Предавството на Роберт Ф. Кенеди
Независниот претседателски кандидат Роберт Ф. Кенеди- Јуниор соопшти дека ја суспендирал својата кампања за американските претседателски избори, закажани за почетокот од ноември, како и тоа дека ќе ја подржи кандидтурата на републиканскиот кандидат Доналд Трамп.
Кенеди (70) кој најголемиот дел од својот (политички) живот го има поминато како цврсто определен демократ кој уште потекнува и од моќната политичка династија Кенеди, сите силно приврзани на американската Демократска партија, стана првиот изданок на семејството што ќе застане зад еден републиканец и тоа таков каков што е Трамп.
Во служба на Трамп
Тој се има пофалено дека нема целосно да се повлече од изборната трка, туку дека ке се појави на изборите во оние сојузни држави , во кои тоа нема да влијае врз изходот на изборите. Објаснувајќи дека своето име ќе го тргне од изборните ливчиња во десет клучни сојузни држави , каде неговата кандидатура би можела да ги намали трамповите шанси за победа.
Според Кенеди, причините за ваквиот негов потег се истите оние поради кои се има разделено и од партијата. Станува збор за инсистирањето на Трамп дека ќе ја заврши војната во Украина, на тој начин што ќе преговара со Русија.
Тоа вели дека било пресуднио за неговата определба, иако признава дека се уште има многу работи за кои тој и републиканецот Трамп се разликуваат, во своите погледи.
Син на убиениот Боби Кенеди
Меѓутоа, нема ништо од овој Кенеди за правото на една независна и суверена држава- Украина да се брани после бруталната и со ништо не предизвикана инвазија- само затоа што Киев се определи да тргне по својот пат и да не биде и натаму само сателит на Москва и да се развива и да живее во вистинска демократија.
Роберт Кенеди е син на поранешниот сенатор, а пред тоа и министер за правда и државен обвинител на САД, Роберт (Боби) Кенеди кој беше убиен во атентат во Лос Анџелес, во август 1968 година, додека беше во предизборна кампања за претседател.
Негов чичко беше претседателот Џон Кенеди, во чија владина администрација беше и таткото Боби. Претседателот Кенеди беше исто така жртва на атентат- беше убиен во ноември 1963 година во Далас, во Тексас.
Своеглав и самобендисан
Ваквата одлука на синот на некогаш популарниот демократ Боби Кенеди, за кого се верува дека доколку не беше убиен ќе беше избран за претседател, не ја ниту изненади, а ниту ја потресе американската политичка јавност.
Синот Роберт е познат по својата своеглавост и самобендисаност, како и по желбата да се одмаздува доколку не го добие она што го бара, па затоа никогаш не бил омилен и популарен меѓу демократите.
Ниту приближно како неговиот татко, а ни од далеку не онака како што на времето, пред многу години, тоа беа тројцата браќа Кенеди- Џон,Роберт и Едвард (Тед), сите вклучени во политиката и во демократскатапартија.
Но, затоа најострата осуда на одлуката да го подржува Трамп , дојде од семејството Кенеди кое ја чува демократската традиција. Гестот на Роберт Јуниор, затоа, беше осудено како предавство на демократијата во САД и на семејството.
Осуда од семејството
„Сакаме Америка исполнета со надеж и поврзана со заедничката визија за посветла иднина- дефинирана со индивидуалните слободи, економски ветувања и национална гордост. Затоа веруваме во Камала Харис.
Одлуката на нашиот брат Роберт да го подржи Трамп, преставува предавство на вреднотите за кои се бореше нашиот татко и целото наше семејство. Ова е тажан крај на една тажна приказна“- имаат напишано во заедничката изјава сестрата и братот на Роберт Кенеди-Јуниор.
Доналд Трамп, пак , во својот познат стил брзо се пофали дека зад РФК има бројни подржувчи, но анкетите покажуваат нешто друго.
Пред повлекувањето на Џо Бајден , Кенеди можеше да смета до најмногу десет отсто од гласовите. Сега, меѓутоа, подршката за него не е поголема од два отсто.
Демократитите, пак само имаат забележано дека – е добро што повеќе го нема во партијата.