Србија без литиумски попуст за ЕУ
Европските медиуми им посветуваат внимание на најновите случувања во Србија, поврзани со ископувањето литиум, прикажувајќи ги како ново српско востание.
Властите и српскиот претседател вадењето литиум, го нудат како да е безмалку покренувач на идниот развој на земјата. За противниците на ископувањето, пак, овој проект на компанијата „Рио Тинто“ во западна Србија, претставува голема еколошка закана која може да го загади тој дел од земјата.
Онака, како што тоа веќе го имаат направено Кинезите, експлотирајќи го бакарот во источна Србија, во реонот на Бор и Мајданпек, за кого велат дека еколошки целосно е уништен и максимално загаден.
Покренат па запрен проект
Во литиумскиот проект, што ја дигна на нозе српската јавност, меѓутоа, освен екологијата , што е примарна, има и многу политика, што во Србија ја има во секоја можна ситуација.
Според „Ное Цирих Цајтунг“ Александар Вучиќ уште во 2022 година го покрена случајот со копање литиум, но беше тргнат настрана под притисок на еколозите и на здравствените експерти.
А, потоа, одново за изборни и политички потреби, самиот тој го покрена уште и самокритикувајќи се дека -„ испаднал будала што првиот пат попуштил“.
Тоа, како што има забележано Дојче Веле, предизвика многу поголем револт, затоа што јавноста и гласачите излегоа измамени и притоа се открија низа политикански игри.
Но, и затоа што власта (одново) има покажано дека не води никаква сметка за јавното мислење, туку својата ароганција ја поткрепува врз режимските гласила и бруталната пресметка со сите кои ќе се спротивстават.
“Жртвувана српската демократија“
Од друга страна, дел од германските медиуми, забележуваат дека Германија и самата има големи резерви свој литиум, а сепак, рударењето- ископувањето и го препушта на Србија. Тоа предизвика сомнеж дека зад српскиот литиум се крие некаков политички пазар.
Односно, дека со проектот – што се нуди како „високоразвоен“ и корисен за земјата, и се дава попуст на Србија за влез во ЕУ- по забрзана патека.
Особено тоа се засили, откако потпретседателот на Европската комисија ( во присуство на канцеларот Олаф Шолц) во Белград го потпиша меморандумот за разбирање, што практично, покажа дека зад она што го покрена „востанието“ во Србија, стои Европа.
Експертот за Западен Балкан од Виена и од тамошниот Институт за развојни студии, Флоријан Бибер , затоа, смета дека потегот на Брисел со српскиот литиум е „награда за авторитарниот режим на Вучиќ“.
Според стандардите на ЕУ
Според него, европските демократски вредности и владењето на правото, што Белград отворено го гази, се продадени за економските интереси.
На тоа огласија од германското министерство за стопанство, отфрлајќи ги обвинувањата за некаков пазарлак со Белград, кога станува збор за еколошките стандарди ,а посебно кога се зборува за патот на Србија кон Европа.
Од ова министерство имаат истакнато дека се правени долги и темелни студии, кога станува збор за тоа како „Рио Тинто“ ќе ги задоволува еко-стандардите во случајот со експлоатацијата на српскиот литиум.
Се додека не е дојдено до конечната студија, за која се вели дека ги задоволува стандардите на ЕУ, кои се прилично високи и строги.
Има ли ветувања за српскиот претседател
За берлински „Тагесцајтунг“, сепак, останува дилемата дали „еден автократски режим“ каков што е оној на Вучиќ, инаку и мошне близок до рускиот и до Владимир Путин, воопшто, ќе се придржува на преземената обврска да се почитуваат европските стандарди.
Посебно, за тоа – какви ветувања им се дадени на српскиот претседател и на Србија.
Или, дали тоа значи дека за возврат за дилот со литиумот, Вучиќ ке може да се надева дека (слободно) ќе може да ги оствари своте националистички цели во БиХ и на Косово, а притоа уште и дека ќе добие перспектива за влез во ЕУ.
Во Берлин на тоа одговараат дека Србија е земја-кандидат за ЕУ, а во тој процес владењето на правото и демократијата имаат централно место. Според тоа, проектот со литиумот не може да има влијание.
Европски, или кинески проект
Тоа значи дека ниту Германија, а ниту ЕУ немаат дадено никаков попуст за Србија кога станува збор за уредувањето правна држава, за ситуацијата во и околу БиХ, како и за нормализација на односите со Косово.
Во случајот на „литиумското востание“ , врзано за рудникот „Јадар“ во западна Србија, станува збор за стратешки проект за Европа. За тоа дали да се истрае на српскиот литиум , или тие резерви на оваа руда да и се препуштат за експлоатација на Кина.
Попрецизно речено- се настојува да се спречи Кина да ги контролира важните европски суровини.
Германците се убедени дека овде веќе не е во прашање – дали овој проект ќе се реализира, бидејќи веруваат во тоа. Не се знае само дали тоа ќе се случи како проект со европски партнери, или со Кинезите.