Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Меркел испратена со Бетовен и Нина Хаген

Ale_Mi/Depositphotos.com

Меркел испратена со Бетовен и Нина Хаген

Крајот на една богата политичка кариера и на владеењето на Ангела Меркел со Германија беше обележан со звуците од една романтична песна на Лудвиг Ван Бетовен и со еден стар, заборавен источногермански панк хит на Нина Хаген, што во нејзина чест ги отсвири воениот оркестар на германската армија.

По 16 години поминати како канцелар, во четири едно по друго мандати, Меркел му ја предава власта и управувањето на земјата на Олаф Шолц, лидер на германските социјалдемократи, досегашен нејзин коалициски партнер и министер за финансии во последната нејзина влада, со една традиционална церемонија на испраќање на германските политичари – со ноќна воена парада на војниците кои наместо оружје носат само запалени факли.

Ваквата поворка на војниците е највисоката почест што војската може да му ја даде на еден цивил на државничка функција и таа потекнува уште од 16 век.

Анти научни ставови и теории на заговор

Меркел им се заблагодари на сите свои соработници и му посака успех на својот наследник кој не од редовите на нејзината партија ЦДУ, а потоа зборуваше за предизвиците со кои таа се има соочувано изминатите години како канцелар. Позиција на која како партиски лидер, а потоа и како канцелар го наследи Хелмут Кол, човекот за кого Германците ќе го паметат како канцеларот кој ја обедини Германија.

Во оваа прилика Меркел, меѓутоа, се осврна и на некои теми и прашања на кои досега ретко, јавно има зборувано – како што се раширените анти – научни ставови во германското општество и за се поприсутната практика за промовирање на разни теории за заговор.

При тоа, таа има речено – „Секаде каде се негираат научните факти, а се шири кампања на омраза, на нетрпеливост и на разни видови заговори, мора да се реагира. Тој отпор на ваквите појави и состојби мора да биде гласен и силен” – има речено досегашниот канцелар.

Финансиската и бегалската криза

Како најголеми предизвици во текот на нејзиното раководење со германската влада, таа ги има посочено финансиската криза која почна (неочекувано) во октомври 2008 година, како и бегалската криза од 2015, со големиот наплив на бегалци од кризните зони на Блискиот Исток, но и мигранти од тој регион, од Средниот Исток и Африка.

„Тогаш разбрав колку се важни меѓународните институции и мултилатералните инструменти, затоа што ниедна криза, па и овие две, не познаваат граници” – рекла Меркел.

Меѓутоа, не толку германската, колку европската јавност, посебно се интересираат за целиот церемонијал на испраќање, што некои дури го квалификуваат на контроверзен, иако не е уприличен специјално за неа. Станува збор за нешто што се користи редовно, не само при повлекувањето на некои од досегашните канцелари. Ваква ноќна парада имало и при заминувањето на новата должност, на актуелната претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која претходно беше министерка за одбрана.

Но, сепак, најмногу интерес предизвикува музиката што ја има изведувано германскиот воен оркестар, додека војниците со лесен чекор минувале пред канцеларот на заминување.

Трите песни на Меркел

Традицијата налага личноста во чија чест се одржува церемонијата – самата да избере три нумери што сака во таа прилика да им ги отсвири воениот оркестар.

Поранешниот канцелар Герхард Шредер, на пример, на времето, побарал една од мелодиите при неговото заминување да биде големиот хит на Френк Синатра – Мојот пат, па предизвикал бројни контроверзии во домашната јавност.

Меркел. пак, се определила за една црковна екуменска песна, а потоа за евергрин нумерата на германската пејачка Хилдегард Книф („Нека за мене врне дожд од црвени рози“). За оваа песна се зборува дека има „текст со двосмислена порака“ – посебно на крајот. Во него се вели – „Не ми е доста – и понатаму сакам да победувам, сакам се или ништо“.

И, конечно, третата нумера – дамнешниот хит на некогашната пејачка од поранешната Источна Германија – Нина Хаген, која по префрлањето во Западна Германија, стана панк – икона. За овој избор на досегашната канцеларка има и најмногу коментари.

Носталгија кон младоста во ГДР?

Песната носи наслов – „Го заборави филмот во боја“ – и за неа се знае дека била голем хит во 1974 година, во времето кога Меркел била студентка на Универзитет во Лајпциг, во тогашната ГДР, каде идната германска политичарка студирала и дипломирала физика.

Оние кои ја познаваат Меркел велат дека хитот на Хаген зборува за самата неа, како родена Источногерманка, од градот Тамплин во покраината Бранденбург. Меркел е израсната со таа песна на „откачената“ Нина Хаген, па велат дека сите кои потекнуваат од тој дел на комунистичка Германија – се уште го паметат текстот.

Во дел од германската јавност сега прашуваат – зошто токму оваа песна и оваа пејачка. А, одговорот најчесто е дека веројатно станува збор за носталгија кон старите времиња (секако не и кон некогашната ГДР) и најчесто сите се согласуваат дека во прашање е рафинираната смисла за хумор на Меркел и возраста, кога луѓето се подготвени да простуваат.

И, уште нешто – Меркел, пред 30 години, како млада министерка за женски прашања и за младите, во една ТВ дебата се има сретнато со Хаген, која онаква каква што беше и одржувајќи го својот панкерски имиџ и има речено – Доста ми е од вашето лажење и лицемерие.

Сега стана јасно дека политичарката не и замерила на панкерката за грубите зборови.

Најмоќната жена во Германија и Европа

Како и да е, големо мнозинство од Германците, кои последниве години ја имаат ословувано како „муте“ – „мајка“ – признаваат дека по 16 години поминати заедно, ќе им недостига, а дека над се, ќе и недостига на германската политика.

На возраст од 67 години, велат, таа може достоинствено да замине во политичка пензија, упорно повторувајќи дека не сака повеќе ништо што би ја врзувало за политиката – па, нека е тоа и меѓународната.

Во своите четири мандати, оваа некогашна „источногерманска пионерка“ – како канцелар на обединета Германија, се има издигнато во најмоќната жена во Германија и во Европа.

Беше првата жена канцелар, која во светот беше респектирана и почитувана, без разлика што сите и секогаш, се немаат согласувано со нејзините ставови и со нејзината политика. „Изгледаше дека на крајот ќе се покаже дека „муте“ е во право“ – забележуваат сега некои германски коментатори.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе