Промоција на македонскиот јазик во Лондон
По повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик (International Mother Language Day) во Лондон се одржа мултикултурен настан, на кој покрај другите јазици, се промовираше и македонскиот јазик.
Организатор на манифестацијата беше високиот комесар (амбасадорот) на Бангладеш во Обединетото кралство, како и канцеларијата на УНЕСКО во британскиот главен град.
Всушност, дипломатските претставници на државите кои имаат свои мисии во Лондон и Британија, го претставувале својот мајчин јазик, читајќи некоја литературна творба, напишана на нивниот јазик. Амбасадорката на Република Северна Македонија, Александра Миовска, на манифестацијата, на македонски јазик прочитала изводи од познатото „Писмо до Калина“ на сега починатиот македонски писател и драмски автор Горан Стефановски.
Во оваа прилика, македонската дипломатска мисија му има оддадено посебна почит на Стефановски кој паралелно твореше, како на својот мајчин, македонски, така и на англиски јазик, живеејќи и работејќи во Велика Британија, во Кантербери, каде работеше како универзитетски професор.
Покрај Македонија, на манифестацијата учествуваа и дипломатските претставници на земјата- организатор, Бангладеш, како и на Словачка, Грузија, Србија, Намибија, Костарика и Малдивските острови.
На манифестацијата настапиле и музички и балетски групи кои секоја, на својот јазик, ги промовирале јазикот од каде потекнуваат- Русија, Индија, Шри Ланка, Грција, Франција.
Идејата да се промовира Ден на мајчиниот јазик, потекнува од Бангладеш, уште од 1999 година. Тогаш таа идеја има добиено поддршка и од УНЕСКО, па до 2000 година, овој ден (21 февруари) се одбележува низ целиот свет.
Манифестацијата го има поттикнато интересот за нашиот јазик и за неговата посебност, во словенскиот свет, па веќе се договорени и други, вакви слични промоции.
Една од нив, до крајот на овој месец е предвидено да се организира од амбасадата на Словачка во британскиот главен град.