Македонскиот бизнис на баварскиот вмровец
Германскиот пратеник Тобијас Цех, од баварската Христијанско – демократска унија (ЦСУ) поднесе оставка на својата пратеничка функција. Соопшти и дека го враќа мандатот и се повлекува од политиката, откако се откри дека бил на платниот список на избеганиот поранешен лидер на скопското ВМРО и екс лидер на оваа антиевропска партија, осуден за криминал кој на мистериозен начин побегна во Унгарија, за да не оди во затвор.
Според Дојче Веле кој на скандалот му посветува голем публицитет, Цех го напушти Бундестагот затоа што земал пари од националистичката ВМРО и во исто време го подржувал Н. Груевски, човекот кого ЕУ го обвини дека за своите над 10 години на власт ја има целосно заробено Македонија.
А, овој Баварец, не само што во германската (десничарска) јавност го помагал бившиот премиер – како да владее со Македонија – туку од Скопје, од тогашната власт, земал и пари – за услугите што на вмровците им ги пружала неговата ПР фирма.
Скандали кај германските демохристијани
Во Берлин се смета дека станува збор за уште една од политичките „бомби“ со кои последниве месеци се соочуваат германските демохристијани (ЦДУ/ЦСУ) и канцеларот Ангела Меркел, во нејзината последна година како политички лидер на Германија и на нејзината ЦДУ, пред парламентарните избори во септември.
Демохристијаните, засега, се уште имаат предност пред другите партии, но скандалите во партиските редови кои се појавуваат еден, по друг се закануваат овој десно – центристички блок да доживее пораз, па дури и да биде симнат од власта.
Откритието за Цех и за неговите македонски „бизниси“ доаѓа по избувнувањето на аферата за посредничката работа во врска со набавката за медицински маски кои на некои пратеници – бизнисмени, од типот на Цех, им имаат донесено големи пари – и тоа среде пандемијата.
Кој знае, намерата на скопските вмровци, на чие чело (привремено) седи човекот кого истиот тој Груевски го постави за да му го чува местото, да покренат таква слична афера за македонскиот министер за здравство, можеби е предложена од ПР друштвото на Цех – само за да се дискредитира македонската проевропска влада. Целта на овие овдешните е да се пали јавноста до октомвриските локални избори.
Во служба на избеганиот осуденик
Цех, инаку, за оставката и за бегството од Парламентот ги има известено своите колеги – пратеници со СМС порака.
Но, Дојче Веле се повикува на истражувачкиот тим на неделникот Шпигел кој продолжува да го прогонува нечесниот пратеник на ЦСУ кој директно се има замешано во македонските политички состојби и работи, пред изборите во Македонија во есента 2016 година. Новинарите откриле дека приватната фирма на баварскиот политичар добила (засега се знае) за 50 илјади евра, за услугите што им ги давала на партијата ВМРО.
На редакцијата на Шпигел Цех и признал дека им давал услуги на вмровците за да тие одново победат. Но, се бранел дека неговиот бизнис (наводно) бил целосно одвоен од политиката на Германија и тамошните интереси, иако, практично, дејствувал контра политиката на официјален Берлин.
Според Шпигел, Цех лаже дека не се мешале личните и политичките интереси, бидејќи неговата фирма за политичка пропаганда земала пари од скопската партија на Груевски, а како пратеник тој лобирал во Берлин и во Бундестагот – да му се дава поддршка на екс македонски премиер.
Цех на партиски митинг
Згора на се, тој (како и Унгарецот Петер Сијарто кој е шеф на дипломатијата на Виктор Орбан) дошол во Скопје и се појавил на митинг на вмровската партија. „Мои дами и господа, ако гласате за оваа партија, ако одново го изберете Н. Груевски, тогаш сте го избрале патот за иднината на Македонија“ – рекол на скопскиот митинг Цех.
Како претставник на баварската ЦСУ во парламентарното собрание на Советот на Европа тој редовно се состанувал со тогашниот неприкосновен лидер од Скопје. Постои сомневање дека токму Цех му има обезбедено на сега осудениот за криминал политичар, да се среќава со видни германски политичари од ЦДУ/ЦСУ, меѓу кои и со Хорст Зехофер, кој сега е министер за внатрешни работи, од редовите на ЦСУ, а тогаш беше лидер на „сестринската партија“ на ЦДУ.
Сето тоа се случувало во време, кога според германските медиуми, Цех не би смеел тоа да го прави, дури и да го нема прекршено германскиот закон. Затоа што тоа е времето кога истиот тој Груевски веќе беше длабоко заглавен во криминални и противдржавни работи.
Од обид за пуч, за да остане на власт, преку откритието за 25 илјади прислушувани македонски граѓани чии снимки, тогашната опозиција, предводена од сегашниот премиер Зоран Заев, веќе ги објавуваше.
„Немав поим за криминалите“
Тогаш се уште владејачката партија, што Цех – за примените пари – ја има промовирано низ Берлин, веќе беше обвинувана и за едно убиство, како и за перење пари, за системска корупција поттикнувана од врвот на власта, за претворање на државата во приватна фирма на семејството на сега избеганиот екс премиер и неговите најлојални сопартијци
За Шпигел тој сега се брани дека немал поим што и како работи неговиот македонски пулен и дека за сето тоа разбрал подоцна – од германските медиуми. Уште тврди и дека неговата фирма за ништо од тоа не знаела, ниту дека била вклучена – давајќи совети. Медиумот, сепак, се сомнева во сето тоа, затоа што во два одделни процеси бившиот премиер е осуден на 3,5 години затвор, додека во отсуство му се суди за други потешки случаи.
Тој, меѓутоа, во 2018 година, под мистериозни околности побегна од Скопје, пред да оди да ја отслужи казната затвор.
Побегна прво во Албанија, каде во унгарската амбасада во Тирана има добиено политички азил, па како азилант со унгарско дипломатско возило, преку Црна Гора и територијата на Србија (велат со знаење и одобрување на Белград) беше префрлен во Унгарија, за да сокрие во Будимпешта, под заштита на тамошниот властодржец Виктор Орбан.
Признание за грешна проценка
Дојче Веле објаснува дека на германските пратеници не им е забрането да се занимаваат и со друга работа додека се членови на Бундестагот, па дури и да земаат – како што пишува овој медиум – пари од типови како што е Груевски.
Но, како илегално се смета кога ќе се создаде впечатокот дека земаат пари, продавајќи го своето политичко влијание што го имаат во Германија. А, токму тоа го правел Цех, за што во Франција, на пример, беше осуден на затворска казна еден поранешен претседател (Саркози).
Германецот, меѓутоа, смета дека правно тој бил сосема чист. На своите сопартијци, тој, сепак, им признава дека погрешил, кога станува збор за поддршката на Н.Г. и на неговиот македонски бизнис.
„Од денешна перспектива гледано, не би ја прифатил работата, со Македонците, како што тоа го направив во 2016 година“ – вели сега Тобијас Цех.
Канабис-бизнис со Македонец
Неделникот Шпигел пишува дека тука не завршува приказната за овој млад политичар од Горна Баварија. Тој е школуван да биде трговец, но по кусо занимавање со таа работа, се пријавува во германската армија, на договор – како инжинерец. Во политиката влегува на 32 годишна возраст, кога за прв пат бил избран за пратеник на ЦСУ.
Во меѓувреме ја има продадено ПР фирмата и наместо политички маркетинг се префрла на еден друг бизнис – на канабисот.
Од септември 2019 година е раководител на фирмата „ФармКан“ во Германија.
Шеф на надзорниот одбор во таа фирма е – Македонец – Златко Кесковски. Овој, пак, е поранешен втор човек на македонската тајна служба УБК, во време на режимот на екс премиер-бегалец и работодавач на Цех. Кесковски има дозвола, добиена од поранешните вмровски власти да одгледува канабис во Македонија. Има цела плантажа близу Скопје, од која се планира принос од 15, 5 тони канабис годишно.
Тобијас Цех, пак, вели дека планот на таа фирма е целото производство да се извезува во Германија – само за медицински потреби.