Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

„Состојбата не е алармантна“

"Her Majesty Queen Elizabeth II" (CC BY 2.0) by Foreign, Commonwealth & Development Office

„Состојбата не е алармантна“

Соопштението на Бакингамската палата во Лондон, дека британската кралица Елизабета е заразена со коронавирусот, има предизвикано вчудоневиденост и  доза на гнев во домашната јавност, затоа што се мислеше дека луѓето околу неа и лекарскиот тим што се грижи за нејзиното здравје, нема да дозволат да дојде до ваква ситуација.

Кралицата во април ќе наполни 96 години. Колку што се знае, три пати е вакцинирана, се наоѓа во време кога се  одбележува историскиот, платинаст јубилеј – 70 години откако е на престолот – рекорд каков нема ниту еден англиски и британски монарх – и над се, таа е во своевидна (здравствена) изолација уште од октомври.

Неуспешна заштита

Погребот на нејзиниот сопруг, принцот Филип беше извршен во услови на крајно строги епидемиолошки заштитни мерки. Сите религиозни обреди околу тоа, таа ги има поминато сосема сама. Освен тоа,  кралицата за прв пат не присуствуваше на традиционалното одбележување на крајот на Првата светска војна, во центарот на Лондон, а акредитиви на новите амбасадори во Британија ги има примено преку видео врска. Сето тоа за да се заштити од короната, токму поради нејзините години.

После се што беше направено,  се покажа дека кралицата е инфицирана. И, тоа,  на само десетина денови пред владата на премиерот Борис Џонсон (само во Англија) да ги укине сите досегашни заштитни мерки во борбата со вирусот. Пред се, обврската – заразените лица  да мора да бидат во изолација до седум денови – инсистирајќи на својата  определба, прв пат спомената уште минатата година, дека – луѓето „треба да се навикнат да живеат со Ковидот“.

Претпоставка е дека токму поради сете ова, соопштението на кралската палата, освен што информира дека и кралицата е заразена со короната, настојува на секаков начин да покаже дека состојбата со нејзиното здравје не е алармантна и дека нема потреба да се стравува за  британскиот суверен.

Формиран медицински штаб

Се вели дека таа има благи симптоми на инфицираност, дека ќе остане во замокот Виндзор, во изолација, како што беше и досега, како и дека ќе може и понатаму да ги извршува своите „редовни, полесни обврски“ – главно да ги прима и да ги чита владините извештаи и да ги потпишува сите државни документи што треба да бидат од неа потпишани.

Но, сепак, бидејќи станува збор за инфициран пациент на висока возраст,  создаден е медицински штаб кој ќе ја надгледува нејзината здравствена состојба. Се вели дека засега таа е добра, но дека е многу веројатно, иако станува збор за поблага форма , кралицата ќе биде лекувана со лековите против Ковид – пред се, со Паксловид и со Молнупиравир.

За овие лекови кои се прифатени од британската агенција за лекови се вели дека се мошне ефикасни, доколку се примат во првите три, до пет денови по утврденото заразување.

Виновникот е принцот Чарлс

Загриженоста и гневот во дел од јавноста, сепак, останува, затоа што извршеното тестирање во Виндзор открило дека освен кралицата и многу други кои работат во замокот и кои се околу неа, биле исто така позитивни на коронавирусот.

Прашањето во јавноста е – како тоа било можно. Зашто не биле правени  редовни тестови на сите околу кралицата, како и зашто не се применувал системот за проверка со специјалните ковид – карти за тоа кој е вакциниран, а кој не.

Официјално е соопштено дека кралицата Елизабета се инфицирала од нејзиниот син и престолонаследник, принцот Чарлс. Тој на 10 февруари беше тестиран позитивен, по втор пат заразувајќи се со вирусот, откако прв пат беше заразен во март 2020. Два дена пред тоа, на 8 февруари, бил во посета кај кралицата и останал со неа во разговор. Од него подоцна се има заразено и неговата сопруга Камила. Тие двајцата веќе не се заразени.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе