Џули Ендрјуз го сокрила Оскарот на таван
Британската актерка Џули Ендрјуз за прв пат призна дека со години на ред го криела добиениот Оскар, на таванот од својата куќа, затоа што мислела дека не го заслужила.
Таа ја освои филмската награда Оскар, во 1965 година, за својата улога во филмот „Мери Попинс“. Престижната награда на Американската филмска академија, Ендрјуз ја освои за својот прв, дебитантски настап во еден филм.
Во едно телевизиско ток-шоу на Би-Би-Си, актерката која сега има 84 година ги изненадила сите присутни, па и водителот, кога им открила дека веднаш по оскаровската ноќ, својата златна статуетка ја сокрила на таванот, оставајќи ја таму долги години.
„Не мислев тогаш дека наградата Оскар ја освоив заслужено. Мислев дека таа ми ја доделија само како подарок за моето добредојде во светот на филмската индустрија и на Холивуд“ – рекла Ендрјуз.
Во текот на разговорот, таа признала и дека рано добиената награда, на стартот од кариерата и предизвикала „проблеми во животот“ и дека морала да се подвргне на терапија и на психоанализи. „Но, потоа научив да ги почитувам сите свои улоги и сите филмови во кои настапував, сметајќи го тоа и како моја обврска кон филмот, кон професијата и конечно кои гледачите кои ги гледаа филмовите“ – рекла актерката.
По првиот успех со дебитантскиот филм за омилената дадилка Мери Попинс, Џули Ендрјуз никогаш повеќе не ја освои наградата Оскар.
На два пати беше само кандидат за наградата за најдобра женска улога- прв пат, веќе наредната 1966 година за филмот-мјузикл „Моите песни, моите соништа“, а потоа во 1983 година, за комедијата „Виктор, Викторија“.