Шкотска: нов референдум за независност?
Шкотскиот прв министер Никола Старџен соопшти дека таа и нејзината Шкотска национална партија (СНП), почнуваат кампања за нов референдум за независност, објаснувајќи дека тоа не е израз на „обичен сепаратизам“ туку дека станува збор за потреба за земјата затоа што, според неа, таа економски силно би профитирала од напуштањето на Обединетото кралство.
Според Старџен ова сега е вистинско време за да одново се разгледа излегувањето на Шкотска од Велика Британија.
„После се она што се случи, после Брегзит и напуштањето на ЕУ и покрај несогласувањето на Шкотланѓаните, време е да се постави и промовира поинаква и подобра визија за земјата“ – има речено Старџен на почетокот од кампањата за втор референдум за шкотската независност.
Започната кампања
Таа го објави првиот од низата документи на владата во Единбург во кои ќе се изнесуваат аргументите во прилог на отцепувањето од Британија и уредувањето на Шкотска како посебна и целосно независна европска држава. Сега, Шкотска како дел од Обединетото кралство, има најширока автономија.
Земјата има посебен Парламент (Холируд) кој има законодавна улога, за разлика од Собранијата во Велс и во Северна Ирска, како и своја влада која има овластувања да ги покрива сите области од економијата, социјалата и општествениот живот во Шкотска, независно од централната влада во Лондон и од британскиот Парламент.
Владата и Парламентот во Единбург немаат овластувања само во секторот на надворешната политика и одбраната.
Шкотска, инаку, пред повеќе од 300 година постоела како независна и суверена држава со свој монарх, комплетно уредена власт и своја црква.
Брегзит ја измени ситуацијата
Ситуацијата наеднаш се има изменето по големата финансиска криза со која се имаат соочено Шкотланѓаните од пред три века, па тогаш им предложиле на Англичаните да се обединат во една заедничка држава. Шкотска се согласила да ја прифати англиската круна и да го распушти својот Парламент, по што е создадена новата држава – Обединетото кралство Велика Британија.
Настојувањето Шкотска да ги поврати своите стари позиции како самостојна држава, не се од скоро и тие се провлекуваат низ изминатите векови.
Процесот добива забрзување со активирањето на партијата СНП која почнува силно да агитира за независноста и за шкотската посебност, а посилен подем во поново време, велат, има откако за лидер беше избран Алекс Салмонд, кому подоцна како заменик лидер му се има приклучено Никола Старџен.
Тие двајцата својата определба за отцепување, успеаја да ја истуркаат до формално барање до Лондон за референдум за независност, што владата на тогашниот британскиот премиер Дејвид Камерон, на крајот, го дозволи.
Неуспех на првиот референдум
Референдумот се одржа во септември 2014 година и на него мнозинството Шкотланѓани (55 отсто за останување, а 45 отсто за напуштање на Британија) се определија против отцепувањето
Салмонд кој во кампањата се преставуваше како премиер, што по Уставот не може да биде, бидејќи таа функција му припаѓа само на британскиот премиер во Даунинг стрит 10 во Лондон, ветуваше дека Шкотска како самостојна држава ќе се раздели од англиските евроскептици.
Тој тогаш зборуваше дека веднаш ќе ја внесе земјата во ЕУ и за тоа дури имаше и разговори со Брисел, како и дека фунтата ќе ја замени со еврото. Сепак, не успеа да ги увери луѓето од британскиот Север дека како независни ќе им биде подобро.
Силен и моќен аргумент на Лондон за нерастурање на Обединетото кралство, беа аргументите на Камерон и на двајцата силно проевропски поранешни премиери – Тони Блер и Гордон Браун, кои се вклучија во кампањата, уверувајќи ги гласачите дека нема потреба за отцепување кога Британија и онака е членка на ЕУ.
Одлуката на суд?
Никола Старџен сега вели дека ситуацијата од пред осум години е значително изменета, токму поради ЕУ и европските перспективи на Шкотска, откако Англичаните “ги измамија“ сите другите во државата и предводени од Борис Џонсон кој сега е премиер на Британија, ја напуштија Унијата На референдумот за ЕУ, над 65 отсто од населението во Шкотска беше против Брегзит.
„Да знаевме во 2014 година по кој пат ќе тргне Обединетото кралство, воопшто не се сомневам дека луѓето во големо мнозинство ќе гласаа за независност“ – има речено Старџен во интервју за Би – Би – Си.
Владата во Единбург сака новото изјаснување за иднината на Шкотска да се спроведе до крајот на 2023 година. Но, за реализација на таа замисла потребна е согласност на британскиот премиер, а Џонсон е категорично против. Затоа, ако Борис Џонсон остане на сегашната позиција, за барањето на Шкотска ќе мора да одлучуваат судовите – британските и меѓународните.
(Д.Л.)