Кетрин Денев преживеала мозочен удар
Познатата француска филмска актерка Кетрин Денев која сега има 76 години, преживеала мозочен удар.
Според изјава на претставник од нејзиното семејство, станува збор за „полесен удар“, но дека актерката ќе мора да остане извесно време во болница, особено што како што рекле лекарите, ударот би можел да се повтори.
Во првиот лекарски извештај било речено дека Денев нема последици по моторниот систем на нејзиното тело, дека нема тешкотии при зборувањето или во движењето, но дека ќе мора да се одмара.
Во вторникот вечерта таа била итно префрлена во една од париските болници, во како што било речено „ сериозна состојба“. Болеста ја погодила во текот на снимањето на нејзиниот најнов филмски проект, што се снима во околината на Париз, во режија на Емануел Берно.
Извор близок до семејството на Денев им рекол на париските весници дека актерката подолго време страдала од исцрпеност.
Кетрин Денев е позната како „икона„ на францускиот филм и на францускиот шарм од шеесетите и од седумдесетите години на 20 век. Таа стана позната низ целиот свет по улогата во филмот „Убавицата на денот“ на режисерот Луис Буњуел од 1967 година. Филмот беше означен како типичен за тие години на длабоки општествени промени не само во Франција, портретирајќи го ликот на една париска домаќинка, која во попладневните часови се претвора во проститутка.
Денев прв пат се појави во еден филм во „Шербурските чадори“ снимен во 1964 година.