Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Кавгаџиско „добрососедство“

Кавгаџиско „добрососедство“

Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, кој недамна беше во Скопје на инаугурацијата на новиот македонски претседател Стево Пендаровски, во една куса изјава за  (српските) медиуми зборуваше за добрососедството и најави надминување на „шумовите“ во српско-македонските односи. Не кажа за какви “шумови“ станува збор, а ниту на што мисли кога зборува за „ шумови, а не за проблеми,  или за отворени прашања, како што тоа обично се вели. Како и да е, основната порака, што требаше да се разбере беше дека, сепак, двете соседни земји, се определени да имаат односи на добри соседи. Иако дадена патем, и ваквата изјава вреди да се спомене затоа што дојде по средбата на двајцата претседатели.

Сите влади во Скопје, од растурањето на некогашната федерација, имаат работено на тоа да се уредат добри односи со нашиот северен сосед, со кој имаме живеено во една заедничка држава. Барем што се однесува до македонската страна, земјата сакаше и сака да има целосно уредени  добрососедски односи и со сите други свои соседи, во што успеа, па според Европската комисија во Брисел , нашава држава е единствената во регионот која нема отворени проблеми со ниту еден од соседите. Од 2008  година, тие се пет на број, по прогласувањето на независноста на Косово и по одлуката на поранешниот премиер, сега осуденик и бегалец, Никола Груевски,  да ја признае новата балканска држава и со неа да воспостави полни дипломатски односи.

Министерска заедливост

Во секој случај, како гест на добрососедство, треба да се протолкува и одлуката на Вучиќ да допатува во Скопје, на инаугурацијата на новиот претседател на Република Северна Македонија, заедно со шефовите на државите на Албанија, Бугарија и Косово. Меѓутоа, кусо време потоа, на сметка на Пендаровски од Белград беа  испорачани  низа  заедливи и неприлични зборови кои, во основа,  воопшто не изнедуваат, кога се знае од кого доаѓаат.

Станува збор за српскиот министер за одбрана Александар Вулин, кој својата воинственост со јазикот, честопати не знае да ја контролира, кога ќе добие задача, да почне да пука по некого. Без разлика дали е во прашање политичар од домашната опозиција, или пак странски државник.

Секако, ова „странски“ се однесува само кога треба  да се расправа со некој од поранешните ЈУ републики кон кои Белград и натаму се однесува арогантно, од позиција на некаков посилен, иако не е во ситуација тоа да го прави. Засега, тој нема храброст ( или дозвола) со таков јазик да и држи лекција на една Ангела Меркел, на пример, или на Емануел Макрон, на некого од ЕУ, или САД. Секако, далеку од тоа дека би можел да  прекорува било кого од Русија, или уште помалку, тамошниот претседател. Прво, со стратешки партнер нема кавги. Од него се добиваат „сугестии и совет“’  што (некритички) се прифаќаат, главно со одмолчување пред  сопствената јавност, а конечно, доколку и би влегол во кавга со некого во Москва, веројатно би бил веднаш сменет.

„Грозна и недолична идеја“

Македонскиот претседател се најде на „ отстрел“ од Вулин затоа што во интервју за еден белградски весник, рекол дека разграничувањето ( меѓу косовските Срби и косовските Албанци, на косовскиот север) претставува грозна идеја, недолична за 21 век. Според белградската телевизија Н-1, Пендаровски рекол дека идејата за разграничување е незамисливо решение и дека би требало да се запре со лицитирањето на таа тема.

Таквиот негов коментар не е прв и единствен во регионот.

Против „белградскиот план“ – со размена на територии, или со повлекување нови гранични линии, да се реши косовското прашање – од самиот почеток се Германија и Меркел, потоа  земјите во регионот, како и низа меѓународни безбедносни експерти.  Сите стравуваат од можноста од т.н. домино ефект, што ќе рече- размената на територии и нови граници да се претвори во модел-решение и на други кризни локации, во други држави. Пред се, во најблиското српско соседство- во БиХ, но некои велат дека под закана, тогаш би се нашла и Македонија, па понатаму на Исток, се до конечното растурање на Украина и Грузија кои и онака веќе се „ распарталени“ држави и се до Кипар.

Нова балканска реалност

Едноставно, Пендаровски во својата изјава само ги брани интересите на својата земја.

Онака,  како што тоа, пред него,  го има направено и федералниот премиер на БиХ. Никој од нив двајцата, притоа,  не се  занимава со Србија и со нејзините маки ( конечно) да прифати дека на Балканот веќе две децении постои нова реалност.

Косово е независна држава и сега се бара начин како во Белград тоа да се признае. Условот на ЕУ, да се постигне меѓународно-обврзувачки договор за границата меѓу двете држави, што не мора да биде и дипломатско признавање на Косово, останува на сила и во Белград знаат дека без тоа, земјата не може да смета на влез во Унијата.

На македонскиот претседател, меѓутоа, му е префрлено со зборовите – цитирани од белградските медиуми- дека како Србија ќе ги реши своите внатрешни проблеми, не е тема за претседателот на Северна Македонија. И уште, дека ако разграничувањето е грозна идеја, тогаш Македонија треба да го повлече признанието на Косово, или да го осуди бомбардирањето од страна на НАТО, пред 20 години.

Во својата расправија, српскиот министер го вмешува и претседателот на македонскиот Парламент ( Талат Џафери) кого го обвинува за наводната промоција на картата на „ Велика Албанија“ , сугерирајќи му на претседателот Пендаровски да се загрижи од тоа, но впечаток е  како, индиректно, да го нуди  “српскиот изум“ за цртање нови граници, како некакво решение и за нашата држава!?

Белград во судир со сите

Пендаровски ( велат добронамерни луѓе во Белград) уште и добро поминал во кавгаџиското „ добрососедство“ на Вулин. . Српскиот шеф на дипломатијата И.Дачиќ, на пример, исто така,  бил многу лут на боснскиот премиер што ја осудувал идејата да се отцепи дел од северно Косово, па грубо му порачал- Кој сте бре вие да ни кажувате што да правиме ( за Косово).

Но , така или не, лекциите и прекорите, покажуваат една сосема поинаква слика за Србија, земја која веќе има отворен преговарачки процес со ЕУ,  која, меѓутоа,  како што стојат работите, со јазикот на Вулин,  излегува дека е во „ војна“ со сите свои соседи , од државите од екс Југославија.

Тој еднаш е  во вербален судир со Хрватска, па тамошните политичари ќе ги означи како „ фашисти“, па потоа со БиХ, но само со муслиманските политичари, па со Црна Гора, која како да е „ дежурен виновник“ и од време на време и со Македонија. Со Хрватска, со БиХ и со Црна Гора, српската страна има и гранични спорови и не решени состојби, што би требало да ја прави земјата неподобна за отворање преговори со ЕУ. Од минатото лето се продава и идејата за разграничување , иако досега никој во Белград, не застана пред домашната и пред меѓународната јавност да рече дека тоа е предлогот што го нуди Србија, за да се согласи, да ја прифати новата балканска реалност.

„Голема Албанија“ и „Стара Србија“

Освен тоа, Вулин на македонскиот претседател ќе му дели заедливи лекции, а притоа, ниту тој, а ниту било кој друг од српскиот државен врв се нема  консултирано со своите соседи, или барем да ги има известено за својот план. Пендаровски , секако, реагирал како претседател на една земја- соседка, која е загрижена за цртањето нови граници низ Балканот , особено после се она што се случуваше при распадот на Југославија , од што регионот се уште не може да се извлече.

Затоа, токму цртањето некаква нова граница во Косово делува како најголемата закана, бидејќи тоа би можело да  храни и да одржува во живот една национал-романтичарска фикција за некаква „ Голема Албанија“ со која Вулин треба да не исплаши, нас во Македонија.

На интернет се цртаат и се пропагираат и други карти на фиктивни „ големи држави“ , како карта на „ Стара Србија“  според која е избришана, а не само поделена Македонија. На некои српски тв станици се водат дебати за тоа „ како Србија ја загубила Стара Србија“ и зошто, воопшто, тоа се случило! Тоа е, исто така, фикција во главите на старомодни националисти, каква што е и фикцијата со „ Голема Албанија“. Некои и овде цртаа и цртаат карти и на „Голема Македонија“ , иако поради таа лажна историја и измислените историски приказни за фрустрирани квази-патриоти, државата мораше да додава географска одредница на своето име, за да стави крај на сите будалести иридентистички идеи.

Конечно, во Белград нема објаснување како со едно вакво решение би се „ спасиле Србите“ кои се на Косово, кога од оние едвај 150 илјади, поголемиот дел живее далеку од замислената линија на разграничување. И, не стравува ли Вулин дека со планот би можело да се отвори криза и во самата држава Србија ? Во Санџак, на пример, па дури и во Војводина, каде според проценки на локални аналитичари, тамошните Унгарци повеќе му се лојални на Виктор Орбан, унгарскиот премиер, кои на сите им има разделено унгарски пасоши , отколку на властите во Белград.

Повратен удар

Српскиот министер Вулин, меѓутоа,  само за една работа е во право. Тоа е дека само Србија може да си ги решава своите внатрешни проблеми. Во нив, сепак, не влегува Косово, уште од времето на одземањето на косовската автономија. Земјата веќе престана да биде српско внатрешно прашања. Сега тоа е прашање кое ги погодува сите околу него и околу Србија, како и сите другите во потесниот, или во поширокиот регион,  зашто може да предизвика повратен удар. Тоа Вулин како војник, би требало да го знае.

Значи, не станува збор дека македонскиот претседател се обидувал да  ги уредува состојбите, внатре во Република Србија. Тој тоа не го прави,  со една вака срочена  своја изјава за белградски весник.

Пострашна е една друга работа, која како да се заборава. Станува збор за едно ( најблаго речено) крајно недобрососедско однесување од другата страна, откако во Скопје ќе се открие дека првата сосетка, нејзиното разузнавање, заедно со тајните служби на една голема држава , биле вклучени во обидот за пуч во Македонија, на крајот од април 2017 година. Кога ќе се сфати дека српски разузнавачи помагаат, на власт во Македонија да остане еден антидемократски и криминален режим, а подоцна како го менаџираат бегството на лидерот на тој режим , правосилно осуден за корупција, преку српската државна територија.

Александар Вулин во својата недобронамерна „лекција“ испратена до Скопје  не објаснува дали тука некаде треба да се бараат „ шумовите“ што двете соседни земји требало да ги отстранат.

(Спектатор)

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе