимот на Путин“ , што тој и другите советници му ја предочувале.

Случајот со Сергеј Скрипал

Наместо да ги сослуша и да ги прифати проценките  на своите соработници, Трамп  се определувал да ги сменува од функцијата.

На таков начин  настрада и Макмастер кој на советничката позиција беше само 457 денови, од февруари 2017 до април 2018 година. Во својата книга тој потврдува дека бил разрешен од должноста со порака испратена на Твитер- дека повеќе не е советник на претседателот.

Некогашниот советник потсетува на обидот за убиство на Сергеј Скрипал, поранешен оперативец на КГБ кој побегна од Русија и се насели во Британија, што се случи во англискиот град Солзбери.

Макмастер вели дека веднаш го известил Трамп за инцидентот во кој беше користен нервниот агенс „новичок“, уверувајќи го  дека зад атентатот стојат Путин и неговите тајни служби.

Воодушевен од ласкањето од Кремљ

Иако за тоа зборуваше целата европска политичка јавност и се занимаваа сите медиуми, Трамп во тие моменти се занимавал со еден претходен напис во „Њујорк Тајмс“ во кој Путин ги пофалува претседателот на САД и неговата надворешна политика.

„Претседателот Трамп беше толку воодушевен од она што го има речено Путин, што подоцна и писмено му се има заблагодарено на рускиот претседател“- вели Макмастер во книгата, додавајќи дека веднаш бил убеден оти Путин тоа ќе го искористи и злоупотреби.

Тоа брзо се покажа како точно, кога се докажа дека Русите стојат зад обидот да се ликвидира Скрипал, а дека ласкањето на Путин за  Трамп беше пресметано- оценува поранешниот советник.

Според него, пофалбите од Кремљ беа обична манипулација со Трамп, таков каков што е, само за да се забие клин во советничкиот тим на поранешниот претседател- за да се изолираат „јастребите“ околу Трамп.

Слабост кон деспоти моќни лидери

Во книгата, од која извадоци објавува лондонски „Гардијан“, Макмастер пишува дека Путин, како „безмилосен поранешен оперативец на КГБ, отворено му се додворуваше на егото на Трамп, но и на неговата несигурност, повремено ласкајќи му.

„Путин го има опишано Трамп како талентирана личност, а тој- слаб на ваквите пофалби- силно го откри својот афинитет и „слабоста“ кон политичките моќници и кон авторитарните лидери и деспоти.

При тоа уште и уверен дека САМО ТОЈ може да воспостави добри односи со Владимир Путин, иако беше јасно дека станува збор за вистински диктатор“- пишува  поранешниот советник во Белата куќа.

Опседнат од истрагата на Роберт Мјулер

Негова оценка е дека откако стана јасно оти големото мнозинство политички експерти во Вашингтон беа за водењето остар курс кон Кремљ, предизвика само претседателот Доналд Трамп да има крајно спротивен став.

Тоа се засили кога стана јасно дека тој е опседнат со извештајот на Роберт Мјулер, специјален иследник за руското мешање во американските избори во 2016 година.

Од тој момент- вели Макмастер- било која тема да се најдеше на дневе ред, која се однесуваше на Русија и на нејзиното дејствување, Трамп ја поврзуваше со овој извештај и со тврдењето на демократите ( но и на други) дека кампањата на Трамп била во врска со руската кампања за дезинформации- за да се смени текот на изборите.

Екс советникот потсетува дека Мјулер , на крајот, не најде докази за злосторнички заговор. Но, сепак, откри низа инциденти за тоа дека трамповата кампања се обидувала да ги сокрие контактите со руски оперативци, како и тоа дека самиот Трамп ја попречувал истрагата на Мјулер.

Сменување преку Твитер

Кога Макмастер ( во 2018 година, во Минхен, на Конференцијата за безбедност) зборувал за овие случувања во САД, посочувајќи дека била разобличено руското мешање со руски агенти на теренот, во американските избори, бил остро критикуван од шефот.

Во порака на Твитер, Трамп му замерил на својот советник за национална безбедност што на конференцијата  не споменал дека- изборите не биле наместени. Само еден месец подоцна, Трамп го сменил од функцијата.

Генералот Макмастер беше заменет со Џон Болтон, но и тој  подоцна заврши како и неговиот претходник, по судирите кои ги имал со Трамп , како негов советник за безбедност.

И тој има објавено книга за времето во Белата куќа во која и тој инсистира дека Трамп е неспособен за функцијата која ја има, дека не се разбира во големата меѓународна политика , како и дека го интересира само она од што тој би имал лична полза.

Путин си поигрува со Трамп

Што се однесува до Макмастер, по заминувањето од Белата куќа има водено повлечен живот , не сакајќи да влегува во политиката.

Но, останува цврсто на позицијата која му ја изнесувал и на Трамп за тоа дека – „ САД не смеат да бидат наивни и глупи и да му веруваат на Путин“.

„Она што тој сака и бара од Америка , е да се откаже од Украина ( тоа е времето- четири години по окупацијата на Крим и Донбас), како и тоа САД да заминат од Сирија и од Авганистан. Барање што Трамп подоцна го исполни“.

„Путин беше убеден дека може  да се поигрува со американскиот претседател и да добие се што ќе посака- а сакаше ублажување на западните санкции. Продавајќи ја притоа старата приказната за изградба на добри односи на Русија и Америка“- вели Х.Р. Макмастер во својата книга „Во војна самите со себе“.

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе