Еве зошто – Европа веднаш!
Поминаа толку очекуваните, подготвуваните (режирани), со пари и лажни ветувања логираните (купени) и посакуваните од вмровците: локални избори. ДПМНЕ-олигархиско-мицковистичка, заедно со ЗНАМ-бранковистичка и ВРЕДИ-големоалбанска, експресно и целосно ја запоседнаа Република Северна Македонија! Сега ги имаат сета државна моќ, алатки и пари. По втор пат националистичко-популистичката партија освои апсолутна власт и, многу побргу од неговиот ментор, бегалецот од правдата во Будимпешта, октроираниот лидер ја зароби државата.
Наци0нал-социјалистичка групација
Оваа национално, идејно и социјално контроверзна групација, со своите национал-социјалистички и големоалбански партнери ја запоседна комплетната власт: премиер, влада, претседател на државата, речиси двотретинско мнозинство во Собранието, суетните социјалдемократски сончогледи и антимакедонските албански националисти, локалните заедници, Народната банка, Уставниот, Врховниот, Кривичниот, Управниот суд, обвинителствата, најзначајните медиуми кои добиваат пари од буџетот и од Будимпешта, „независните“ регулаторни тела, најголем дел од „невладините“, а да не се зборува за социјалните мрежи… Наместо со уставниот систем на поделба на власта, се востановува систем на единство на власта на чело со автократ!
Главен сојузник на властодршците, поточно профитерски водач на неуката владејачка групација на персони со сомнителни интелектуални, професионални и искуствени капацитети се неколкумина македонски, условно кажано, олигарси, кои своите богатства ги стекнаа во транзицијата, на сметка на оние стечајци и онеправдани од приватизацијата, кои сега се членови, поддржувачи и најверни гласачи на ДПМНЕ
Најлош извештај од Европа
Република Северна Македонија деновиве го доби досега најлошиот извештај од Европската комисија откако се здоби со кандидатски статус. Земјата, која во ЕУ ја третираат како „тажна приказна“, најмногу по сопствена вина, стагнира во секој поглед: неусвојување на единствениот услов за почеток на преговорите со ЕУ, реформи нема, корупцијата и криминалот кулминираат, неказнивоста „оро игра“, правната држава и владеењето на правото калираат, државните институции се партизирани, заробени и нефункционални, правосудството е под притисок и закани, тефтерчето на Гоца е заменето со тефтерчето на Мицко, власта се грижи само за своите партиски и лични интереси за моќ и богатење, „Калето“ постојано се „слика“ со вмровците…
Епилогот од изборите е многу интересен и од аспект на идните случувања, особено околу трагедијата во Кочани, фингираната афера околу ѓубрето во Скопје („валкаме три месеци за да исчистиме“ за три дена), еколошките катастрофи со Вардариште, Дрисла, Трубарево, корупцијата во земјоделството, позицијата околу евроинтеграциите… Се очекуваат нивните лажни претставувања од страна на невидениот релативизатор и
македонско „лажливо овчарче“, кое, изгледа, не живее овде, не ги сфаќа состојбите и не ги чувствува маките на граѓаните (мали плати, голема инфлација, небезбеден и тежок живот…)
Кочани-ноќна мора за власта
Кочани стана ноќна мора за власта. Трагедијата не смее да се споменува на нивните речиси целосно контролирани јавни, приватни и социјални медиуми. Масовната поддршка на „Маршот на ангелите“ во Скопје ја заплаши власта. Судењето почнува деновиве за газдите на ноќниот клуб, градоначалникот, поранешни министри, градоначалници и други функционери. За директните виновници за трагедијата, обвинение нема, тоа е во постапка! Се знае зошто оваа постапка се развлекува – тие се или членови на ДПМНЕ или се поставени на своите позиции од лидерот и партијата. За нив се уште се прибирале докази (!), нема обвинителен акт, а ако биде поднесен, ќе има судска проценка за неговата издржаност! Но, затоа, судот и судиите се „поставени и построени“ за овој процес!
Во Европа ваквите случаи, морално-политички, се решаваат веднаш. Неодамна во Словенија беше убиен Алеш Шутар. Настанот се случил пред ноќен клуб во Ново Место, каде што човекот се обидел да го заштити својот син од напад. Министерката за правда и министерот за внатрешни работи истиот ден поднесоа оставки, преземајќи морална и политичка одговорност за слабостите во системот. Премиерот веднаш ги прифати.
Во Србија се случи вистинска студентско-граѓанска револуција по трагедијата со падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 16 лица. Оставки поднесоа министри, директори, инвеститори… Власта не сака да признае одговорност, но нејзиниот трон е разнишан …
Корупција и нечистотија
Што ќе се случи во Северна Македонија по Кочани, Вардариште, Дрисла, Трубарево, „ѓубрењето“ на Скопје, откриената корупција со ИПАРД 3 фондовите во земјоделството… Ништо! Молк! Ќе се сведе на: „се тресеше гората, се роди глушец“. Институциите релативизираат, префрлаат вина, измислуваат приказни, премиерот се што е негативно поврзува со претходниците, иако негов пулен е фатен со „рацете во медот“, односно со бележани евра! Одговорност нема, тешко дека ќе има!
На еден транспарент во Нови Сад, на годишнината од трагедијата со настрешницата, беше напишано „Мирно спавај свете, није твоје дете“. Ова важи и за нашите властодршци, но и за дел од граѓанството. Премиерот кажа дека со првиот полицаец со кренати глави одат во Кочани! И, победуваат на избори! Веројатно, и мирно спијат! Иако, поради пропустите на власта, од локално до државно ниво, беа загубени 63 млади животи, а трајни инвалиди, физички и психички, ќе останат околу 200 млади. Одговорноста, макар и морална, на министерот за внатрешни работи веројатно ќе биде релативизирана со преместување во покомотната фотелја на Министерството за правда!
По пожарот во Кочани, Мицкоски изјави дека треба да се причека резултатите од локалните избори да покажат дали власта е одговорна за трагедијата во Кочани! Сега треба да се очекува релативизирачка изјава на лидерот дека убедливата победа на изборите, посебно во Кочани, покажува дека актуелната власт нема никаква вина за пожарот и за загубените млади животи во дивата дискотека! И за се друго!
Вмровците не сакаат во ЕУ
Во Македонија од времето на Љ. Георгиевски, поизразено во времето на Груевски, до времето на Мицкоски, владее неказнивоста: за фингираната војна 2001 за зачувување на власта со поделба на Македонија, за „Ново насеље“ во Куманово, за одвраќање на вниманието од бомбите на Заев за системски организиран криминал на власта, за исфрлањето на пратениците на опозицијата во 2012 година, за обидот на државен удар од Груевски во 2017 година, за неуставно останување на власт, за актуелните криминали…
Еве, заради сите овие работи, потребно е Република Северна Македонија што поскоро да ги започне преговорите со ЕУ. За се во земјата да биде под лупата на Унијата и да се владее и одговара по европски терк. А не како сега, власта, странски сили и транзициските олигарси „да ја заматуваат водата за да ловат во матно“, богатејќи се на грбот на обичните граѓани, кои, заслепени од пропагандите и корупцијата, упорно гласаат за нив, а во корист на сопствената штета!
Манчо Митевски
