Патриотска претстава со Рамадани
Извесен Блерим Рамадани , кого српските власти го имаат ставено на меѓународна потерница за тоа дека бил припадник на поранешната ОВК (Ослободителна војска на Косово) пред 25 години и дека тогаш има извршено „злосторства“ , беше искористен за патриотските игри на Србија , Косово и Северна Македонија- потребни за домашни политичко-пропагандни потреби.
Пограничните власти го притворија Рамадани, на граничниот премин Јажинце (меѓу Косово и РСМ), по што тој беше ставен во притвор.
Случај од пред 25 години
Веднаш реагираа од српското МВР, барајќи од македонските власти уапсениот да биде екстрадиран во Србија, на што од Скопје се реагирало со објаснување дека за тоа треба да одлучат судските власти.
Така, впрочем, би реагирале и во Белград, доколку стануваше збор за некое лице кое би било на потерница издадена од властите на Северна Македонија.
Надлежен суд, меѓутоа, оцени дека нема услови уапсениот некогашен припадник на ОВК да им биде предаден на српските власти, па до конечната правна разврска- во очекување на второстепена одлука- Рамадани бил ставен во домашен притвор.
Но, не чекајќи на тоа, овој ја напуштил локацијата каде бил сместен и велат- „исчезнал во непознат правец“. Локални медиуми тврдат дека заминал во Косово, каде и сега се наоѓал.
Груба реакција на Белград
Никој не зборува за тоа каде е човекот- дури ниту косовските власти, затоа што (изгледа) дека никој за тоа не се ниту интересира, но веднаш се покренаа политиканските игри.
Српскиот шеф на тамошното МНР ( Ивица Дачиќ), од некаква позиција на поголемиот играч во Западен Балкан, грубо побара од „северномакедонските власти да објаснат како побегнал Рамадани“.
На овие во Скопје, пак, им требаше малку повеќе време за да се спогодат околу одговорот.
Но, наместо да одговори македонското МВР, чиј шеф неодамна се среќаваше со Дачиќ во Белград, или министерот за правда во чија надлежност е случајот , одговори премиерот и само ја потврди претставата што се игра со косоварот и со неговото апсење, па потоа бегство.
Покажувајќи притоа дека е недораснат за ваквите игри на балканските „мангупи“, кои веќе се квалификувани за манипулација со јавноста.
Одлука за незамерување
Прво, и македонската и српската јавност, (и без новата влада во Северна Македонија), веднаш ја прочитаа работата. Им беше јасно дека Скопје, ставено во препукувањето меѓу Белград и Приштина, одбра ( веројатно, со знаење на српската и косовската страна), притворениот да побегне.
За да властите во Скопје не се замерат ниту се едниот, а ниту со другиот, а да нема ниту реакција од Европа.
Второ, случајот избувна во екот на новата криза на северот од Косово, кога Албин Курти во стилот на српскиот претседател , тера по свое и на своја рака- кога за тоа нема никаква согласност од ЕУ, САД и европската Квинта – сака да го отвори мостот на Ибар, во Косовска Митровица.
За Приштина тоа е воспоставување контрола и власт врз целата косовска територија, додека за Белград тоа е “окупација“ на северот на Косово, што се смета како „српска територија“.
Игра на нерви меѓу Белград и Приштина
Во таа нивна игра на нерви, која и на Александар Вучиќ и на косовскиот премиер им треба за одржување на патриотската атмосфера во Србија и Косово- убаво се вклопува еден некогашен припадник на ОВК, ставен на потерница во едно друго време и фатен во странска земја.
Сега никој не прашува каде беше досега Рамадани, дали се криеше 25 години и дали никогаш и никаде досега не патувал надвор од земјата во која престојувал. Меѓутоа, преку тоа се доаѓа до основното, што веројатно и било пресудно за одлуката на судот во Скопје.
Станува збор за третманот на некогашната српска и југословенска покраина, која по целосното повлекување на српските власт во 1999 година , во 2008 година, прогласи независност.
За разлика од 100 други земји, Србија не ја признава косовската независност, продолжувајќи да го третира Косово како дел од Србија. Па, во случајов, има покренато потерници за косовски државјани, сметајќи ги правно гледано- како српски предмети.
Врзување за „српската кауза“ ?
Северна Македонија и покрај (сегашната) целосна врзаност за Србија и Унгарија- единствените две земји со кои актуелната власт имаше досега некакви односи, не може на ист начин да го третира Косово.
Затоа што уште пред 16 години ја има признаено косовската независниост и тоа од владата на избеганиот екс премиер и вмровски лидер кој и сега ( од Будимпешта) раководи со владата на Северна Македонија.
Проценка е дека единствено што новата власт во Скопје би можела да направи за „српската кауза“ е да го прифати српскиот план за поделба на Косово. Тоа значи, северниот дел да остане во Србија, што претходната македонска влада не го прифакаше, сметајќи како „опасен преседан“.
Но, тогаш ризикува сериозна криза во сопствената држава , доколку овој план на Дачиќ , кога беше шеф на српската дипломатија и на Хашим Тачи, како претседател на Косово, а сега затвореник во Хаг, биде отфрлен од сегашната косовска политичка елита.
Виткање „кичма“
Затоа, за верување е дека „случајот Рамадани“ го имаат разрешено косовскиот и македонскиот премиер, при што овдешниот морал да “свитка кичма“ пред косоварите.
Само за да има мир дома- во неговата контроверзна владина коалиција во која македонските „национал-патриоти“ се здружени со најнационалистичкиот дел од албанскиот политички блок во Северна Македонија.
Особено што неговиот заменик премиер не гледа ништо страшно во врска со „заминувањето“ на Рамадани и со неговото претходно ставање во домашен притвор.
„Свитка кичма“ и пред грубоста на српскиот министер, па затоа мораше пред своите вмровски „патриоти“ да се вади, продавајќи цврстина.
„Одговорноста“ за наместеното бегство на Рамадани го префрли врз врз судиите и врз претходната влада. Откако вмровската партија ги означи партиите од таа власт како „криминални елементи“ кои ,наводно , не прифакале судски реформи.
(О.У.)